Економијата на земјата покажува отпорност и стабилност и покрај предизвиците од глобалното економско окружување, оценува Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во рамки на редовната консултација по член IV за 2026 година, соопшти Министерството за финансии, пренесе МИА.
Според извештајот на ММФ, објавен денеска, економскиот раст во 2025 година достигнал 3,5 проценти, поттикнат од силната инвестициска активност и растот на приватната потрошувачка. Воедно, се наведува дека фискалните цели за 2025 година биле исполнети и покрај предизвиците на приходната страна, додека јавниот долг бележи благо намалување како резултат на силниот номинален раст на економијата.
Од Министерството за финансии информираат дека Извршниот одбор на ММФ позитивно ја оценил определбата на Владата за фискална консолидација и зачувување на одржливоста на јавните финансии.
-Во извештајот се нагласува дека континуираните напори за намалување на буџетскиот дефицит, подобрување на наплатата на приходите, зголемување на ефикасноста на јавните расходи и одговорното управување со јавниот долг се важни за дополнително зајакнување на отпорноста на економијата – наведуваат од Министерството.
Истовремено, ММФ предупредува на потребата од внимателно следење на надворешните ризици, особено во услови на зголемена неизвесност на меѓународните пазари и нови притисоци поврзани со растот на цените на енергијата.
Во извештајот позитивно е оценет и напредокот на државата во рамки на Планот за раст на Европската Унија. Фондот ја потенцира важноста од продолжување на реформите насочени кон подобрување на продуктивноста, деловното окружување, владеењето на правото и борбата против корупцијата.
ММФ препорачува и натамошни активности за фискална консолидација, зајакнување на даночната администрација и подобрување на ефикасноста на јавната потрошувачка и јавните инвестиции. Воедно, се посочува потребата од спроведување структурни реформи за зголемување на продуктивноста, унапредување на деловната клима, подобро управување со јавните претпријатија и зајакнување на институционалните капацитети.
Фондот ја нагласува и важноста на реформите во енергетскиот сектор и на пазарот на труд, како предуслов за одржлив и инклузивен економски раст и побрзо приближување кон економските стандарди на Европската Унија.
Мисијата на ММФ беше спроведена од 18 до 31 март 2026 година, а извештајот е подготвен врз основа на прелиминарните наоди објавени по нејзиното завршување. Консултациите по член IV се редовна практика и се реализираат еднаш годишно.

































