Македонија во старите книги, патописи, карти, мапи, документи и весници (16)
- Патописот во македонскиот 19 век не се појавува како чиста литературна форма, туку како комплексен одговор на потребите на националната преродба. Овој книжевен жанр ги поставува темелите на современата македонска географска, етнографска и културна документација, трансформирајќи го патувањето од обично движење низ просторот во чин на национално самоспознавање
Во македонската книжевна и културна историја 19 век не е само хронолошка одредница туку и пресвртна точка во која пред светот јасно се пројавувал милениумскиот идентитет на Македонците. Еден од клучните жанрови преку кои се следи овој процес на зреење е патописот. Истражувањето на проф. д-р Славчо Ковилоски, насловено „Македонскиот патопис во XIX век“, објавено и како книга пред 16 години, нуди суштински увид во овој развоен пат, дефинирајќи го патописот не само како литературен вид туку и како културолошки феномен што директно учествува во кодирањето на националниот идентитет. Важноста на ова дело лежи во неговата способност да ги детектира преодните фази во кои патувањето од чисто религиозен чин прераснува во интелектуална мисија и чин на себеспознавање. Книгата претставува капитално дело, кое за првпат детално го опишува македонскиот патопис запишан од Македонци.
Пред појавата на световниот патопис во 19 век, македонската книжевна традиција во доменот на патувањата била речиси целосно подредена на средновековниот христијански канон. Патувањето имало своја цел само доколку водело кон „центарот на светот“ – Ерусалим, Света Гора или Синај. Записите од овие патувања, познати како „поклонички записи“ или аџилаци, биле лишени од индивидуален печат; во нив преовладувал јазикот на молитвата и стереотипните описи на светините. Меѓутоа, како што аргументира Ковилоски, 19 век носи радикална промена на парадигмата. Под влијание на просветителството, „патописот престанува да биде само сувопарен извештај за поминати километри и станува моќна алатка за себеспознавање“. Наместо кон метафизичкото небо, окото на македонскиот интелектуалец започнува да гледа кон хоризонтот на сопствената земја. Патувањето прераснува во истражување на сопствениот географски и етнокултурен простор. Профилот на македонскиот патописец во овој период е специфичен: тоа најчесто се луѓе што професионално биле врзани за зборот и заедницата, учители, свештеници-преродбеници и трговци. Во нивните записи Македонија престанува да биде неартикулирана територија на Отоманската Империја и почнува да се исцртува како „историски и географски ентитет со сопствен идентитет“.
Она што го издвојува македонскиот патопис од овој период е неговата идентитетска тежина. Додека западните патописци честопати во Македонија барале егзотика и „ориентална мистерија“, кај преродбениците „личната импресија се преплетува со потребата да се документира народниот бит“. Тоа не биле патувања заради забава, туку заради опстанок, процес во кој јазикот игра клучна улога, па така патописите стануваат лабораторија во која се кали народниот говор. Тие се исполнети со дијалектизми, локални називи и архаизми што ја потврдуваат автентичноста на опишаниот простор. На овој начин патописот ја подготвува почвата за модерната македонска книжевност, нудејќи модел на раскажување што е истовремено документарен и емотивно ангажиран.
Заклучокот што се наметнува од анализата на Ковилоски е дека патописот е „будењето на набљудувачот“. Тоа е моментот кога македонскиот субјект престанува да биде само набљудуван од другите и започнува самиот да се дефинира преку пишаниот збор. Ова прво продолжение е само вовед во она што подоцна ќе прерасне во комплексна литерарна мрежа, каде што патувањето низ Македонија ќе стане синоним за патување кон сопствената слобода. Клучниот придонес на македонските патописци од овој период е во нивниот напор да ја претстават Македонија не како случајна провинција туку како „историски и географски ентитет со сопствен идентитет“. Во записите патописот добива национално-просветителска функција.
Ковилоски во своето истражување нагласува дека преку овие текстови се врши еден вид „инвентаризација“ на татковината. Овој пристап е клучен бидејќи ја поставува основата за модерната македонска наука. Патописот станува медиум преку кој се афирмираат македонските градови и села, честопати преку споредба со славното минато, што пак кај читателот треба да побуди чувство на гордост и одговорност. Она што е особено важно во делото на Ковилоски е нагласувањето на јазичната компонента. Патописот е просторот каде што „личната импресија се преплетува со потребата да се документира народниот бит“. Тоа е жанр што е најблиску до живиот, народен говор. Авторите не се трудат да пишуваат на архаични или туѓи јазици; тие пишуваат онака како што зборува народот, со што патописот станува „огледало на народната душа“. На тој начин патописот од 19 век не е само литература за патување низ просторот туку е и патување низ сопственото битие – обид да се одговори на прашањето кои сме и каде припаѓаме во мозаикот на народите.
