Фото: РК Охрид

РАКОМЕТ – В НЕДЕЛА ФИНАЛЕ НА ЕВРОПСКИОТ КУП

  • Охрид победи во првиот финален меч на гостувањето кај Татабања, со 29-28, а реваншот на програмата е в недела (20 часот), во спортската сала „Билјанини извори“, натпревар за трофејот во Европскиот куп

Ракометната екипа на Охрид в недела (од 20 часот) во спортската сала „Билјанини извори“ со еден гол предност ќе го почне реванш-натпреварот во финалето на Европскиот куп со унгарска Татабања. Предноста што ја оствари на гостувањето со триумфот со 29-28 ќе треба само да ја валоризира и пред своите навивачи, а со тоа и да стигне до најголемиот успех во својата клупска историја. Избраниците на тренерот Борис Ројевиќ сега подобро го познаваат противникот, кој сигурно нема да се предаде, знаат дека нема да биде лесно, но веруваат во себе и во нова победа за конечен триумф.
– Очекувам потежок натпревар отколку кога игравме на гостински терен, иако имаме предност од еден гол разлика, што и не значи многу. Татабања е одлична екипа, составена од многу добри и искусни играчи, кои сигурно ќе дојдат поподготвени тука, кај нас. Мислам дека во реваншот ќе одлучуваат нијанси. Кој ќе има повеќе концентрација и повеќе желба за успех, тој ќе победи. Се надевам дека тоа ќе бидеме ние, а со помош на нашата публика да направиме една атмосфера што ќе ни биде ветар во грб и да го направиме тој историски успех за нашиот клуб, освојувањето на трофејот во Европскиот куп – вели искусното лево крило на охриѓани Гоце Ојлески.
На првиот натпревар најмногу голови кај охриѓани постигнаа Дарко Ѓукиќ и Анте Иванковиќ, по седум, а голманот Кристијан Пилиповиќ беше одличен со 10 интервенции. Кај Татабања отскокнуваше Елеш Бенедек со девет погодока, а македонскиот интернационалец Филип Талески двапати ја затресе противничката мрежа. Судиската правда на дуелот во Охрид ќе ја делат португалските браќа Даниел Акото Мартинс и Роберто Акото Мартинс. Делегати на финалето ќе бидат Предраг Бошковиќ од Црна Гора и Јири Опава од Чешка. Г.И.