- Не распад, туку „фрагментирана интеграција“. Она што се случува во ЕУ не е едноставен судир меѓу проевропски и антиевропски сили, туку трансформација на самата природа на интеграцијата
Суверенистичките влади не ја напуштаат Европската Унија, туку тие ја редефинираат одвнатре. Нивната логика не е излез, туку преговарање во насока на повеќе национална контрола, помалку идеолошка униформност и постојано балансирање меѓу либералната доктрина на Брисел и сопствените економски реалности.
Во таа смисла, иднината на ЕУ нема да се реши со големи расколи, туку со серија континуирани компромиси. Европската интеграција влегува во фаза во која единството повеќе не е даденост, туку секојдневен политички договор, како кревок, динамичен и предмет на постојано преговарање.
ЕУ е сложена конфигурација на држави што станаа и зависни од заедничките институции на Унијата
Европската Унија денес сè помалку личи на политички монолит со јасно дефинирана насока, а сè повеќе на сложена конфигурација на држави што истовремено зависат од заедничките институции и ги преиспитуваат нивните граници. Во тој контекст, т.н. „суверенистички“ влади и партии не претставуваат единствен блок, туку спектар на стратегии од отворена конфронтација со Брисел до внимателен прагматизам со селективна соработка.
1. Унгарија: Лабораторија на „контролирана конфронтација“
Унгарија беше најизразениот пример на суверенистички модел во ЕУ. Под водството на поранешниот премиер Виктор Орбан, политиката на Будимпешта се градеше врз идејата за „нелиберална демократија“ и „стратешка автономија од Брисел“. Односот со Европската Унија беше трајно напрегнат, што доведе до замрзнување на добар дел од европските фондови за Унгарија. Но парадоксот на унгарската позиција е во тоа што економскиот опстанок остана длабоко врзан за истата таа ЕУ и тоа добро го знае новиот премиер Петер Маѓар. Тој ќе направи серија компромиси со Брисел со внимателен прагматизам и со селективна соработка, сѐ додека либералните елити на Брисел ќе се обидат идеолошки да го индокртинираат Маѓар, кој ќе почека да се трансформира Европа (и светот кон мултиполарни центри), и потоа неговиот прагматизам ќе се врати кон отворена идеолошка конфронтација на либералната доктрина на елитите на ЕУ. Со премиерот Маѓар, работите на прв поглед како да се менуваат, но прагматичните канали, особено во енергетиката (што создаваше впечаток на „двоколосечна надворешна политика“), Унгарија тешко дека ќе ги напушти, првенствено поради своите граѓани и стопанство. Маѓар ќе се обиде да ги максимизира преговарачките позиции меѓу Исток и Запад, и покрај разликите во идеолошките позиции со голем дел од западните земји.
2. Словачка: Модел на селективен суверенизам
Словачка, под премиерот Роберт Фицо, се движи кон обновен модел на селективен суверенизам. За разлика од унгарскиот идеолошки проект, словачкиот пристап е пофлуиден и посензитивен на економските ограничувања.
Братислава формално останува проевропска, но реториката кон Брисел се заострува, особено во однос на санкциите кон Русија и енергетската политика. Словачка тука ја рефлектира пошироката дилема на Централна Европа: зависност од европскиот пазар, но и политичка резерва кон геополитичките линии што ги поставува Брисел. Словачкиот суверенизам не се темели на идејата за напуштање или слабеење на Европската Унија, туку на обидот да се зачува поголем простор за самостојно дефинирање на националните приоритети. Во тој контекст, владата на Роберт Фицо настојува да ја позиционира Словачка како држава што ќе ги поддржува европските политики само кога тие директно се совпаѓаат со домашните економски и социјални интереси.
Особено чувствителна тема останува енергетиката. Словачката економија и индустриска база се силно зависни од стабилни и достапни енергетски ресурси, поради што некои европски мерки често се перципираат низ призмата на нивните економски последици, а не само преку геополитичката логика. Оттука произлегува и критичкиот однос кон дел од санкциските режими, за кои во Братислава постои страв дека можат да создадат поголем товар за националната економија отколку за целните држави.
Покрај економските аргументи, словачката политичка дебата сè повеќе го нагласува прашањето на демократскиот легитимитет во рамките на ЕУ. Во јавниот дискурс се појавува став дека одредени клучни одлуки се носат на европско ниво без доволно земање предвид на специфичните интереси на помалите членки. Ова не претставува отфрлање на европската интеграција, туку барање за порамноправна распределба на политичкото влијание меѓу земјите членки.