Патописот во македонскиот 19 век не се појавува како чиста литературна форма, туку како комплексен одговор на потребите на националната преродба. Овој книжевен жанр ги поставува темелите на современата македонска географска, етнографска и културна документација, трансформирајќи го патувањето од обично движење низ просторот во чин на национално самоспознавање. Развојот на патописната проза започнал со дописки во весниците и списанијата, кои честопати се препрочитувале и се чувале во домашните библиотеки. Првите патописни белешки од Македонија, опишани како фрагментарни, биле оставени од Кирил Пејчиновиќ за неговото патување преку Косово Поле и посетата на манастирот „Раваница“, заедно со други попатни описи. Меѓу првите печатени описи е оној од печатницата на Теодосиј Синаитски во Солун од февруари 1839 година. Харалампие Поленаковиќ го посочува делото „Крашко описание двадесјат манастиреј обретајуштесја во Светој Гору Атонској“ како значајно, за кое се верува дека автор е ваташкиот даскал Камче, кој го моделирал според грчките описи, но додал личен опис на манастирот „Зограф“ на македонски народен јазик. Партениј Зографски исто така е дел од групата преродбеници што оставиле патописни белешки, запишувајќи сè што било значајно за македонската култура и традиција. Особено активен дописник бил Јордан Хаци Константинов-Џинот, кој објавил голем број описи на македонски градови во „Цариградски вестник“, фокусирајќи се на знаењето и географијата, а не на уметничката вредност. Патописите се објавувале во „Новини“, „Вести“, „Читалиште“, „Цвет“, „Лоза“, „Живаја старина“, „Зорница“, „Цариградски гласник“ и други, при што авторите опишувале места, население, планини, животот под ропство и коментари за обичаите. Овие дописки честопати биле без потпис, што ја отежнувало идентификацијата на авторите. Во источниот дел на Македонија биле активни браќата Антон и Христо Поп Стоилови, додека Бано М. Кушов објавил запис во „Новини“, а Димитар Илиев репортажа во истиот весник. Други соработници биле Михаил К. Шатоев, П. А. Чачаров, Георги Динков, Јаким Деребанов, Константин Петкович, Георги Трајчев и Ѓорѓи Капчев. Дневниците, спомените и автобиографиите се посебен вид патописни текстови. Марко Цепенков во својата автобиографија опишува премин низ границата при одење во Софија, додека Григор Прличев ги опишува патот за Атина и погледот кон Дебар. Ефрем Каранов ги опишал своите патувања кон Цариград, а Христо Н. Македонски своите записи од Св. Гора. Периодичните списанија, како „Лоза“, објавувале прилози од Георги Баласчев и Петар Поп Арсов, додека Панајот Ѓиноски објавил зборник во „Живаја старина“, а Рајко Жинзифов расказот „Прошедба“. Посебни патописни книги се ретки, како оние на Васил Икономов и Коста Групче, а Ѓорче Петров во 1896 година се обидел да ги опише географијата и етнографијата на Македонија, иако делото е научно. Во Државниот архив бил пронајден ракописен дневник на непознат Македонец што опишува пат од Солун до Воден, како и ракописот „Месност од Дебарското окружје“, чиј автор е непознат, но се поврзува со Панајот Ѓиноски. Ракописот детално ги опишува селата во дебарскиот крај, бројот на куќите и опкружувањето со планини и реки, дефинирајќи ги границите на околијата и разликата меѓу Мијаците и Брсјаците.
Патописни содржини се откриваат и во преписките на преродбениците. Венјамин Мачуковски пишува за своите патувања до Верковиќ, а фрагменти наоѓаме и кај Кузман Шапкарев, Митра Миладинова и Константин Миладинов. Димитар Миладинов патувајќи за Кукуш собрал ракописи и пари, а во Москва испратил опис на Македонија. Георги Гогов се жалел на злоупотребите на грчкото свештенство, опишувајќи ја Воденската епархија. Писмата на Гоце Делчев и Петар Поп Арсов содржат белешки за местата низ кои патувале во контекст на револуционерното движење, додека Ѓорѓија Пулевски своите патувања ги користел за собирање материјал за својот прв речник…
(продолжува)
М-р Никола Ристевски
































