Автор: Д-р Ермира Лабеништа
Меланомот претставува малиген тумор кој потекнува од меланоцитите – клетки кои произведуваат пигмент во кожата. Најчест е кожниот меланом, но може да се појави и на мукозни мембрани и очи. Болеста има сериозен карактер поради можноста за брзо ширење и метастазирање.
Епидемиологија и фактори на ризик
Инциденцата на меланом во светот постојано се зголемува, особено кај помладата популација. Најголем ризик имаат лицата со светла кожа, светли очи и црвена или руса коса. Главен фактор на ризик е прекумерната изложеност на ултравиолетово (УВ) зрачење од сонце и солариуми. Честите изгореници од сонце, особено во детството, значително го зголемуваат ризикот. Генетските фактори и семејната историја исто така играат важна улога.
Клиничка слика и дијагноза
Меланомот најчесто се јавува како промена на постоечка бемка или појава на нова пигментирана лезија. За препознавање се користи правилото ABCDE:
•A- Асиметрија
•B– Неправилни граници
•C– Промена на боја
•D– Дијаметар поголем од 6 mm
•E– Еволуција или промена на лезијата.
Дијагнозата се поставува преку дерматолошки преглед и биопсија.
Третман
Главен третман на меланомот е хируршко отстранување на лезијата. Кај напреднати случаи може да се применат имунотерапија, таргет терапија и хемотерапија. Раното откривање значително ја подобрува прогнозата.
Превенција на меланом
Превенцијата е најважниот чекор во намалување на појавата на меланом. Потребно е избегнување на сонце во периодот од 10 до 16 часот, користење креми со заштитен фактор (SPF 30+), носење заштитна облека, очила и капи, како и избегнување на солариуми. Редовните дерматолошки прегледи и самопрегледот на кожата овозможуваат рано откривање на сомнителни промени.
Меланомот претставува сериозна, но превентабилна болест. Подигањето на свеста за ризик факторите, правилната заштита од сонце и редовните прегледи се клучни за навремено откривање и успешно лекување. Едукацијата на населението има големо значење во намалување на бројот на заболени и смртноста од меланом.



































