Фото: „Нова Македонија“

Научна и интелектуална фела во Франција – противтежа на Макроновиот (француски) предлог и бугарските ултиматуми

  • Сегашниот француски претседател Емануел Макрон директно придонесе за донесувањето на францускиот предлог. Макрон своевремено нагласи дека е потребна „правда за бугарските барања“. Но тој и неговото „адвокатисување“ за „правдата за бугарските барања“ да се престорат Македонците во Бугари, а македонскиот јазик бугарски, се во жестока спротивност со непрестајната длабока научна и интелектуална традиција токму на неговата матична држава Франција, која повеќе од еден и пол век ја признава, ја истражува и во широки меѓународни рамки ја афирмира националната и идентитетска самобитност на македонскиот народ, неговиот јазик, култура и историја
  • „Францускиот манифест на македонизмот“ на францускиот и европски писател и интелектуалец Анри Барбис веќе цели сто години ја зрачи вистината за самобитноста на македонскиот народ, идентитет и јазик среде Европа и низ светот. Тој на научноистражувачки основ констатира дека за Македонците навистина станува збор за една нација. Нација што има свој оригинален етнички карактер, свои традиции, свои стремежи, своја единствена и специфична личност, напиша Барбис во својата прочуена статија „Дали македонското прашање е навистина толку сложено?“, објавена на 1 ноември 1926 година

На 21 мај бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова, одговарајќи на пратеничко прашање во бугарскиот парламент, категорично изјави дека Бугарија нема да дозволи повторно преговарање или заобиколување на преговарачката рамка и условите содржани во францускиот предлог од јули 2022 година. Петрова-Чамова нагласи дека „напредокот на Скопје зависи исклучиво од исполнувањето на веќе преземените обврски и постигнатиот европски консензус“. Основната теза во тој француски предлог и таа преговарачка рамка е дека не постојат ниту засебен македонски јазик, ниту засебен македонски народ пред 1944/1945 година, туку оти тој народ и јазик се „современи“, односно измислени и новосоздадени врз основа на „бугарски темели и корени“. Таквите фалсификати и негаторски тези се засновани врз Бугарската национална доктрина за 21 век, стратегиски документ од 1997/1998 на Бугарската академија на науките (БАН) и државните институции, кој ја претставува Бугарија како „духовен центар на сите Бугари во светот“ и кој отфрла каква било помисла за постоење на Македонци и македонски јазик и идентитет, различни од Бугарите, бугарскиот јазик и идентитет.
Сегашниот француски претседател Емануел Макрон придонесе за донесувањето на францускиот предлог. Макрон своевремено нагласи дека е потребна „правда за бугарските барања“. Но тој и неговото „адвокатисување“ за „правдата за бугарските барања“ да се престорат Македонците во Бугари, а македонскиот јазик бугарски, се во жестока спротивност со непрестајната длабока научна и интелектуална традиција токму на неговата матична држава Франција, која повеќе од еден и пол век ја признава, ја истражува и во широки меѓународни рамки ја афирмира националната и идентитетска самобитност на македонскиот народ, неговиот јазик, култура и историја.

Француската научна и интелектуална доктрина го истакнува постоењето на
автентична и неспорна македонска етничка, идентитетска, јазична и историска засебност

На Емануел Макрон и Бугарската национална доктрина за 21 век против Македонија и нејзините и идентитетски обележја им се спротивставува своевидната француска научна и интелектуална доктрина за постоењето автентична и неспорна македонска етничка, идентитетска, јазична и историска засебност. Ним им се спротивставува Францускиот манифест на македонизмот на францускиот и европски писател и интелектуалец Анри Барбис, чие дело веќе цели сто години ја зрачи вистината за самобитноста на македонскиот народ, идентитет и јазик среде Европа и низ светот.
– Навистина станува збор за една нација. Нација што има свој оригинален етнички карактер, свои традиции, свои стремежи, своја единствена и специфична личност – напиша Барбис во својата прочуена статија „Дали македонското прашање е навистина толку сложено?“, објавена на 1 ноември 1926 година.
Во неа Барбис нагласил дека македонското население историски било вкоренето во Македонија, но му биле одземени основните национални права. Бугарите денес со фалсификати тврдат дека Македонците се „народ без историски корени“, а Барбис пред еден век јасно го кажал сосема обратното. Уште пред сто години тој зборува експлицитно за Македонците како посебна нација, а не како дел од друга балканска нација.
Шефицата на бугарската дипломатија Велислава Петрова-Чамова говореше за францускиот предлог, преговарачката рамка и вториот протокол, според кои Македонците немаат право да се наречат Македонци, благодарение и на Макрон. Од друга страна, на 28 јуни 1930 година во статијата „Поробен народ“ Анри Барбис ќе напише: „Македонците, коишто имаат свој автентичен посебен јазик и своја неспорна етничка оригиналност, го немаат дури ни правото да се нарекуваат Македонци.“
Делото и ставовите на големиот француски писател Анри Барбис зрачат можеби уште посилно денес во срцето на политичка Европа, олицетворена во ЕУ, како своевиден француски манифест на македонизмот против бугарските фалсификати и негирања, „бетонирајќи“ ја македонската вистина за Македонија, за самобитноста на македонскиот народ, македонскиот идентитет, јазик, култура и историја. Би било многу потребно и полезно Емануел Макрон да се запознае што пишувал и што говорел неговиот сонародник Барбис пред сто години за Македонија, Македонците и македонскиот јазик…

