Научната фантастика не ја базира својата смисла на искуството, туку преку метод на мисловен експеримент развива хипотеза до нејзините крајни последици. На тој начин, читателот/гледачот може да го разбере значењето од потенцијалното исполнување на некои од најидеалистичките замисли. Од Платоновата „Држава“ преку „Политика“ на Аристотел, па до „Утопија“ на Томас Мор и „Градот на сонцето“ на Томазо Кампанела, историјата на човечката мисла е исполнета со обиди да се направи совршена конструкција на општество во кое ќе има целосна рефлексија и симетричност на праведноста.
Токму затоа Платоновото дело „Држава“ го носи поднасловот „За праведноста“. Кон средината на 20 век тежиштето се менува од утописки наратив кон чисто дистописки наратив. Односно, веќе не станува збор за креирање и еклатантно изразување на идејата за изгледот на едно совршено праведно општество, туку се извлекуваат консеквенци од тоа, дали доколку успееме да го спроведеме во реалност тоа утописко сценарио, човечкиот живот ќе има смисла.
Во „Храбар нов свет“, Олдус Хаксли вели дека општество што е совршено праведно, во кое секој го добива тоа што го заслужува и како форма на награда и како форма на казна, е општество во кое секој чекор на луѓето е предвидлив, а контролата е максимално присутна. Услов да постои процена на нечие дело како нешто што треба да се награди или казни е да постои апстрактен систем на контрола (најчесто држава) или, како што Мишел Фуко го нарекува, „паноптикум“ што ќе надгледува постојано што прават луѓето во секоја единица време.
Кога контролата станува стабилна, човечкото однесување станува предвидливо, елиминирана е можноста за грешка, но и можноста за правење слободен избор што би довел до одредена грешка.
Во својот есеј „За непослушноста“, Ерих Фром вели дека токму во актот на непослушноста се раѓа слободниот човек. Слепото следење на правилата, осигурува дека животот ќе биде целосно безгрешен, но во тој случај човекот нема да може да ја демонстрира својата слободна волја. Затоа Фром вели дека грешките и гревовите (според христијанската терминологија) не мора нужно да се третираат како деструктивни. На пример, Адам и Ева направиле акт на непослушност во Едем, но нивното протерување од Едем го создало човечкото постоење на земјата. Во христијански контекст тие сториле грев, но не може нужно да се каже дека нивниот грев е деструктивен или лош сам по себе.
Во современите научнофантастични сценарија обично се поставува хипотезата дали ВИ може според своите објективни критериуми да создаде совршено праведен систем на функционирање и како ќе изгледа светот во кој нема простор за грешка, а доколку таа статистички и би се случила, веднаш би била елиминирана. Во општество во кое владее контрола,нема место ниту за етика.
Имануел Кант тврди дека една постапка може да подлежи на етичка проверка само доколку е резултат и показател за нечија слободна волја. Овој концепт е делумно пресликан и во правото, лица што не се свесни за своите постапки се ослободени од кривична одговорност бидејќи нивното дело не е одраз на нивните избори. Оттука, најголемата опасност не е дали вештачката интелигенција ќе создаде совршено праведен свет, туку дали во стремежот кон апсолутна праведност ќе ја жртвуваме токму онаа несовршеност што нè прави луѓе – слободата да избираме, да грешиме и преку сопствените грешки да ја градиме смислата на своето постоење.
Магдалена Стојмановиќ-Константинов

































