Кон крајот на оваа недела во Тиват ќе се одржи самитот ЕУ-Западен Балкан, на кој главни точки на дневен ред ќе бидат проширувањето и реформите, но ќе стане збор и за Планот за раст, односно како побрзо и поефикасно да се искористат европските пари.
Во пресрет на самитот во регионот, на мини-турнеја пристигнува претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој токму денеска треба да ја посети и земјава и со државниот врв уште еднаш да го отвори прашањето за македонските евроинтеграции.
Кошта многу добро знае каде лежи проблемот, свесен е дека претходната македонска влада презела обврска кога ја прифатила преговарачката рамка, но истовремено е свесен дека ЕУ неразбирливо дозволила вметнување некакви протоколи во преговарачката рамка што не се поврзани со Копенхашките критериуми, туку со идентитетски инженеринг.
Да бидеме реални, човекот не е од вчера, има врз своите плеќи долга политичка кариера, а дополнително го бие глас дека знае да решава проблеми. Впрочем, тој и среде Софија пред извесно време јасно порача дека билатералните прашања не смеат да бидат дел од преговарачката рамка, а проблематизирањето на нечиј идентитет или јазик е далеку од какво било европско пристојно однесување. Ова второво не им го кажа директно, но можеше гласно да се прочита меѓу редови.
За волја на вистината, Кошта постојано и нам ни повторува дека уставните измени се наша обврска што треба да ја направиме, но отворен е за идеи како да се направи тоа за да не се случи Македонија повторно да остане излажана. Знае дека втора лага ќе биде премногу.
Едно е сигурно, македонскиот народ и сите други што живеат на ова парче земја отсекогаш демонстрирале натчовечка трпеливост, не затоа што се инаетливи и сè прават контра, туку затоа што имаат свое достоинство и не сакаат никој да гази по него. Кошта ја знае нашата црвена линија, многу подобро од некои што едно време ги гласаа тие црвени линии во македонското Собрание, за подоцна да ги избришат како никогаш да не постоеле. Таа линија е нашиот идентитет, нашиот јазик и нашето достоинство. За сѐ друго, за реформи, за Планот за раст, за економски критериуми, подготвени сме да разговараме и да работиме деноноќно и македонските граѓани постојано го бараат тоа од оние што ги избрале.
Како и да е, Кошта нема да каже ништо повеќе од она што е ставено во официјалната агенда на неговата посета, но повеќе од јасно е дека далеку зад очите на јавноста и официјалните соопштенија всушност ќе се разгледуваат сите опции за откочување на евроинтегративниот процес на Македонија. Повеќе од извесно е дека ќе се напипува пулсот и за моделите за постепена интеграција или придружно членство, кои во овој геополитички момент се најреалната и најопиплива опција за целиот регион, па дури и за оние што се сметаат за „фронтранери“ во преговорите.
Но она што Брисел мора конечно да го разбере, а Кошта како искусен политичар го гледа и знае, тоа е парадоксот на нашиот главен кочничар во евроинтеграциите. Имено, како може официјална Софија да биде некаков арбитер за европски вредности на Балканот, кога не спроведува пресуди на Судот за човекови права, не дозволува регистрација на невладини организации, не дава можност претставник на македонското малцинство да биде дел од тамошното тело за малцински прашања, ги фалсификува податоците за да влезе во еврозоната, за потоа да биде исправена пред можни санкции поради огромниот буџетски дефицит несвојствен за земја членка на еврозоната. Кошта знае дека ако официјална Софија ја лаже и самата ЕУ, тогаш нема никаква причина да не верува дека ќе ја излаже и Македонија, односно само што ќе се случат уставните измени, ќе следуваат нов ултиматум и блокада.
Кошта има образ и не сака да се случи такво нешто под негов мандат, па затоа и самиот бара некаква гаранција дека Бугарија ќе биде спречена во идните блокади и уцени. Првиот човек на Европскиот совет е свесен дека реалноста е сурова и лесно мерлива преку европските институционални извештаи. Македонија е принудена да прифаќа лекции од држава што со години е заробена во хронична институционална криза, системска корупција и политички лавиринт без излез. Додека бугарската дипломатија и претседателот Румен Радев се обидуваат да го минираат неговиот конструктивен пристап и да ја запечатат блокадата, Брисел веќе подготвува нова казнена постапка против Бугарија за прекумерен буџетски дефицит. Каков е тој европски стандард во кој земја со сериозни економски аномалии, санкционирани политичари и нефункционален систем има право да уценува земја кандидат што во многу сегменти покажува поголем напредок?
Ако ги тргнеме настрана формалните статус-симболи во ЕУ, во редица области и политики, Македонија е и тоа како понапред од својот источен сосед. Без разлика дали зборуваме за усогласеноста со заедничката надворешна политика, за одредени стандарди во борбата против криминалот, за почитувањето на човековите права и правата на малцинствата, ние едноставно сме понапред за разлика од Бугарија, која редовно ги игнорира пресудите од Стразбур. Македонија, без никаква задршка во ова што го кажувам, покажа капацитет на зрела европска демократија и затоа договорот за пријателство не смее да биде инструмент за идентитетски инженеринг. Впрочем, ЕУ ратификувајќи го договорот за пристапување на Бугарија прифатила дека таа земја нема отворени прашања со соседите, вклучително и со Македонија. Како сега одеднаш ги има? И за ова официјална Софија го излажала Брисел?
Токму затоа оваа посета на Кошта е и за самите нас дома. Додека надворешните фактори се обидуваат да го скршат нашиот отпор, клучот за успехот лежи во македонското единство. Ова не е време за ситни партиски профити или за меѓусебни обвинувања кој е „поголем Европеец“. Наша должност е, како држава и како општество, здружено и со еден глас да застанеме зад она малку достоинство што ни остана.
Ако пред европските емисари испраќаме пораки на неединство, ако дома се караме додека надвор нѐ негираат, тогаш само им ја олеснуваме работата на туѓите центри што сакаат оваа блокада да трае во недоглед. Решенијата мора да се бараат мудро, со ладна глава, но со цврст ’рбет. Кошта е тука да сослуша идеи, а наше е да му понудиме заеднички, цврст и разумен македонски став. Затоа што Европа не се гради со вета и историски ултиматуми, туку со заемна почит, лекција што Софија допрва ќе мора да ја научи од Брисел, пред да се обиде да ја предава во Скопје.


































