ФУДБАЛ – ВЕЧЕРВА ПОЧНУВА 23. СВЕТСКО ПРВЕНСТВО
- Првите мечеви на светските првенства се полни со голови и со драма, имаше и една серија од четири меча по ред без погодоци, имаше и изненадувања, пишува ФИФА. Вечерва од 21 часот почнува СП 2026, ќе играат Мексико и Јужна Африка и тоа ќе биде првпат две исти репрезентации со меѓусебен дуел да отворат две светски првенства, откако на СП се игра еден меч како почеток на еден мундијал
Мексико и Јужна Африка ќе станат првите репрезентации што со меѓусебен дуел отвориле две светски првенства (СП) во фудбал, откако од 1966 година се игра еден дуел за почеток на еден мундијал. Тие се среќаваат вечерва (од 21 часот) во Мексико Сити, во првиот меч на 23. Светско првенство што ќе се игра во Мексико, САД и во Канада.
Тие две репрезентации го отворија и планетарниот шампионат во 2010 година, кога во Јоханесбург (Јужна Африка) одиграа реми, 1-1. Мексико останува рекордер, оти шести пат ќе отвора еден мундијал, откако тоа претходно го направи на првото СП, во 1930 година (1-4 со Франција), а потоа и во 1950 (0-4 со Бразил), 1958 (0-3 со Шведска), 1970 (0-0 со СССР) и во 2010 година (1-1 со Јужна Африка), според податоците на Светската фудбалска федерација (ФИФА).
Покрај сите натпревари во групната фаза, често првиот е еден од многуте што се паметат, покрај финалињата и драматичните нокаут-натпревари. Отворањата на светските фудбалски првенства беа полни со голови и со драма, имаше и една серија од четири натпревари по ред без голови, а репрезентациите на Камерун и на Сенегал во такви средби изненадија глобални гиганти, пишува ФИФА.
Четири последователни мундијали од 1966 година почнаа со нерешен резултат, без голови, а потоа 95.000 гледачи на стадионот „Камп ноу“ во Барселона, на почетокот на Светското првенство во 1982 година во Шпанија видоа кога Белгија го изненади бранителот на титулата Аргентина со победата со 1-0, на СП 1990, пак, Андреас Бреме го постигна единствениот гол во финалето, но дали голот на германскиот лев бек се памети повеќе од голот на Франсоа Омам-Бијик за Камерун за победа на првиот меч на тоа СП, со Аргентина, а слично на тоа, двата гола на Роналдо за Бразил во финалето во 2002 година се ривализираат во сеќавањата на многу гледачи со победата на Сенегал на дуелот со Франција благодарение на голот на Папа Буба Диоп, пишува Светската фудбалска федерација.
Вечерашниот натпревар е првиот од серијата рекордни 104 дуели на едно светско првенство, на кое првпат ќе играат 48 репрезентации. СП 2026 потоа продолжува утре со дуелите Јужна Кореја – Чешка (од 4 часот) и Канада – БиХ (од 21 часот)… Н.М.
СП 2026, ПРВО КОЛО
Група А
Мексико – Ј. Африка 21 ч.
Ј. Кореја – Чешка утре, 4 ч.
Група Б
Канада – БиХ утре, 21 ч.
Катар – Швајцарија сабота, 21 ч.
Група Ц
Бразил – Мароко недела, 0 ч.
Хаити – Шкотска недела, 3 ч.
Група Д
САД – Парагвај сабота, 3 ч.
Австралија – Турција недела, 6 ч.
Група Е
Германија – Курасао недела, 19 ч.
Брегот на СК – Еквадор понед., 1 ч.
Група Ф
Холандија – Јапонија недела, 22 ч.
Шведска – Тунис понед., 4 ч.
Група Г
Белгија – Египет понед., 21 ч.
Иран – Нов Зеланд вторник, 3 ч.
Група Х
Шпанија – Зелено`ртски О. понед., 18 ч.
С. Арабија – Уругвај вторник, 0 ч.
Група И
Франција – Сенегал вторник, 21 ч.
Ирак – Норвешка среда, 0 ч.
Група Ј
Аргентина – Алжир среда, 3 ч.
Австрија – Јордан среда, 6 ч.
Група К
Португалија – ДР Конго среда, 19 ч.
Узбекистан – Колумбија четврток, 4 ч.
Група Л
Англија – Хрватска среда, 22 ч.
Гана – Панама четврток, 1 ч.

































