- Европската комисија предупредува дека проектот поврзан со Џаред Кушнер би можел да ја стави Албанија во судир со еколошките правила на ЕУ, загрозувајќи ја нејзината способност да го затвори зеленото Поглавје 27 во преговорите за пристапување
Европската комисија ја предупреди официјална Тирана против дејства што можат да влијаат на нејзиниот пат кон пристапување кон Европската Унија, во услови на тековни национални протести во Албанија поради проектот за развој поврзан со зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, на јужниот брег на земјата. Во повеќедневните национални протести, албанските граѓани бараат откажување на изградбата на луксузно одморалиште, тврдејќи дека проектот поврзан со Кушнер претставува закана на заштитени подрачје за диви животни.
Европската комисија предупредува дека проектот би можел да ја стави Албанија во судир со еколошките правила на ЕУ, загрозувајќи ја нејзината способност да го затвори зеленото Поглавје 27 во преговорите за пристапување.
– Албанија треба да се воздржи од дејства што би можеле да го поткопаат исполнувањето на крајните критериуми и ние очекуваме албанските власти да дејствуваат без одлагање – изјави портпарол на Европската комисија, повикувајќи ја Албанија да ги укине промените во Законот за заштитени подрачја и да го „укине“ законот за стратешки инвестиции.
Портпаролот на Европската комисија исто така изјави за „Политико“ дека министерот за животна средина на Албанија, Софјан Јаупај, ја информирал Комисијата во Брисел дека изградбата на проектот е суспендирана и дека ќе биде спроведена процена на влијанието врз животната средина. Згора, министерот Јаупај ја информирал Комисијата дека не е поднесен конечен предлог за проект и дека градежните активности не почнале, бидејќи не е одобрена градежна дозвола.
Брисел исто така извесно време врши притисок врз Тирана да го укине својот закон за стратешки инвестиции од 2015 година, бидејќи им дава итен третман на фаворизираните проекти, со ризик да ги заобиколи еколошките заштитни мерки на ЕУ. Албанскиот обвинител за борба против корупцијата, СПАК, исто така отвори истрага за контроверзните промени во заштитениот статус на подрачјето и сопственоста на земјиштето во 2024 година. Р.С.
































