Самитот во Тиват како повод
Овој викенд во црногорскиот град Тиват се одржа мултилатералниот самит ЕУ – Западен Балкан, настан претставен како историски момент за европската иднина на регионот. Со присуство на највлијателните европски политичари – Урсула фон дер Лајен, Емануел Макрон, Фридрих Мерц, Џорџа Мелони и уште триесетина високи функционери – самитот беше претставен како чекор кон побрза интеграција на шесте балкански држави во европските структури.
Официјалната агенда беше „интеграција на Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Македонија, Косово и Албанија во единствениот европски пазар“, како подготовка за нивно идно членство во Европската Унија.
– На хартија, пораките на самитот звучеа охрабрувачки. Во пракса, меѓутоа, тешко е да се очекуваат какви било револуционерни промени, и за време на самитот и по неговото завршување. Кога ќе се погледне пошироката историска и геополитичка слика, станува јасно дека оваа номенклатура во Брисел во блиска иднина нема намера драматично да ја проширува ЕУ. Најдобро се позиционирани Црна Гора и Албанија, но и нивниот евентуален влез во Унијата најчесто се проектира околу 2030 година. Сè друго засега останува во сферата на политички декларации и дипломатски ветувања – тврдат нашите соговорници, дипломати и политички аналитичари, опсервирајќи ја суровата стварност за Тиват зад слаткоречивите високи носители на ЕУ-функции.
Три децении чекање и бескрајни услови
Процесот на приближување на земјите од Западен Балкан кон Европската Унија трае речиси три децении. За многумина, чувството е како да трае уште подолго поради бавноста, бирократската инертност и постојаното поместување на целната линија.
По големото проширување во 2004 година, кога во Унијата влегоа повеќе држави од поранешниот Источен блок, како и по приемот на Романија и Бугарија во 2007 година, Брисел воспостави значително построги критериуми за идните членки.
– Хрватска е најдобар пример. Од поднесувањето на апликацијата во 2003 година до членството во 2013 година помина цела деценија исполнета со сложени преговори, усогласување на законодавството, институционални реформи и исполнување повеќе од триесет преговарачки поглавја. Процесот дополнително беше забавен од словенечката блокада, но и од барањата за реформи во правосудството, борбата против корупцијата и зајакнувањето на владеењето на правото. Истите предизвици денес стојат пред земјите од Западен Балкан, но во уште покомплицирана форма – велат наши соговорници дипломати од Хрватска.
Истите соговорници додаваат дека Босна и Херцеговина и Косово сè уште функционираат под силно меѓународно влијание и зависност. Македонија со години е заложник на спорови околу идентитетот, уставните измени и бугарското вето. Во регионот постојат нерешени национални прашања, меѓуетнички тензии и политички нестабилности што постојано произведуваат нови кризи. Со други зборови, овој Брисел бара високи стандарди од држави што сè уште се борат со фундаментални прашања на државноста и политичката стабилност.
Дали на земјите од Западен Балкан им е јасно дека овој Брисел не сака нови членки?!
– Проблемот не е само во кандидатите. Вториот и можеби поважен фактор е фактот што Европската Унија нема вистинска политичка волја за ново проширување.
По глобалната финансиска криза во 2008 година и мигрантската криза во 2015 година, европските влади станаа многу повнимателни кон идејата за прием на нови држави. Богатите членки стравуваат дека ќе треба да издвојуваат уште повеќе средства за европските фондови, додека дел од јавноста во Западна Европа се плаши од дополнителен прилив на работна сила од Балканот.
Тука не станува збор само за економија. Во одредени делови од Европа сè уште постојат длабоковкоренети предрасуди кон народите од Југоисточна Европа. Стереотипите за Балканците како недоволно продуктивни, зависни од државна помош и склони кон корупција остануваат присутни во политичкиот и медиумскиот дискурс.
Дополнителен проблем е самиот механизам на одлучување во Унијата. За многу клучни одлуки сè уште е потребен консензус, а секоја нова членка носи можност за нови блокади. Последните години тоа јасно се виде преку позициите на Унгарија и Словачка кон Украина, како и преку грчките и кипарските блокади во однос на Турција. Од перспектива на Брисел, новите членки не се решение, туку потенцијален нов проблем- тврдат дипломатите, кои одвнатре го познаваат процесот и процедурите, но и расположението во Брисел за примање нови членки.
Балканот сака европски пари, но не и европски правила
– Третата причина лежи во самите балкански општества и нивните политички елити.
Иако речиси сите влади декларативно го поддржуваат европскиот пат, прашање е колку навистина постои искрена желба за членство. Во Србија, делови од Црна Гора и во Република Српска во Босна и Херцеговина силно се присутни проруски и антизападни чувства. За значителен дел од населението политички модели се Русија и Кина, а не западните демократии.
Кај дел од бошњачката политичка сцена често како пример се посочуваат Турција и други блискоисточни држави, кои тешко можат да се вклопат во европските демократски стандарди.
Албанија е најпроевропски ориентирана, но и таму остануваат сериозни предизвици поврзани со институциите, владеењето на правото и демократската култура.
