Во скопско Пржино започна снимањето на дебитантскиот долгометражен игран филм „Пролетно чистење“, по сценарио на Марија Апчевска Петровска и Ереник Бекири од Албанија, а во режија на Апчевска Петровска. Филмот ја раскажува приказната за Варава, одметнатата ќерка што се враќа во својот мал роден град поради самоубиството на нејзината мајка, но се чини дека и нејзината мајка се вратила од задгробниот живот за да ја научи на некои лекции.
Во главните улоги играат Јулиа Марковска Фалзон и Зоја Николова, за кои ова е прво филмско искуство, како и Стефан Вујисиќ и Ана Костовска од Македонија и Ника Розман од Словенија.
Директор на фотографијата е Константинос Кукулис од Грција, од Србија авторската екипа се состои од монтажерот Драган Вон Петровиќ и костимографката Лидија Андриќ, додека дизајнер на шминка и маска е Мојца Горогранц Петрушевска од Словенија. Македонски автори во филмот се нашите докажани професионалци Кирил Спасески како дизајнер на продукција и Игор Поповски, кој е одговорен за звукот.
Филмот е во продукција на „Кино око“ на Роберт Насков и финансиски е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија, филмските центри на Словенија, Грција и Србија, како и од ЕРТ – националната телевизија на Грција. Овој проект доби финансиска поддршка и од европскиот кинематографски фонд „Еуроимаж“, а во фазата на развој беше поддржан од програмата МЕДИА и од „Сее синема нетворк“. Копродуценти на филмот се Антигони Рота од Грција, Боштјан Иковиќ од Словенија и Милош Љубомировиќ од Србија.
Ова е прв долгометражен филм на Марија Апчевска Петровска, чиј последен краток филм „Северен пол“ беше првиот македонски филм што ја имаше својата премиера во официјалната конкуренција на Канскиот филмски фестивал и беше прикажуван на повеќе од 150 фестивали во светот, на кои освои голем број награди.
































