Фото: Маја Јаневска-Илиева

По повод 81-годишнината од усвојувањето на македонскиот правопис

 Изготвувањето и донесувањето на првиот правопис е еден од клучните настани во современата историја на македонскиот јазик и културен развој. Тоа е завршна фаза на кодификацијата на книжевниот македонски јазик, започната по одлуката на АСНОМ од 2 август 1944 година македонскиот да стане службен јазик на македонската држава. Првиот правопис ги удира темелите на македонскиот книжевен јазик

Свето Тоевски

На денешен ден, на 7 јуни 1945 година бил донесен првиот правопис на македонскиот јазик со решение на Министерството за народна просвета, на предлог на Комисијата за јазик и правопис. По работа од безмалку една година и на три јазични комисии, азбуката и правописот ги донесе Третата јазична комисија во состав: Васил Иљоски, М. Павловски, Блаже Конески, Крум Тошев, Иван Мазов, Г. Влахов, Владо Малески, К. Х. Василев, И. Топаловски и Венко Марковски. На 3 мај 1945, дефинитивно ја утврдила македонската азбука со 31 буква. Со исклучок на Мазов оваа комисија на 2 јуни 1945 го утврдила нацртот за македонскиот правопис, за кој на 7 јуни 1945 е донесена Резолуција од Владата, со што македонскиот правопис станал официјален. Бил отпечатен во посебна книшка од 20 страници. Веќе следниот ден по усвојувањето на правописот Блаже Конески го објавува  написот „За македонскиот литературен јазик”, во кој се претставени ставовите за македонската азбука и правопис. Македонскиот правопис е заснован  врз фонолошкиот (фонетскиот) принцип, што значи дека за секој глас има определен знак – буква: се пишува онака како што се изговара, а се изговара онака како што е напишано.

Изготвувањето и донесувањето на првиот правопис е еден од клучните настани во современата историја на македонскиот јазик и културен развој. Тоа е завршна фаза на кодификацијата на книжевниот македонски јазик, започната по одлуката на АСНОМ од 2 август 1944 година македонскиот да стане службен јазик на македонската држава. Првиот правопис ги удира темелите на македонскиот книжевен јазик.

Првите измени и дополнувања на правописот се направени две години подоцна од Комисијата за преразгледување на прашањата во врска со македонскиот правопис во состав: д-р Михаил Петрушевски, Блаже Конески и Крум Тошев, назначена на 20 ноември 1947 година. Од овие промени најважна била промената на наставката -уе во -ува (кажуам во кажувам). Предлогот бил прифатен на собир на македонските писатели, новинари, филолози и културни дејци на 6 април 1948 и објавен во проширеното издание на Македонскиот правопис со правописен речник на Конески и Тошев во 1950 година.

Македонскиот правопис од 1969 година во авторство на Б. Видоески, Т. Димитровски, К. Конески, К. Тошев и Р. Угринова-Скаловска) е дополнет во 1970 година со Правописен речник од 30 илјади зборови. Последното издание на овој правопис е коригирано од Т. Димитровски и објавено во 1998 година. Новиот Правопис на македонскиот јазик како колективен труд на 48 универзитетски професори е објавен во 2015 година, а негово второ издание во 2017 година, под редакција на Ж. Цветковски, С. Веновска-Антевска, С. Груевска-Маџоска, Е. Јачева-Улчар и С. Саздов.

Изминативе 81 година од донесувањето и практичната употреба на правописот покажаа и докажаа дека неговите основи уште во 1945 година биле успешно поставени и оти ги отсликувале реалните потреби на говорителите на македонскиот јазик.

Важната улога на правописот во разграничувањето на македонскиот од другите балкански и европски јазици

Во современата лингвистика правописот  не претставува само технички список на правописни норми. Дејвид Кристал, еден од највлијателните современи лингвисти во светот, нагласува дека правописот е историски и лингвистички систем. Неговата дефиниција имплицира дека правописот го претставува историскиот развој на еден јазик и на неговата говорна заедница, зачувувајќи ги трагите и придонесот од претходните поколенија во тој развој.

Питер Т. Даниелс, еден од најистакнатите научници за правописните системи на пишување, го дефинира правописот како „одраз на јазичната свест и јазичната структура”. Современите лингвисти генерално додаваат дека правописот е и дел на колективниот јазичен идентитет.

Комбинирајќи ги ставовите на Кристал и Даниелс за правописот на еден јазик може да се констатира дека не е само стандардизирана писмена норма за пишување на зборовите, туку и историска меморија на односниот јазик и видлив симбол на јазичниот идентитет и континуитет низ генерациите.

Мирка Хонканен како европски експерт за социолингвистика е категорична дека правописот има важна улога во конструирањето на националните и другите општествени идентитети, како и во разграничувањето на јазиците.

Сево ова што го нагласуваат врвните европски и светски лингвисти се однесува и на македонскиот јазик и неговиот правопис и азбука. Тие не настанале преку ноќ, туку низ многуте векови на постоењето на македонскиот јазик и борбата на многу македонски просветители, писатели, лингвисти и интелектуалци за зачувување и воздигање на народниот македонски во  развиен книжевен јазик на македонскиот народ: Јордан Хаџи Константинов – Џинот, Јоаким Крчовски, Кирил Пејчиновиќ, Партениј Зографски, Ѓорѓија Пулевски, Крсте Мисирков, Блаже Конески…

Завршната фаза од овие повеќевековни напори за развој, стандардизација и кодификација на книжевниот македонски јазик е донесувањето и озаконувањето на азбуката и правописот. Исто така, и македонскиот правопис е одраз на македонската јазична свест, дел на колективниот македонски јазичен и етнички идентитет на македонскиот народ.

И македонскиот правопис е видлив симбол и градител на тој македонски идентитет и континуитет низ генерациите, но и жива историска меморија и алатка за разграничување на македонскиот јазик од другите балкански, европски и светски јазици.