Импресивен настап: Вукашин Јовановиќ

КАРАТЕ – УНИВЕРЗИТЕТСКО СП 2026

Македонската 10-члена универзитетска карате-репрезентација во борби продолжува со одличните настапи на Светско универзитетско првенство во Бразилија, меѓу 1.500 спортисти од 50 земји. За тоа се погрижи младиот каратист на КК Макпетрол, Вукашин Јовановиќ (категорија до 67 кг), кој се пласира во финалето, откако во полуфиналната борба оствари импресивна победа со 8-0 над еден од фаворитите, Вала Хосеин од Иран. Ова за Македонија е втор медал на оваа студентска универзијада, по бронзата на Стефан Јовановиќ (над 84 кг). Во финалето Јовановиќ ќе се бори со Амин Абделмалки од Белгија. Јовановиќ во групната фаза ги совлада Мартин Густаво од Чиле (7-0), Вала Хосеин од Иран (5-5, прв освоен поен) и Чум Вонг Сирапат од Тајланд (3-0), а во четврт-финалето славеше над Кабело Саморан од Шпанија (8-0).
– Македонските каратисти и на вториот ден покажаа висок квалитет и конкурентност. Дури четворица репрезентативци ја поминаа групната фаза и се пласираа во четврт-финалето, каде што, за жал, беа запрени во борбите за медал. Данило Божовиќ (до 84 кг) и Љупче Михајлов (до 75 кг) оставија многу силен впечаток, имаа по неколку победи, влегоа во вториот круг, но не успеаја да стигнат до полуфиналето и да обезбедат медал – ни изјави селекторот Бошко Заборски. Г.И.