Фото: „Нова Македонија“
  • Истрагата со седиште во Атина се фокусира на наводна измама поврзана со земјоделските субвенции од ЕУ во која се опфатени земјоделци, политичари и агенцијата одговорна за распределба на средствата ОПЕКЕПЕ, во скандал што го потресе политичкиот естаблишмент во Грција

Грчките власти притворија тројцата клучни осомничени за наводна шема за измама со земјоделски субвенции од ЕУ во вредност од 2,5 милиони евра, поврзана со поширока истрага од страна на Канцеларијата на европскиот јавен обвинител (ЕППО), пренесува „Еурактив“.
Европски истражен судија и обвинител наредија притвор на наводниот водач на криминалната организација, на осомничен поврзан со центар за аплицирање за земјоделска помош и на еден земјоделец. Тие се соочуваат со обвиненија, вклучувајќи членство во криминална организација, раководење со криминална организација, измама и перење пари.
Истрагата со седиште во Атина се фокусира на наводна измама поврзана со земјоделските субвенции од ЕУ во која се опфатени земјоделци, политичари и агенцијата одговорна за распределба на средствата ОПЕКЕПЕ, во скандал што го потресе политичкиот естаблишмент во Грција. Претходно неделава Одделот за финансиски криминал на Грција разби мрежа што наводно обезбедувала субвенции преку лажни декларации поднесени преку центрите за аплицирање за земјоделска помош.
Фондовите на ЕУ за поддршка на земјоделците и сточарите во Грција ги администрира ОПЕКЕПЕ. Од 2005 година организацијата е единствениот орган на земјата што го надгледува исплаќањето на субвенциите според ЗЗП. Агенцијата, под надзор на Министерството за земјоделство, им исплаќа три милијарди евра годишно на 900.000 корисници, вклучувајќи и земјоделци, земјоделски задруги и извозни бизниси. Се смета дека спорната шема за исплати започнала откако промените во законодавството на ЕУ во 2017 година отвориле повеќе пасишта во Медитеранскиот Регион на Грција.
Единаесет осомничени претходно беа ослободени под рестриктивни услови. Локалните медиуми објавуваат дека ова е само првата фаза од истрагата на ЕППО, која доаѓа во време на растечки шпекулации во Атина за можноста за предвремени избори. Р.С.