Фото: Маја Јаневска-Илиева

ДАЛИ ВЕТОТО ЌЕ Ѝ СЕ УДРИ ОД ГЛАВА НА БУГАРИЈА

Една од клучните точки на американската стратегија за Западен Балкан (држави што не се членки во ЕУ, а некои се во НАТО) е развојот на коридорите 8 и 10, каде што Македонија зазема централно место. Обидот да се примени „банана-стратегијата“ кон Македонија, односно главните сообраќајни трансверзали да ја заобиколат, како што е тоа случај со брзата железница што се гради со европски пари од Солун кон Бугарија и понатаму кон Букурешт, не е успешен целосно. Постојат проекти што не можат да ја заобиколат, како и геостратегиски интереси и на Кина и на САД, кои го амортизираат тоа. САД се особено заинтересирани за најновата Иницијатива на трите мориња, односно за поврзување на земјите од север кон југ (од Балтик, Црно Море до Јадран).
Но тука е испречен еден сериозен проблем. Неодамна на состанокот на Иницијативата во Хрватска, која е земја претседавач, се случи голем дипломатски инцидент, кој (не)очекувано го режираше Бугарија. Таа претходно преку своите дипломатски канали испратила промеморија во која ги известува членките на таа иницијатива дека става вето за Македонија и нејзината апликација за придружна членка во Иницијативата. Не треба многу да се размислува дека главна причина е да се направи, можеби последен, притисок врз Македонија и да го отвори Уставот за да ги пикне Бугарите во него. Но Скопје не попушта на тие притисоци, па реши да не присуствува на тој важен состанок и да биде само декор врз кој една држава вежба дипломатска сила. Ова, сепак, ја става Софија во незгодна позиција.
Првин кон САД, затоа што администрацијата на Доналд Трамп е решена по секоја цена да ги затвори овие геостратегиски коридори, за што веќе се преговараат и конкретни фондови, кои всушност добиваат форма на замена за згаснатиот УСАИД. Зад таа агенција повторно ќе биде Стејт департментот. Од друга страна, политиката на Софија е во спротивност и со реформските планови и чекори на Берлин, кој исто како и САД настојува што поскоро да ги затвори сите геостратегиски дупки, а секако дека Германија во никој случај не би сакала токму Балканот да остане црната безбедносна дупка. Од тие причини неодамна канцеларот Фридрих Мерц, на големо изненадување и за Европа, најави голем пресврт во преговарачкиот процес, кој ќе биде упростен и ќе има повеќе фази.
Се предвидува придружно членство, специјално партнерство, а можно е да се појави уште нешто ново, но во секој случај ова е во насока на отворање на европскиот пазар за балканските економии и блокирање на ветократијата. Ова ќе значи и повеќе фондови и надградба на застарената балканска инфраструктура. А за надградба на инфраструктурата зборуваат и Американците. Од овие елементи може да се извлече заклучокот дека со политиката на ставање вета за Македонија сега Софија самата се става во позиција на диверзант на големите регионални проекти, по што равенката ќе се реши само ако се одговори на прашањето – со која цел и за чии интереси.
Американската дипломатија би требало наскоро да има одговор и на овие прашања, а најверојатно тоа би било расчистено во септември, за кога се очекува продолжување на стратегискиот дијалог меѓу САД и Македонија. Дотогаш Македонија има и простор и време да ги зацврсти своите позиции и со аргументи во интерес на сопствената, како и на регионалната безбедност и економски развој, да напредува во остварување на своите национални и стратегиски цели.