Македонија меѓу империите
- Софија се обидува да ја заобиколи Македонија, но географијата, или попрецизно геостратегијата на големите, повторно станува посилна од локал-политиката на егоистичките регионални центри на моќ. За потсетување, во последните години сè поочигледен станува обидот на Софија, делумно поддржан од Атина и од влијателни кругови во Брисел, да се наметне т.н. бајпас-стратегија за инфраструктурно, а со тоа и стратегиско, заобиколување и одминување на Македонија… Но се случува нешто забележливо што им ги поматува хегемонистичките планови на некои од нашите соседи…
Во време кога светот забрзано се прегрупира околу новите транспортни, енергетски и безбедносни коридори, Македонија повторно се наоѓа во центарот на големата геополитичка шаховска табла. Она што со децении изгледаше како балканска периферија, денес станува една од клучните точки на судирот меѓу американските, европските и кинеските интереси во Југоисточна Европа.
Коридорите 8 и 10 повеќе не се само инфраструктурни проекти. Тие стануваат геостратегиски артерии на новиот светски поредок. Токму затоа Македонија, и покрај блокадите, ветата и дипломатските притисоци, не може лесно да биде оттурната од регионалните текови.
Во последните години станува сè поочигледен обидот на Софија, делумно поддржан од Атина и од влијателни кругови во Брисел, да се наметне т.н. бајпас-стратегија за инфраструктурно, а со тоа и стратегиско, заобиколување и одминување на Македонија. Целта е главните европски транспортни и економски текови да ја заобиколат државата и да се пренасочат преку алтернативни правци.
Највидлив пример е изградбата на брзата железница од Солун кон Бугарија и понатаму кон Букурешт, финансирана со европски средства. Со тоа Софија се обидува да создаде нова оска Солун–Софија–Букурешт, која би ја минимизирала улогата на вардарско-моравскиот правец.
Но географијата на Балканот има свои ограничувања. Историјата покажува дека големите цивилизациски, трговски и воени текови неизбежно се движеле по долините на Вардар и Морава. Тоа е најкраткиот и најприроден пат меѓу Егејот и Централна Европа. Ниту една политичка конструкција не успеала трајно да го смени тој факт.
Американска стратегија: Затворање на геостратегиските празнини
Вашингтон одамна ја препознава оваа реалност. За американската стратегија на Западен Балкан, особено во државите надвор од Европската Унија, инфраструктурата станува инструмент на безбедноста.
САД денес гледаат на коридорот 8 како на дел од пошироката запад-исток архитектура, која треба да ги поврзе Црно Море и Јадранот. Во таа рамка се вклопува и Иницијативата на трите мориња – проект што има јасна геополитичка функција: ограничување на руското и кинеското влијание во Европа преку создавање нови транспортни и енергетски мрежи под западна контрола.
Токму тука Македонија станува незаменлива.
Без стабилен и функционален македонски јазол, американската стратегија за вертикално поврзување на Југоисточна Европа останува недовршена. Поради тоа Вашингтон сè поотворено зборува за инфраструктурни инвестиции, нови фондови и за реобликување на присуството по згаснувањето на УСАИД, но овој пат преку подиректна улога на Стејт департментот и американските финансиски инструменти.
Во суштина, САД сакаат да спречат Балканот да остане „сива геополитичка зона“ – простор на нестабилност, блокади и конкурентни влијанија.
Кина и „Појас и пат“: Вардарската Долина како евроазиски коридор
Но американските интереси не се единствени. Кина веќе повеќе од една деценија систематски ја гради својата евроазиска инфраструктурна стратегија преку иницијативата „Појас и пат“.
За Пекинг, вардарско-моравскиот коридор има речиси цивилизациско значење.
Кинеската стратегија се темели на поврзување на егејските пристаништа, пред сè Пиреја и Солун, со срцето на Европа. Патот минува токму низ Македонија, Србија и Унгарија – држави што Пекинг ги гледа како клучни копнени мостови кон европскиот пазар.
Во таа смисла, Македонија не е периферија, туку централна транзитна точка на идниот евроазиски трговски појас.
Оттаму и растечката нервоза кај одредени европски центри на моќ. Брисел се обидува да ја намали зависноста од Кина, но економската реалност покажува дека најсилните европски економии, особено Германија, не можат лесно да се дистанцираат од кинеските инвестиции и синџирите на снабдување.
И Берлин ја менува стратегијата
Во тој контекст треба да се чита и најавениот пресврт во европската политика кон проширувањето.
Новиот германски канцелар Фридрих Мерц веќе сигнализира дека Европската Унија ќе мора да го поедностави и фазно да го реорганизира пристапниот процес за Западен Балкан. Причината не е идеализмот на Брисел, туку суровата геополитичка потреба.
Германија не сака Балканот да остане безбедносна празнина низ која ќе навлегуваат нестабилност, нелегални миграции, неевропско влијание врз инфраструктурата или растечко влијание на други сили надвор од Европа.
Токму затоа инфраструктурата повторно станува европски приоритет.
А кога се зборува за инфраструктура на Балканот, Македонија неизбежно се појавува како раскрсница на два клучни коридора – 8 и 10. П.Р.
Дали Софија влегува во конфликт со интересите на големите сили?
Во врска со ова прашање се отвора најчувствителното прашање.
Доколку Софија продолжи да ја користи европската интеграција на Македонија како инструмент за билатерален притисок, таа ризикува да биде перципирана не само како регионален блокатор туку и како фактор што ги забавува пошироките евроатлантски и економски проекти.
Во Вашингтон тоа сигурно внимателно се анализира.
Бидејќи ако коридорите 8 и 10 се дел од новата стратегиска архитектура на Европа, тогаш секоја политичка блокада на Македонија директно влијае врз пошироките интереси на САД, Германија и на дел од европските економии.
Токму затоа продолжувањето на стратегискиот дијалог меѓу САД и Македонија, кое се очекува во септември, може да стане многу повеќе од дипломатска средба. Можно е таму да се дефинира новата позиција на Македонија во регионалната геополитика.
Време на македонски стратешки реализам
За Македонија ова отвора историски прозорец.
Државата првпат по долго време има можност да ја претвори својата географија во реална политичка и економска предност. Но тоа бара стратешка зрелост, долгорочна визија и внатрешна стабилност.
Во свет што повторно се дели на сфери на влијание, малите држави опстануваат само ако знаат да ја разберат сопствената географија.
А Македонија, сакале или не нејзините соседи, останува јадрото на балканските коридори и една од клучните точки на новата евроазиска мапа. П.Р.
Географијата како судбина
Коридорот 8 го поврзува Јадранот со Црно Море. Коридорот 10 ги спојува Егејот, Централна Европа и Балтикот. Во пресекот на тие две оски лежи Македонија.
Во геополитиката, пристапот до „топли мориња“ отсекогаш бил прашање на моќ. Од Руската Империја до британската морска стратегија, контролата врз поморските излези значела контрола врз трговијата, енергијата и воените правци.
Денес таа логика повторно се враќа.
Затоа обидот Македонија да биде изолирана преку политички блокади има ограничен рок на траење. Колку повеќе расте значењето на глобалните транспортни коридори, толку повеќе расте и стратешката тежина на државата. П.Р.

