Во исто време Словачка останува длабоко интегрирана во европските економски и институционални структури. Членството во еврозоната, пристапот до европските фондови и зависноста од извозот кон западноевропските пазари значително го ограничуваат просторот за радикални политички потези. Затоа словачкиот суверенизам се развива како селективен и прагматичен проект, а не како системска алтернатива на европската интеграција.
Токму во оваа комбинација на економска зависност и политичка автономија се наоѓа суштината на словачкиот пристап. Братислава не настојува да стане предводник на антиевропски блок, туку да воспостави модел во кој националните интереси имаат предност кога се судираат со пошироките геополитички амбиции на Унијата. На тој начин Словачка станува уште еден пример за постепеното јакнење на прагматичниот суверенизам во Централна Европа – тренд што не го отфрла европскиот проект, но бара негово пофлексибилно и помалку идеолошко толкување.
3. Чешка: Од либерална про-ЕУ линија кон прагматичен баланс
Чешка претставува поинаков тип на еволуција. Политичката сцена, вклучувајќи го влијанието на Андреј Бабиш и слични движења, се движи кон прагматизам наместо отворен суверенизам.
Прага не ја оспорува суштината на ЕУ-интеграцијата, но инсистира на пофлексибилни политики во енергетиката и индустријата. Односот кон Русија е значително построг од унгарскиот или словачкиот, но внатрешната политичка дебата сè повеќе се врти околу „цената на европската лојалност“.Чешкиот суверенизам не се манифестира како директна конфронтација со Брисел, туку како настојување националните интереси да добијат поголема тежина во европското одлучување. За разлика од унгарскиот модел, кој често ја претставува ЕУ како идеолошки противник, чешкиот пристап е повеќе технократски и економски мотивиран. Во Прага расте скепсата кон регулативите што се сметаат за потенцијална закана за конкурентноста на домашната индустрија, особено во автомобилскиот сектор, кој е столб на чешката економија.
Во последните години се забележува зголемена поддршка за ставот дека зелената транзиција мора да биде приспособена на националните економски капацитети, а не да се спроведува според унифицирани европски рокови. Сè почесто се поставува прашањето дали некои од политиките што доаѓаат од Брисел ја потценуваат специфичната структура на централноевропските економии. Таквиот дискурс не ја доведува во прашање европската интеграција, туку бара поголем простор за национална адаптација.
Истовремено, чешката јавност останува генерално проевропски ориентирана, но со поизразена чувствителност кон прашањата на суверенитетот отколку во периодот по влезот во ЕУ. Политичките партии од различни идеолошки профили сè почесто ја користат реториката на „здрав европски реализам“, нагласувајќи дека членството во Унијата не подразбира автоматско прифаќање на секоја иницијатива од европските институции.
Во безбедносната сфера Чешка останува меѓу најцврстите поддржувачи на евроатлантската ориентација и помошта за Украина, што ја разликува од некои други држави во регионот. Но токму поради тоа, некои политички актери отвораат дебата за економските и социјалните трошоци што произлегуваат од геополитичките обврски. Оттука произлегува специфичниот чешки модел на прагматично дистанцирање од либерален Брисел: не преку одбивање на европскиот проект, туку преку барање поголема рамнотежа меѓу европската солидарност и националната економска рационалност. Таквиот пристап сугерира дека иднината на чешката политика веројатно ќе се движи кон пофлексибилна и интерес-ориентирана европска позиција, наместо кон радикален евроскептицизам.
4. Италија: Институционален суверенизам во рамките на системот
Италија со премиерката Џорџа Мелони претставува еден од најинтересните случаи на трансформација. Италијанската десница, иако идеолошки суверенистичка, во пракса води политика на дисциплинирана соработка со Брисел. Рим разбира дека пристапот до европските фондови и стабилноста на државниот долг се егзистенцијални прашања. Затоа, италијанскиот суверенизам е повеќе „реторички“ отколку системски и тој служи за домашна политичка консолидација, но не ја руши архитектурата на ЕУ.