Во суштина, голем дел политички елити на Балканот ја гледаат Европската Унија пред сè како извор на финансиски средства, фондови, кредити и инвестиции. Многу помал интерес покажуваат за вредностите врз кои формално се темели Унијата: независни институции, силно правосудство, бескомпромисна борба против корупцијата, непотизмот и политичката злоупотреба на државата – велат отворено нашите соговорници.
Тиват како сцена за европскиполитички спектакл
Токму затоа е тешко самитот во Тиват да се гледа како историски пресврт.
За вистинска промена би било потребно Европската Унија да понуди конкретни датуми за прием или јасен и обврзувачки план за членство на секоја држава поединечно. Наместо тоа, јавноста повторно слушна познати фрази за „европска перспектива“, „заедничка иднина“ и „посветеност на интеграцијата“.
Ваквите пораки се повторуваат со години, а резултатите остануваат минимални.
Сè повеќе изгледа дека ваквите самити имаат пред сè комуникациска и пропагандна функција. Тие треба да создадат впечаток дека Европската Унија е динамичен и влијателен геополитички актер, способен да ја обликува иднината на својот континент. Но реалноста сугерира поинаква слика. Н.М.
Брисел повторно организираше уште една голема политичка претстава со однапред познат крај
Додека во Тиват се одржуваат свечени говори и медиумски спектакли, најголемите светски кризи се решаваат далеку од Брисел.
Војната во Украина, кризата на Блискиот Исток, односите со Иран или растечкото ривалство меѓу САД и Кина се теми во кои Европската Унија ретко настапува како самостоен и одлучувачки фактор.
Главни играчи на глобалната сцена остануваат САД, Русија и Кина. Тие ја дефинираат рамката на современата геополитика, додека европските институции често изгледаат како набљудувачи на процесите што ги менуваат светските односи.
Токму затоа самитот во Тиват повеќе личи на внимателно режирано политичко реално шоу отколку на настан што ќе ја промени судбината на Балканот.
Милиони евра се трошат за организација, протокол, медиумска промоција и политички маркетинг, додека конкретните резултати остануваат нејасни. Европските даночни обврзници ја плаќаат сметката, а граѓаните на Балканот повторно добиваат ветувања наместо одговори. Ако нешто останува по самитот во Тиват, тоа не е впечатокот дека проширувањето е поблиску од кога било, туку сомнежот дека Брисел повторно организираше уште една голема политичка претстава со однапред познат крај. Н.М.
Бриселскиот театар во Тиват
Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват уште еднаш ја потврди суровата политичка реалност: Европската Унија денес повеќе зборува за проширување отколку што навистина го сака.
Со години Брисел ги повикува балканските држави на реформи, ги охрабрува да ја следат европската агенда и им ветува европска иднина. Но кога ќе дојде моментот тие ветувања да добијат конкретна содржина, врвните европски лидери, за разлика од хрватските, повторно се кријат зад дипломатски фрази, декларации и бескрајни процедури.
Тиват беше уште една раскошна политичка сцена на која европските функционери глумеа решителност, а балканските лидери ентузијазам. Резултатот е ист како и на десетици претходни самити – многу фотографии, многу говори и речиси ништо конкретно.
Вистината е едноставна. Ваквиот Брисел нема храброст за ново проширување. И додека јавно зборува за европска перспектива на Балканот, во реалноста прави сè за процесот да трае што е можно подолго.
Балканот веќе три децении чека пред вратата на Унијата. Во меѓувреме се менуваа генерации политичари, се отвораа и затвораа преговарачки поглавја, се исполнуваа нови и нови услови, а целта постојано се оддалечуваше.
Уште поцинично е што Брисел од балканските држави бара стандарди што често не успева да ги обезбеди ни во сопствениот двор. Корупција, политички клиентелизам, институционални кризи и растечки екстремизам се појави со кои се соочуваат и голем број членки на Унијата. Но кога станува збор за Балканот, критериумите одеднаш стануваат речиси недостижни.
Во суштина, Брисел сака послушен Балкан, но не и рамноправен Балкан. Сака пазари, транзитни коридори и геополитичко влијание, но не и нови членки што би учествувале во донесувањето одлуки.
Затоа самитите како овој во Тиват сè повеќе личат на политички реални шоуа финансирани со пари на европските даночни обврзници. Тие треба да создадат впечаток дека Европската Унија е активен геополитички играч, иако нејзиното влијание во клучните светски кризи е сè помало.
Додека во Црна Гора се држат свечени говори за европската иднина, најважните одлуки за Украина, Блискиот Исток и глобалната безбедност се носат во Вашингтон, Москва и Пекинг. Тоа е најдобриот показател за вистинската тежина на денешна ЕУ.
Балканот не заслужува нови декларации, туку јасни рокови и чесна политика. Ако овој Брисел навистина сака проширување, нека го каже тоа и нека го докаже со конкретни чекори. Ако не сака, уште подобро – нека престане да продава илузии.
Зашто по три децении чекање, најголемиот проблем повеќе не е тоа што Балканот не е подготвен за Европската Унија. Проблемот е што ваквиот Брисел или, уште попрецизно, сегашните бриселски либерални елити очигледно не се подготвени за сопствените ветувања.
Автор: Ангел Митревски, постојан соработник на „Нова Македонија“ од Хрватска

































