Нема повеќе бланко-отстапки – Македонија не е на продажба!

  • Кога Иран јавно порачува дека нема да прифати договор додека не биде сигурен дека неговите национални интереси се заштитени, тој не прави ништо различно од она што би требало да го прави секоја држава. Го брани сопствениот интерес. Зошто тогаш Македонија би била исклучок? Зошто од македонскиот народ се бара да покаже доверба таму каде што веќе многупати бил изневерен? Зошто се создава впечаток дека само македонските национални интереси треба да бидат жртвувани во име на некаква повисока цел? Ниту една европска интеграција не може да биде успешна ако е изградена врз чувство на неправда и понижување

Во меѓународната политика постои едно непишано правило што сите сериозни држави го разбираат, без разлика дали се светски сили или мали нации. Имено, никој не ги става сопствениот идентитет, суверенитет и национален интерес на коцка без јасни и обврзувачки гаранции. Тоа не е прашање на тврдоглавост, туку на државничка одговорност. Токму затоа денес Македонија има целосно легитимно право да каже: Доста е!
Доста беше од еднострани отстапки претставувани како историски победи. Доста беше од ветувања без покритие. Доста беше од уверувања дека „само уште овој компромис“ ќе ги отвори вратите на европската иднина. Историјата на македонските евроинтеграции е исполнета со болни отстапки. Се менуваше знамето. Се менуваше името. Се потпишуваа договори за добрососедство. Се прифаќаа услови што ниту една друга европска држава не мораше да ги прифати. И што доби Македонија за возврат? Нови условувања. Нови барања. Нови блокади. Наместо затворање на споровите, секоја нова отстапка отвораше простор за следна уцена. Затоа денес не станува збор за тоа дали Македонија е за Европа или против Европа. Вистинското прашање е дали Македонија треба повторно да потпише бланко-чек без гаранции дека договореното навистина ќе биде испочитувано. Одговорот е јасен. Ниту една држава што се почитува себеси не би постапила така. Светот ни нуди многу примери. Денес дури и држави што се под силни санкции, економски притисоци или безбедносни закани одбиваат да прифатат договори засновани само на добра волја и политички ветувања. Бараат механизми, правни гаранции и јасни обврски од другата страна. Тоа не е радикализам. Тоа е рационална политика.
А еве еден најсвеж пример… Кога Иран јавно порачува дека нема да прифати договор додека не биде сигурен дека неговите национални интереси се заштитени, тој не прави ништо различно од она што би требало да го прави секоја држава. Го брани сопствениот интерес. Зошто тогаш Македонија би била исклучок? Зошто од македонскиот народ се бара да покаже доверба таму каде што веќе многупати бил изневерен? Зошто се создава впечаток дека само македонските национални интереси треба да бидат жртвувани во име на некаква повисока цел? Ниту една европска интеграција не може да биде успешна ако е изградена врз чувство на неправда и понижување. Ниту една иднина не може да биде сигурна ако од една држава постојано се бара да докажува дека има право да постои како тоа што е. Македонскиот јазик не е предмет на преговори. Македонскиот идентитет не е дипломатска валута. Македонската историја не е документ што може да се ревидира по потреба на дневната политика. Тоа се темелите врз кои почива една нација. Македонија е древен простор на континуитет, култура и традиција. Генерации Македонци се бореле за право на сопствена држава, сопствен јазик и сопствено национално достоинство. Тие жртви не биле направени за денес некој лесно да ги релативизира или претвори во монета за поткусурување. Затоа барањето гаранции не е антизападна политика. Не е изолационизам. Не е блокада на европската перспектива. Напротив. Тоа е минималниот услов за одржлива и чесна интеграција. Македонија не бара привилегии. Не бара туѓа територија. Не бара туѓ идентитет. Не бара ништо што им припаѓа на другите народи. Бара само сигурност дека договореното ќе важи и утре.

Бара сигурност дека нема да се појави ново вето по новото вето. Бара сигурност дека европскиот пат нема да се претвори во бесконечен процес на нови отстапки без крајна цел. Тоа е разумно барање. И токму затоа Македонија денес мора да покаже политичка зрелост и државничка одговорност. Не со нови еднострани попуштања, туку со јасна позиција дека понатамошни уставни и идентитетски отстапки без цврсти гаранции нема да има. Како што секоја држава ги брани своите интереси, така има право да ги брани и Македонија. Како што секоја цивилизација го чува своето наследство, така има право да го чува и македонскиот народ. И како што никој во светот не би потпишал договор што може да го загрози неговиот идентитет, така нема причина тоа да го направи ниту Македонија. Времето на политичката наивност заврши. Време е за политика на достоинство, принципи и гаранции. Затоа што државите што се почитуваат себеси не го продаваат својот идентитет. Тие го штитат.
П.С. А се сеќаваме ли за дополнителните нелегални услови за прием на Македонија во членство на Организацијата на обединетите нации (ООН)? Во аналите на меѓународното право ќе остане запаметен случајот со дополнителните нелегални услови за прием на Македонија во членство на Организацијата на обединетите нации (ООН) како флагрантно кршење на нејзината повелба! Да, сето тоа е поврзано со горната експликација, само за тоа во некоја друга пригода. Дотогаш професорот Јанев, со својата ексклузивна колумна, за читателите на „Нова Македонија“ потсетува на втората страница во денешниот број.