Во однос на Русија, Италија останува усогласена со европските санкции, иако постои внимателна економска чувствителност во дел од бизнис-секторот. Сепак, италијанскиот суверенизам не треба да се потцени како исклучиво реторичка појава. Под водство на Џорџа Мелони, Италија развива модел што може да се опише како институционален суверенизам – настојување националните интереси поефикасно да се бранат одвнатре, преку самите европски институции, наместо преку конфронтација со нив.
За разлика од поострите суверенистички струи во некои делови на Европа, италијанскиот пристап се темели на претпоставката дека влијанието врз европските политики е поголемо кога државата е активен и кредибилен учесник во процесот на одлучување. Овој пристап особено се забележува во дебатите за миграцијата. Рим инсистира дека товарот од управувањето со медитеранските миграциски рути не може да остане првенствено одговорност на јужните членки на Унијата. Оттука, италијанската влада сè почесто го користи јазикот на националниот суверенитет за да издејствува поголема европска солидарност и порамномерна распределба на одговорностите.
Во економската сфера, италијанскиот суверенизам е тесно поврзан со заштитата на стратешките индустрии и со зачувувањето на просторот за национална индустриска политика. Во Рим постои растечка свест дека глобалната конкуренција, особено од САД и Кина, бара поголема флексибилност во правилата за државна поддршка и индустриски развој. Затоа Италија често се наоѓа меѓу земјите што бараат поактивна европска индустриска стратегија, но и поголема слобода за национални интервенции кога се загрозени клучни економски сектори. Истовремено, италијанската политичка елита е свесна дека економската тежина на земјата е неразделно поврзана со стабилноста на еврозоната и со функционирањето на единствениот европски пазар. Поради тоа, современиот италијански суверенизам ретко се претвора во отворен евроскептицизам. Наместо тоа, тој претставува обид за редефинирање на односот меѓу националната држава и европските институции, без напуштање на основните интегративни рамки.
Во таа смисла, Италија претставува специфичен модел на европски конзервативен прагматизам. Таа не го оспорува постоењето на европскиот проект, туку настојува да го обликува во насока што ќе им даде поголема политичка и економска автономија на земјите членки. Така, италијанскиот суверенизам се развива како стратегија на влијание и преговарање, а не како политика на дистанцирање или институционален отпор кон Брисел.
5. Австрија: Меѓу неутралност и суверенистички подем
Австрија традиционално се позиционира како мост меѓу Истокот и Западот, но растот на суверенистичките сили како оние на Херберт Кикл ја враќа дебатата за суверенизмот во центарот на политиката. Австрија формално останува про-ЕУ, но со силен акцент на националниот интерес, особено во миграциската политика. Односот кон Русија е историски пофлексибилен, но санкциската рамка на ЕУ ја ограничува таа автономија.
Австрискиот суверенизам има специфичен карактер, бидејќи произлегува не само од современите политички дебати туку и од долгата традиција на државна неутралност, која претставува важен дел од националниот идентитет. Во австриската јавност постои широко распространето уверување дека државата треба да задржи одреден степен на стратешка автономија, дури и кога е длабоко интегрирана во европските институции. Токму оваа историска традиција создава плодна почва за суверенистички аргументи што не се нужно антиевропски, туку се насочени кон зачувување на националниот простор за политичко одлучување. Прашањето на миграцијата останува централна точка околу која се мобилизираат суверенистичките сили. Во австрискиот политички дискурс сè почесто се нагласува дека контролата на границите и управувањето со миграциските текови се суштински елементи на државниот суверенитет. Поради тоа, Виена често поддржува построги европски политики во оваа област, истовремено настојувајќи да го задржи правото на самостојно дејствување кога националните интереси го наложуваат тоа. Во економската сфера, Австрија останува еден од најголемите корисници на придобивките од единствениот европски пазар, што значително го ограничува просторот за радикален евроскептицизам. Австриските политички и деловни елити генерално ја поддржуваат европската интеграција, но сè почесто предупредуваат дека прекумерната регулација може да ја намали конкурентноста на европските економии. Оттука произлегува барањето за пофлексибилен пристап кон економските и индустриските политики на Унијата. Особено е значајна и дебатата околу надворешната политика и безбедноста. Австрија формално ја поддржува заедничката европска позиција во однос на големите геополитички прашања, но во исто време внимателно го чува својот неутрален статус како важен елемент на државната стратегија. Тоа создава одредена тензија меѓу растечките амбиции за поголема европска безбедносна координација и традиционалната австриска претпазливост кон подлабока воена интеграција. Во таа смисла, австрискиот суверенизам не се развива како проект на конфронтација со Брисел, туку како обид за зачувување на националната специфичност во рамките на европскиот систем. Тој комбинира економски прагматизам, чувствителност кон миграциските прашања и силна приврзаност кон политиката на неутралност. Така, Австрија претставува уште еден пример за современиот европски суверенизам, кој не ја отфрла интеграцијата, но настојува да постави појасни граници меѓу надлежностите на националната држава и оние на европските институции.
