Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ оцени дека Македонија добро напредува во исполнувањето на критериумите за членство во Европската Унија, посочувајќи дека во моментов единственото отворено прашање остануваат односите со Бугарија.
На заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски во Охрид, Пленковиќ рече дека Хрватска внимателно го следи дијалогот меѓу Скопје и Софија и ќе продолжи да помага во надминување на постојните пречки во евроинтегративниот процес.
– Бугарија имаше избори. Имаме стар претседател и нов премиер, господинот Радев, па ги очекуваме првите контакти, првите чекори што ќе ги направите на тоа ниво. Го следиме дијалогот што го имавте на министерско ниво и ќе настојуваме да ви помогнеме да се премостат пречките што постојат во тој процес – рече Пленковиќ.
Осврнувајќи се на нон-пејперот на германскиот канцелар Фридрих Мерц за проширувањето на ЕУ, Пленковиќ изјави дека иницијативата е очекувана и дека главно се однесува на европската перспектива на Украина.
– Што се однесува до писмото на канцеларот Мерц, тоа за мене не е неочекувано. Тоа е плод, би рекол, на повеќемесечни размислувања, кои долго се присутни во Берлин. Ние за тоа разговаравме на самитот во Загреб, тоа беше самит на нашите сестрински партии од семејството на Европските народни партии (ЕПП), каде што беше сосем јасно дека очекувањата во тоа писмо, пред сè, се однесуваат на европската перспектива на Украина. Нема да може да излезат во пресрет на она што Украина го преживувала, особено во контекст на мировните преговори иницирани од страна на Соединетите Американски Држави, кои подразбираат полноправно членство – истакна Пленковиќ.
Тој нагласи дека Хрватска има јасен став – процесот на проширување мора да се темели на принципот на индивидуални заслуги и не смее да има „кратенки за едни, а бавност за други“.
Според него, доколку се бараат нови модели за пристапување, тие мора да важат подеднакво за сите земји кандидати.
Пленковиќ посочи и дека постои голема разлика меѓу Украина и останатите кандидати, особено во однос на нејзината големина, население и буџетските импликации врз Европската Унија, поради што, како што рече, ќе биде потребно специфично решение за тоа прашање.

































