Фото: Маја Јаневска-Илиева

Трошоците на живот во мај годинава се зголемени за 4,8 проценти во споредба со истиот месец лани, додека цените на мало бележат раст од 5,6 проценти, покажуваат најновите податоци.

На месечно ниво, инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во мај во однос на април изнесува 0,6 проценти.

Најголем месечен раст е регистриран во групата Транспорт, каде трошоците се зголемени за 1,6 проценти. Следуваат Облека и обувки, како и Храна и безалкохолни пијалаци со раст од по 1 процент.

Зголемување е забележано и кај Рекреација, спорт и култура за 0,9 проценти, Информации и комуникации за 0,7 проценти, како и Ресторани и услуги за сместување за 0,5 проценти.

Трошоците за Здравствена заштита и за Домување, вода, електрична енергија, гас и други горива се зголемени за по 0,1 процент.

Од друга страна, намалување на трошоците на живот е регистрирано во групата Лична нега, социјална заштита и разновидни стоки и услуги за 0,4 проценти, како и кај Покуќнина, опрема за домаќинствата и редовно одржување на домаќинствата за 0,1 процент.

Кај услугите за образование, осигурување и финансиски услуги, како и кај алкохолните пијалаци, тутунот и наркотици, не се забележани промени во споредба со претходниот месец.

Цените на мало во мај, во однос на април, се зголемени за 0,8 проценти.