Во 19 век се засилува интересот на научна, културна и интелектуална Франција за македонскиот народ и неговите јазично-идентитетски белези

Но не ја сочинува само Анри Барбис промакедонската научна и интелектуална струја во Франција: преку француските патописци, географи и филолози во 19 век започнува да се пројавува и да се засилува интересот на научна, културна и интелектуална Франција за македонскиот народ и неговите јазично-идентитетски белези, различни од белезите на другите балкански и европски народи. Тој интерес, конкретизиран во задлабочени научни истражувања и објавени научни студии и монографии, се засилува во периодот меѓу двете светски војни преку угледни слависти и го достигнува врвот по Втората светска војна со официјалното внесување и востановување на македонистиката на врвните француски универзитети.
– Словенскиот македонски јазик претставува реалност во таква мера, што во XIX век суштествувал еден македонски литературен јазик, јазик на сосем мала учена литература, но на обилна народна литература. Немаше време да се унифицира овој литературен јазик, заснован врз говори, што природно се разликуваат малку меѓу себе. Меѓутоа негови центри беа Скопје, Тетово, Охрид, Битола (Манастир), Воден итн. – ќе запише францускиот лингвист и македонист Андре Вајан во 1938 година во студијата „Проблемот на македонските Словени“ во врска со постоењето и засебноста на македонскиот јазик, исто така и тој со аргументи побивајќи ги сите бугарски и сечии други тврдења дека македонскиот јазик бил измислен од Тито во 1944/1945 година.
Еден од најжестоките аргументи на овој врвен француски и европски лингвист против таквите негаторски тези е и Македонскиот речник од 16 век, кој го издал заедно со Ќиро Ѓанели, професор на Универзитетот во Рим, Италија – речник со повеќе од 300 изворни македонски зборови и фрази, напишан во 16 век од непознат автор, а објавен во 1958 година. Текстовите претставени за анализа во ова издание биле изработени од Институтот за словенски студии при Парискиот универзитет во 1958 година. Станува збор за еден од најраните ракописи напишани на чисто македонски народен јазик, а неговите содржини се собрани од селото Богатско, кое се наоѓа во регионот на Костурскиот Округ, во југозападна Македонија, денес во Грција.

Македонски зборови во Македонскиот речник од 16 век

Францускиот славист Андре Мазон, професор на Колеж де Франс и еден од најголемите европски слависти на 20 век, преку своите проучувања на македонската дијалектологија во 1920-тите и 1930-тите, ја потврди и ја засведочи пред европската научна јавност посебноста на македонските дијалекти во рамките на системот на македонскиот јазик. Мазон има неколку клучни научни трудови за Македонија и македонскиот јазик, во кои говори за „словенски говори, дијалекти“, а не за „бугарски говори, дијалекти“, за „словенски песни“, а не за „бугарски песни“, како и за „словенски приказни“ а не за „бугарски приказни“.
Тие дела на Мазон се: (1) „Словенски приказни од Југозападна Македонија“– студија од 1923 година, посветена на говорите во Леринско и Костурско (Грција), каде што направил прецизен лингвистички опис на фолклорни текстови, (2) „Документи, приказни и словенски песни од јужна Албанија“– капитално дело од 1936 година, во кое детално ги истражува изолираните и архаични македонски говори во јужна Албанија, конкретно во селата Бобошчица и Дреновени, (3) „Кулакиското евангелие, словенски дијалект на Долновардарјето“ – студија напишана во 1938 година во соработка со Андре Вајан, во која го анализира „Кулакиското евангелие“ и го опишува долновардарскиот солунски говор. „Кулакиското евангелие“ е исклучително значаен ракописен споменик на македонскиот народен јазик напишан во 1863 година во гратчето Кулакија (денес Халастра), Солунско. Напишан е со грчка азбука (со грчко писмо), но јазично го одразува автентичниот долновардарски македонски говор од солунскиот крај.
Македонски зборови во Македонскиот речник од 16 век – четири века пред да тврди политичка и лажнонаучна Софија дека „македонските зборови се бугарски зборови“, оти „македонскиот јазик е регионална норма, регионален дијалект на бугарскиот јазик“!

Француски и франкофонски научници, историчари, балканолози и лингвисти
експлицитно ги третираат македонскиот народ и македонскиот јазик како
засебен историски, културен и лингвистички ентитет

Денес своевидната француска „Македонска школа“ ја сочинуваат француски и франкофонски научници, историчари, балканолози и лингвисти, кои експлицитно ги третираат македонскиот народ и македонскиот јазик како засебен историски, културен и лингвистички ентитет. Некои од нив го прават тоа директно, а некои преку академски анализи за Балканот, националните идентитети и јазичните политики. Во март 2023 година, говорејќи на одбележувањето на 50 години од отворањето на Лекторатот по македонски јазик во Париз, кој функционира во рамките на престижниот Национален институт за ориентални јазици и цивилизации (ИНАЛКО), професорката д-р Весна Мојсова-Чепишевска, тогаш во својство како директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, посочи на истражувањата и објавените статии на француските филолози за македонскиот јазик од периодот меѓу двете светски војни, пред неговата кодификација.
– Во темелите на овој македонски лекторат е и еден претходен, исклучително значаен, непрекинат научен интерес за македонскиот јазик во француската филологија. Токму тој лекторат стана почетна точка на новата на присуството на македонскиот јазик, литература и култура во Франција – нагласи д-р Мојсова-Чепишевска.

Свето Тоевски