Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) започнува консултативен процес за предлог националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026-2030, со акциски план за нејзино спроведување.
Националната стратегија 2026-2030, како што информираа денеска од ДКСК, претставува клучен стратешки документ за превенција на корупцијата и зајакнување на институционалниот интегритет, подготвен преку широк консултативен процес со вклученост на институции, граѓански организации, експерти, приватен сектор, медиуми и меѓународни партнери.
Фокусот на националната стратегија 2026-2030 е ставен на области со висок ризик од корупција, меѓу кои: јавни набавки; надзор над спроведување на законите; правосудство; просторно и урбанистичко планирање; транспорт и инфраструктурни проекти; здравство; животна средина, енергетика и природни ресурси.
Целокупната документација е достапна на следниот ЛИНК, а сите заинтересираните страни и граѓаните ќе имаат можност да ги достават своите коментари на Нацрт стратегијата заклучно со 08 јуни 2026 година.
По разгледување на коментарите и конечното усогласување на предлог националната стратегија, ДКСК ќе ја донесе националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026-2030, со акционен план за нејзино спроведување по што, согласно со членот 18 став (3) од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, истата ќе ја достави до Собранието на Република Северна Македонија за усвојување.
ДКСК, согласно со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси е надлежна институција за донесување петгодишна национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси, со акционен план за нејзино спроведување. За таа цел ДКСК во текот на 2025 и почетокот на 2026 година ги спроведе сите фази за подготовка на новата Национална стратегија и тоа подготви Методологија за проценка на ризиците од корупција за потребите на изработката на НС 2026-2030, направи Проценка на ризиците од корупција за потребите на изработка на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026-2030, и донесе Методологија за изготвување на НС2026-2030. Овие процеси, како што информираат од ДКСК, беа спроведени со континуирана вклученост на претставници на државните органи и институции, здруженија, фондации, приватниот сектор и медиумите.
Со цел обезбедување највисоки стандарди при подготовката на овој петгодишен антикорупцски документ и детална претстава за ризиците од корупција во секоја област, во процесот на подготовката на НС 2026-2030 беа ангажирани повеќе домашни и еден меѓународен експерт. Заради почитување на принципот на инклузивност, во периодот октомври – декември 2025 година беа одржани 21 целодневна работилница, по три за секоја предвидена област, на кои ДКСК интензивно работеше на утврдување на визија и цели за секоја хоризонтална област/сектор опфатени со НС 2026-2030, детектирање на приоритетните проблеми во истите, како и предвидување мерки, активности и надлежни институции за надминување на проблемите кои генерираат висок степен на корупција. Како резултат на овие работилници, но и на дополнително одржаните состаноци со институции и засегнати страни за конкретни прашања од нивниот домен, изготвена е предлог националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026-2030, со акционен план за нејзино спроведување (Предлог стратегија).



































