Фото: Маја Јаневска Илиева

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека добрососедските односи се двонасочен процес и дека земјата ќе остане на своите позиции во однос на спорните прашања со Бугарија, додека не се исполнат, како што рече, обврските од другата страна, пренесе МИА.

-Добрососедските односи се двонасочна улица. Не можете да танцувате сами – или танцувате со партнер или немате партнер – рече Мицкоски, додавајќи дека е загрижен за почетокот на новата бугарска влада, но очекува разумот да преовлада.

Тој оцени дека Бугарија се соочува со внатрешни економски и политички предизвици, споменувајќи проблеми со инфлацијата и јавните финансии, како и наводи за нерегуларности во фискалните извештаи.

Во тој контекст, Мицкоски рече дека е можно внатрешните состојби во соседната држава да влијаат врз, како што се изрази, „радикализирани ставови“ кон македонското прашање.

-Ние сме трпеливи и ќе работиме. Македонија ќе победува како многу пати низ историјата – истакна премиерот.

Одговарајќи на новинарско прашање, тој повтори дека Македонија нуди решенија во однос на билатералните прашања, но обвини дека од бугарска страна не се почитуваат претходни договори и пресуди од Европскиот суд за човекови права.

-На маса стојат најмалку 14 пресуди од Стразбур кои не се почитуваат – рече Мицкоски.

Тој додаде дека процесот на европска интеграција не треба да се користи како притисок или „уцена“.

-Ако условот е да ги прифатиме сите барања за да влеземе во клубот, тогаш таа игра оваа влада нема да ја игра. Сè додека сум премиер, Македонија нема да се помести ниту милиметар без испорака од другата страна – порача Мицкоски.