6. Холандија и Франција: Западноевропски суверенизам како политичка корекција на либерален Брисел
Холандија со подемот на Герт Вајлдерс и Франција со Марин Ле Пен ја претставуваат трансформацијата на суверенизмот од Источна кон Западна Европа. Тука не станува збор за геополитичко балансирање со Русија во класична смисла, туку за внатрешна критика на ЕУ: миграција, фискална политика и демократски дефицит.
Особено Франција е клучна, бидејќи секоја промена таму има потенцијал да ја редефинира целата европска рамнотежа. Но и покрај силната реторика, системската интеграција во ЕУ останува длабока и тешко реверзибилна. Она што го прави западноевропскиот суверенизам особено значаен е фактот што тој повеќе не доаѓа од периферијата на Унијата, туку од нејзиното историско и економско јадро. За разлика од централноевропските држави, каде што суверенизмот често се поврзува со прашањата на национален идентитет, геополитичка позиција или историско искуство со надворешни центри на моќ, во Франција и Холандија тој сè повеќе се појавува како реакција на перципираниот демократски и институционален јаз меѓу европските елити и националните општества.
Во Холандија критиката кон Брисел е тесно поврзана со прашањата на миграцијата, суверенитетот на националниот парламент и распределбата на финансиските обврски во рамките на Унијата. Дел од јавноста сè почесто ја доведува во прашање логиката според која националните политики треба да се приспособуваат на одлуки што се носат на наднационално ниво. Тоа не значи отфрлање на европската интеграција, туку барање за нејзина политичка корекција во насока на поголема отчетност и национална контрола.
Во Франција, пак, суверенистичкиот дискурс има подлабоки историски корени. Француската политичка традиција отсекогаш содржела силна компонента на државен суверенитет и стратегиска автономија. Денешните дебати околу европската интеграција често се водат токму околу прашањето дали Франција сè уште располага со доволно простор самостојно да ги дефинира своите економски, безбедносни и социјални политики. Оттука, суверенизмот не се претставува како отфрлање на Европа, туку како обид за обновување на рамнотежата меѓу европското управување и националната демократска легитимност.
Истовремено, и во Франција и во Холандија може да се забележи постепено преместување на политичкиот центар кон теми што пред една деценија беа карактеристични за периферните или протестните партии. Прашањата за контрола на границите, културниот идентитет, економската заштита и ограничувањето на наднационалните надлежности сè повеќе стануваат дел од главниот политички тек. Тоа укажува дека суверенизмот веќе не е маргинална појава, туку структурен фактор во европската политика. Во таа смисла, западноевропскиот суверенизам не претставува револуција против Европската Унија, туку притисок за нејзина трансформација. Наместо напуштање на интеграцијата, неговите носители најчесто бараат пофлексибилна Европа во која националните држави ќе имаат поголема улога во обликувањето на заедничките политики. Токму затоа развојот на овие тенденции во Франција и Холандија е од особено значење, бидејќи промените во политичкото јадро на Унијата потенцијално имаат далекосежни последици за идниот правец на целиот европски проект.
7. Германија е клучна за разбирање на целата динамика
Германија, иако не е суверенистичка држава, е клучна за разбирање на целата динамика. Под притисок на економски забавувања и политички поларизации, германската позиција останува столб на про-ЕУ интеграцијата.
