Зошто ја разбираме апстрактната уметност, но не и експерименталната музика?
Во Берлин, во музејот на современа уметност „Хамбургер Банхоф“ (Hamburger Bahnhof – Contemporary Art National Gallery), стоев пред платното на Марк Ротко. Огромно, магливо црвено, со сенки што излегуваат низ рамката, додека луѓето околу молчат. Некои седат на под, тивко медитираат, додека бојата пулсира. Никој не се прашува што „значи“ сликата. Не им е потребен наратив.
– Ова е длабоко – шепнува една посетителка. А сликата е само боја на платно. Никој не прашува „што значи“, едноставно прифаќаме дека делото зборува на свој начин.
За време на мојот престој во Берлин, по неколку дена, во рамките на фестивалот „Трансмедиале“, се случи концерт на експериментална музика. Публиката во салата се преместуваше нервозно. На сцената, парче од Карлхајнц Штокхаузен. Необични звуци што доаѓаат од сите страни, тишина што трае предолго, напнатост, метални резонанции и гласови без текст.
– Ова е лудило – шепоти некој. Друг станува и си заминува. Слушањето тука изгледа како обврска, а не како доживување.
Зошто сме толерантни кон апстрактната слика, но не и кон апстрактниот звук?
Ред е да го поставиме прашањето, кое е поводот за оваа колумна и еден од клучните проблематики со кои се занимавам како звучен уметник: зошто е тоа така? Зошто сме подготвени да прифатиме боја без фигура, но не и звук без мелодија?
Одговорот, меѓу другото, е во навиката и културниот контекст. Очите ни се едуцирани да гледаат модерна уметност, но ушите ни останале затворени. Во музеј можеш да поминеш покрај слика и да кажеш дека ти се допаѓа, а експерименталната музика, пак, бара време, тишина и внатрешно внимание, што ја прави предизвикувачка.
Кај експерименталната музика нема ритам, нема текст, нема препознатливи „шаблони“, што ја прави многу потешка за когнитивна обработка. Повеќето слушатели не знаат ни од каде да почнат.
Но проблемот не е во сложеноста. Ротко и Штокхаузен се еднакво апстрактни. Сликарството е пасивна форма на уметност, не бара ништо од тебе, не те предизвикува. Можеш да ја гледаш 30 секунди или 10 минути, да заминеш и сепак да се чувствуваш како да си „доживеал нешто“ и без вложување енергија. Експерименталната музика, пак, бара време. Може да биде дисонантна, интензивна, напорна, ти се обраќа директно, те вознемирува. Седиш, чекаш, слушаш нешто што сметаш дека не го разбираш. Нема ритам, нема текст, нема рефрен, а тоа ја прави потешко „прифатлива“.
Во еден дел, слушањето е и телесно. Звукот те допира физички. Сликата, пак, е дистанцирана. Не бара внимание и не навлегува во твојот простор.
Од друга страна, апстрактната уметност (и тука е можеби клучот на проблемот) има долго институционално прифаќање: музеи, галерии, куратори, историчари што ја верификуваат. Со текот на времето, таа станала „прифатена“. Ротко сега е во учебниците. А Штокхаузен? Па, не баш. Ретки се наставниците што би го пуштиле во училница. Нашите очи се едуцирани за модерната уметност, но ушите останале на ниво на поп, класика, евентуално џез (како условно поапстрактна музика).
Штокхаузен, Кејџ или Ксенакис, иако реномирани, немаат исто „институционално“ легитимирање кај пошироката публика, а музичката едукација во училишта речиси никогаш не ги опфаќа.
Луѓето ги прифаќаат Ротко, Полок или Кандински, иако тие се апстрактни, бидејќи визуелната апстракција станала нормализирана. Додека Штокхаузен или Ксенакис, иако се врвни композитори, често се третираат како „шум“, „хаос“ или „претенциозност“.
Апстрактната уметност доби статус на висока култура, додека експерименталната музика остана маргинализирана, баш поради начинот на нејзина перцепција, а не поради нејзиниот квалитет и ниво.
И тука е илузијата: мислиме дека разбираме апстракција затоа што не ни пречи визуелното. Но вистинската апстракција, во каква форма и да се појави, бара работа и ако не сме научени да ја слушаме, таа станува страшна и неприфатлива.
Тишината на сликата и немирот на звукот
Замислете да влезете во галерија и наместо слика, некој ве замоли да седнете, да не зборувате 20 минути и да гледате едно бело платно што полека станува сиво. Би било чудно, нели? Тоа е еквивалентот на Штокхаузен или Мортон Фелдман. Не е музика што „свири додека работам“. Тоа е музика за внатрешна работа. Затоа сметаме дека не ја разбираме и ја избегнуваме.
Музиката, особено онаа на Штокхаузен, Ксенакис или Кејџ (или Томас Конер, Владислав Дилеј и Франциско Лопез од современите звучни уметници), бара активно слушање, временски ангажман и внимателност, нешто што современиот ум (привикнат на „лесни“ поп-мелодии) не секогаш е подготвен да вложи.
Време е да ги тренираме ушите
Авторот Дејвид Стабс во својата книга „Fear of Music“ истакнува токму дека музиката како уметност е културно потценета. Таа не е перципирана како „визуелна вредност“, туку како забавна, ритмична, разбирлива. Кога ќе ја напушти таа рамка, станува „шум“. Но експерименталната музика не е хаос. Таа е исто толку намерна и длабока колку и апстрактната уметност. Само треба да научиме да ја слушаме.
Во оваа кратка, но богата книга се поставува провокативно прашање: зошто луѓето лесно се поврзуваат со експериментална визуелна уметност (на пример Ротко), а ги игнорираат или ги доживуваат како „бучава“ вонмузичките експериментални текови (како Штокхаузен).
Со тоа го поставува еден од највозбудливите културни парадокси на 20 век и 21 век и отвора важна дискусија за тоа зошто некоја уметничка форма станува општествен феномен, а друга останува контракултурен феномен.
Во однос на ова тој вели: мора да учиме да слушаме. Не како што слушаме радио. Туку како што гледаме слика, со трпение и без барање одговор. Со прифаќање дека не мора да „разбереме“ веднаш.
Ако стоиме пред Ротко со восхит, можеби треба да седнеме пред Штокхаузен со истата посветеност и да слушаме без страв. Звукот не е поинаков од бојата, само не сме му дале шанса да ни стане познат.
Стабс истакнува дека експерименталната музика бара време и тишина, луксуз што денес, за жал, го немаат сите. Наспроти тоа, уметничка галерија овозможува атмосфера на концентрација, каде што публиката веќе е „поставена“ да размислува апстрактно.
Ни треба нова културна едукација за слушање. Мора да научиме да слушаме како што учиме да гледаме. Музиката не мора да биде „убава“ за да биде прифатена.
Ние како публика, сè уште живееме во време каде што „неразбирливиот звук“ не добива шанса, а „неразбирливата слика“ веќе е елитна. Време е да го промениме тоа. Време е музиката да влезе во галериите.
Тони Димитров



































