Фото: Орце Ѓорѓиевски/Фејсбук

Град Скопје ќе добие нова противпожарна станица во општина Аеродром, најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на неговиот Фејсбук профил.

Средствата за изградбата,како што напиша тој, во износ од 50 милиони денари, беа обезбедени преку ребаланс на буџетот на денешната седница на Советот на Град Скопје.

– Новиот објект ќе се наоѓа во близина на Центарот за јавно здравје и ќе претставува сериозен исчекор кон подобра организација, побрза реакција и поголема безбедност за граѓаните – рече Ѓорѓиевски.

Градоначалникот посочи дека пожарникарите се вистински херои на градот, лица кои секојдневно го ставаат својот живот во ризик за да спасат човечки животи, домови и јавни добра.

– Тие заслужуваат современи услови за работа, модерна опрема и достоинствена инфраструктура – додаде тој.

Со изградбата на новата станица, како што истакна Ѓорѓиевски, ќе се овозможи побрза реакција при технички интервенции и поефикасна заштита од пожари, како во урбана средина така и на отворен простор.

– Ова е само еден од чекорите кон целосна модернизација на Противпожарната бригада на Град Скопје. Нашата заложба е пожарникарите да добијат услови какви што заслужуваат, а Скопје да добие систем кој е подготвен, брз и ефикасен кога е најпотребно – нагласи градоначалникот.

Тој се заблагодари на сите советници кои го поддржаа проектот, оценувајќи го како од огромна важност за безбедноста на сите граѓани на Скопје.