Фото: Пиксабеј

Министерство за внатрешни работи соопшти дека во последното деноноќие биле регистрирани пет случаи на семејно насилство, при што четири лица биле лишени од слобода, пренесе МИА.

Во тетовско село, вчера во 12.40 часот, полициски службеници од СВР Тетово го привеле 36-годишниот Ш.А., откако неговата 57-годишна мајка пријавила дека во семејниот дом ѝ се заканувал со нож. Тој е задржан во полициска станица за понатамошна постапка.

Во беровско, вчера во 02.10 часот, полицијата го привела 42-годишниот С.С., по пријава дека претходната вечер физички ја нападнал неговата 35-годишна сопруга во семејниот дом.

Во Пробиштип, 41-годишна жена пријавила дека по расправија била физички нападната од нејзиниот вонбрачен партнер Т.Н.

Синоќа во 22.30 часот, полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишиле од слобода 20-годишниот О.Ф. од Струмица, по пријава од неговата 19-годишна невенчана сопруга од Штип дека физички ја нападнал додека престојувале во објект во близина на плантажи во Кавадарци.

Во Скопје, полициски службеници синоќа во 23.30 часот го привеле 20-годишниот М.Н., по пријава дека во семејниот дом во населбата Карпош ѝ упатувал закани на неговата 55-годишна мајка и оштетил дел од инвентарот.

Од МВР информираат дека се преземаат мерки за расчистување на случаите и дека по нивното целосно документирање ќе следуваат соодветни пријави.