Генералниот директор на Светска здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус, ги повика локалните заедници во централниот дел на Демократска Република Конго активно да се вклучат во напорите за спречување на ширењето на еболата, која повторно предизвикува сериозна загриженост во земјата.
Тедрос пристигна во Конго за да ја координира меѓународната реакција на епидемијата, во услови кога бројот на сомнителни случаи достигна 1.028.
-Заедниците најдобро ги разбираат предизвиците со кои се соочуваат, но и можните решенија. Затоа е важно тие да бидат активно вклучени во одговорот на кризата – изјави Тедрос по пристигнувањето во градот Бунија, административен центар на покраината Итури, која е едно од најпогодените подрачја.
Тој посочи дека меѓународната заедница е ангажирана во справувањето со епидемијата под водство на властите на Демократска Република Конго, но нагласи дека локалното население има клучна улога во успешното спроведување на мерките.
По пристигнувањето во главниот град Киншаса, Тедрос упати апел за поголема финансиска поддршка, истакнувајќи дека досега се обезбедени само една третина од потребните средства за ефикасен одговор на кризата.
Во меѓувреме, хуманитарната организација Лекари без граници предупреди дека сегашната епидемија се шири со исклучително брзо темпо.
-Никогаш досега немало толку голем број случаи на ебола во толку краток период по прогласувањето на епидемијата – изјави Алан Гонзалез.
Тој додаде дека бројот на медицински тимови и нивото на поддршка на терен сè уште не се доволни за целосно справување со ситуацијата.
Според министерот за здравство на Демократска Република Конго, Самуел Роџер Камба, досега се потврдени 225 случаи на инфекција со вирусот ебола. Ден претходно биле регистрирани 906 сомнителни случаи, што укажува на значително зголемување на бројот на лица под надзор.
Од прогласувањето на епидемијата на 15 мај, Светската здравствена организација соопшти дека во Демократска Република Конго се регистрирани 10 потврдени и 223 сомнителни смртни случаи поврзани со еболата.
































