Иран соопшти дека е постигнат напредок во разговорите со САД за меморандум за разбирање, но нагласи дека тоа не значи дека Техеран е блиску до склучување мировен договор.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаел Багаи, изјави дека е постигната согласност за голем дел од темите што се разгледуваат во рамки на потенцијалниот меморандум.
Тој посочи дека Иран моментално преговара за прекин на војната и дека во оваа фаза не се разговара за нуклеарни прашања. Багаи повтори дека честите промени во ставовите на американските претставници создаваат пречки за постигнување каков било договор.
Според него, меморандумот од 14 точки е фокусиран на прекин на војната и завршување на американската поморска блокада, а за возврат Иран би презел мерки за безбедно поминување низ Ормуска Теснина.
Багаи додаде дека, доколку меморандумот биде финализиран, неговите детали и други прашања, вклучително и иранската нуклеарна програма, ќе бидат предмет на дополнителни преговори што би траеле најмногу 60 дена.
































