Рецензија

  • (Рецензија за гостувањето на дуото „Дармар“ на „Класика меѓународен фестивал Струмица 2026“)

Петтото издание на „Класика меѓународен фестивал Струмица 2026“ се отвори со концерт што не беше само музички настан туку и вистинско сведоштво за можноста уметноста да создава нови светови. Вечерта започна со звук, а заврши со чувство дека присуствувавме на нешто ретко, нешто што не се случува често дури ниту на поголеми и позвучни фестивалски сцени.
Особено е значајно што станува збор за фестивал што ја негува камерната музика како еден од најсуптилните и најпрефинети облици на музичко изразување. Во време кога спектаклот често ја засенува суштината, камерниот пристап останува синоним за квалитет, посветеност, комуникација и длабоко разбирање на музичката мисла. Токму затоа отворањето со еден ваков камерен состав добива уште поголема тежина и значење.
Дуото „Дармар“, со Дарко Багески на гитара и Марко Хатлак на хармоника, не се претстави само во најдобро светло – тие создадоа сопствена светлина. Од првиот тон до последната резонанца, нивниот настап беше дијалог меѓу два исклучителни музички сензибилитети што не се натпреваруваа туку се надополнуваа во една ретко видена хармонија. Репертоарот беше осмислен со висока уметничка интелигенција. Бах, Бизе, Албениз и Пјацола не беа само изведени туку одново проживеани. Секоја композиција доби нов контекст, нов простор и нова боја. Рециталниот пристап на двајцата музичари беше врвен, со исклучителна техничка сигурност и со емоционална доза што не оставаше простор за рамнодушност.
Посебно впечатливи беа авторските интервенции во аранжманите. Тоа не беа само адаптации туку и творечки чинови во кои традицијата и современоста се сретнаа со ведрина и со самосвесна уметничка слобода. Публиката со воодушевување ги следеше овие преобликувања, препознавајќи ја во нив искрената потреба за истражување и создавање.
Најголемата вредност на овој концерт можеби лежеше во смелоста. Смелоста да се посегне по репертоар што ретко се слуша во ваква постава. Смелоста за некои композиции првпат да зазвучат како дуо на гитара и хармоника. Смелоста да се ризикува заради убавината. Токму тука се крие и нивната уметничка победа.
Како камерен состав, „Дармар“ покажува колку многу може да се каже со малку средства, кога зад секој тон стојат знаење, искуство и уметничка визија. Во камерната музика нема простор за прикривање; секоја мисла е оголена, секоја нијанса е слушлива, секој здив станува дел од музиката. Токму затоа ваквите изведби се најдобар показател за вистинскиот квалитет на еден ансамбл.
Овие камерни изведби покажаа дека експериментот не мора да биде затворен во елитни кругови. Напротив, тој може да биде разбирлив, возбудлив и длабоко комуникативен. Таквиот пристап заслужува да полни и поголеми сали, да отвора нови фестивали и да биде претставен на голем број меѓународни сцени каде што класичната музика сè уште се сфаќа како жив и отворен простор за создавање. Адаптациите на македонските песни беа вистински мали ремек-дела. Тие не го загубија своето потекло, туку напротив, го истакнаа со уште поголема јасност и достоинство. Доведени до речиси совршенство, овие изведби покажаа колку е богат музичкиот јазик кога е во рацете на уметници што знаат да слушаат, а не само да свират.
Со овој концерт фестивалот не само што успешно се отвори туку и ја постави летвичката високо. Вечерта остана да трепери во просторот како потсетник дека вистинската уметност не се мери со гласноста на аплаузот, туку со траењето на нејзиното ехо во нас. А ехото на „Дармар“ ќе остане долго да одѕвонува.

Митко Гогов, концептуален уметник, поет и граѓански активист