ТАЕКВОНДО – ЕВРОПСКИ КУП ВО НИРНБЕРГ
- Целта за годинава е и медал на Светското првенство за жени, кое ќе се одржи во Кина во август, вели тренерот Александар Ефтимов
Најдобрата македонска таеквондистка, членка на ТК Тигри од Скопје, Милијана Рељиќ, постигна историски успех на Европскиот президент куп Г-3 во германскиот град Нирнберг, првпат освојувајќи бронзен медал, по пет борби во тежинската категоријата до 62 кг. Таа освои бронзен медал во февруари 2020 година во Хелсингборг, Шведска, но во јуниорска конкуренција.
Во првото коло Рељиќ ја победи Натали Тадиќ од Хрватска (2-0 во рунди), а во второто беше поуспешна од Ингибјорд Греташтодир од Исланд. Во борбата за медал, по исцрпувачка борба со олимпијката Чаима Тоуми од Тунис, Рељиќ во последната секунда изнуди петта техничка грешка и со 2-1 во рунди да стигне до бронзен медал. Во полуфиналето таа се сретна со олимписката шампионка од Париз, Вивијана Мартон од Унгарија, и загуби со 0-2.
– Иако за половина час Милијана имаше три тешки борби, сепак, достојно се држеше со најдобрата во светот. Да бевме поодморени ќе можевме повеќе да ѝ се спротивставиме, дури и да ја победиме Унгарката. Ова се, сепак, нови 14,4 поени, кои ќе се придодадат на новата ранг-листа, која стартува на 1 јули, за пласман на Летните олимписки игри во Лос Анџелес во 2028 година. Овие поени на Милијана ќе ѝ се вратат во нејзината олимписка категорија до 57 кг, со која направи извонреден резултат на ЛОИ 2024. Да кажам и дека изминатиот петок Рељиќ се бореше и на гранпри-митингот Г-6 во Рим, во категоријата до 67 кг, која е превисока категорија за неа, и во првото коло загуби (0-2) од олимписката вицешампионка Александра Перишиќ од Србија. Иако и таму има освоено 6,5 поени, тие нема да се сметаат за нејзината олимписка категорија – вели нејзиниот тренер Александар Ефтимов.
Следните турнири на кои ќе настапи Рељиќ се Европското клупско првенство (ЕП), потоа Босна Г-1 и Балкан Г-1 куп.
– Целта за годинава е и медал на Светското првенство за жени што ќе се одржи во Кина во август. Тоа е Г-4 турнир и само со тоа се надеваме дека може да сметаме да бидеме помеѓу првите 16 кон крајот на ноември и со тоа да добиеме покана за финалното гранпри Г-10 во ноември во Казахстан. Противничките во категоријата до 57 кг ќе бидат во огромна предност оти имаат три гранпри-турнири Г-6, овој во Рим, потоа во Муџу Кореја и во Париз, а ние на тие ќе учествуваме во категоријата до 67 кг, каде што противничките се многу повисоки, посилни и 10 кг потешки, поради што е невозможно да направиме сериозен резултат таму – појаснува Ефтимов. Г.И.

































