Од редакциски агол
Понекогаш во политиката најголемата услуга не ја прават пријателите, туку оние што конечно ќе ја кажат вистината без дипломатски ракавици. Токму тоа деновиве ѝ се случи на Македонија. Со години слушаме дека треба да направиме уште еден чекор, уште една отстапка, уште еден компромис и дека потоа европскиот пат ќе биде отворен. Со години се создаваше впечаток дека проблемот е во нас, во нашата недоволна подготвеност или во нашето наводно одбивање да се соочиме со реалноста.
А потоа дојде Софија и ја расчисти маглата. Не, не станува збор само за уставните измени. Не, не завршува приказната со внесувањето на Бугарите во Уставот. Не, не постои гаранција дека утре нема да се појави ново барање, нов протокол, нова интерпретација или нов услов поврзан со историјата, идентитетот и колективната меморија.
Тоа е суштината на проблемот. Не е спорно дали Македонија треба да прави компромиси. Секоја држава ги прави. Прашањето е дали компромисот има јасна цел и јасен крај. Кога целта постојано се поместува, а условите постојано се надградуваат, тогаш веќе не зборуваме за принципиелен процес. Зборуваме за политика на непрекинато условување.
Тука е и најголемата причина за недовербата што постои во македонското општество. Не затоа што граѓаните се против Европа. Напротив. Туку затоа што гледаат дека правилата се менуваат среде игра.
Ниту една сериозна држава не може да гради долгорочна стратегија врз основа на ветувања што утре може да бидат заменети со нови барања. Ниту еден рационален соговорник не може да има целосна доверба во процес во кој договореното денес не претставува гаранција за утре. Тоа е суштинскиот политички проблем со бугарската позиција. Нејзината максималистичка природа создава впечаток дека секое исполнето барање е само вовед во следното. Затоа најважната лекција од Софија не е што мисли Бугарија за Македонија. Тоа одамна го знаеме. Најважната лекција е дека некој во Македонија мора конечно да престане да живее во илузии!
Европа останува наша стратешка цел. Но европскиот пат не смее да биде пат на бескрајни идентитетски концесии. Не смее да биде процес во кој секој нов компромис станува почетна точка за следниот.
Ако произлезе нешто позитивно од последните пораки од Софија, тогаш тоа е јасноста. Јасност дека имаме работа со соговорник чии позиции не завршуваат таму каде што официјално се тврди дека завршуваат. И јасност дека Македонија мора да биде трпелива, достоинствена и непоколеблива во одбраната на сопствените национални позиции. Затоа, навистина – благодариме за искреноста. Таа вреди повеќе од илјада лажни надежи. Р.Н.М.

