Растот на Алтернатива за Германија (АфД) сепак сигнализира дека суверенистичката логика веќе не е периферна појава, туку внатрешен политички фактор и во најмоќната економија на Унијата. Она што ја прави Германија особено важна е фактот што таа не е само една од членките на Европската Унија, туку нејзин економски и политички центар на гравитација. Поради тоа, секоја промена во германската политичка дебата има потенцијал да произведе пошироки последици врз целиот европски проект. Додека традиционалните политички сили и натаму остануваат цврсто посветени на европската интеграција, растечката поддршка за суверенистички и евроскептични позиции укажува на постепена трансформација на јавниот дискурс. Во германската дебата суверенизмот не се појавува првенствено како критика на самото членство во Европската Унија туку како реакција на конкретни политики поврзани со миграцијата, енергетската транзиција и економската конкурентност. Дел од јавноста сè почесто го поставува прашањето дали Германија носи непропорционален товар во одржувањето на европската кохезија и финансиската стабилност на Унијата. Ова е особено видливо во контекст на растечките трошоци за енергетска трансформација и забавувањето на индустрискиот раст. Дополнителна димензија претставува и разликата меѓу западниот и источниот дел на земјата, каде што политичките и економските искуства често создаваат различни перцепции за европската интеграција. Во некои региони постои поголема подготвеност да се поддржат партии што бараат посилен акцент на националниот суверенитет и поголема автономија во носењето политички одлуки. Сепак, за разлика од некои други европски држави, германскиот суверенизам останува ограничен од силната политичка култура на консензус и од длабоката институционална поврзаност со европските структури. Германија е меѓу најголемите корисници и истовремено најголемите гаранти на постојниот европски поредок, што ја прави секоја идеја за радикално дистанцирање од Брисел политички и економски малку веројатна. Оттука, германскиот случај не треба да се разбере како појава на класичен суверенизам, туку како сигнал дека и во самото јадро на европската интеграција се отвораат прашања за границите на наднационалното управување. Ако во Централна Европа суверенизмот најчесто се јавува како барање за поголема национална автономија, во Германија тој повеќе се манифестира како дебата за одржливоста на постојниот модел на интеграција. Токму затоа развојот на овие тенденции во Германија е од суштинско значење за иднината на Европската Унија, бидејќи секоја значајна промена во германската позиција неизбежно би влијаела врз насоката на целиот европски проект.
Трансформација на самата природа на внатреевропската интеграција
Сите овие процеси упатуваат на заклучокот дека Европската Унија влегува во нова фаза од својот политички развој. Суверенистичкиот импулс повеќе не е ограничен на периферните членки или на неколку изолирани политички движења, туку постепено станува составен дел од пошироката европска политичка дебата. Од Будимпешта и Братислава, преку Прага и Виена, па до Париз, Берлин и Рим, се забележува заедничка тенденција: барање нова рамнотежа меѓу европската интеграција и националниот суверенитет. Притоа, суштината на овој процес не е отфрлање на Европската Унија, туку преиспитување на начинот на кој таа функционира. Сè поголем број политички актери и општества не го доведуваат во прашање членството во Унијата, туку бараат поголема флексибилност, поголема улога на националните парламенти и поизразена чувствителност кон специфичните интереси на земјите членки. Тоа претставува важна разлика во однос на претходните бранови на евроскептицизам, кои често беа насочени кон самата идеја на европската интеграција. Во наредните години нема да сведочиме на слабеење на Европската Унија, туку на нејзина постепена трансформација. Прашањата поврзани со миграцијата, енергетиката, индустриската политика, безбедноста и демократската легитимност сè повеќе ќе ја обликуваат агендата на Брисел. Во тие дебати, националните влади ќе настојуваат да добијат поголем простор за самостојно дејствување, а европските институции ќе бидат принудени да бараат нови механизми за компромис и координација. Токму затоа може да се каже дека денешна Европа се наоѓа на почетокот на нов политички циклус. Унијата останува една од најсилните интегративни структури во светот, но истовремено е соочена со растечки барања за поголема политичка и институционална адаптација. Суверенизмот, во неговите различни национални форми, веќе не е маргинален феномен, туку фактор што активно влијае врз обликувањето на европските политики. Оттука, најважно прашање за иднината на Европа не е дали ќе постои повеќе или помалку Европа, туку каква Европа ќе се изгради во следната деценија. Ако изминатите години беа обележани со продлабочување на интеграцијата, претстојниот период веројатно ќе биде обележан со потрага по нова рамнотежа меѓу наднационалното управување и националниот политички суверенитет. Во таа смисла, трансформацијата на Европската Унија веќе е започната, а политичката архитектура на Брисел во иднина тешко дека ќе остане идентична на моделот што доминираше во првите децении од XXI век. Р.С.

































