Илустрација / Фото: Пиксабеј

Властите во Демократска Република Конго соопштија дека бројот на случаи на сомнителна зараза со Ебола надминал 900, додека епидемијата продолжува да се шири во источните делови на земјата.

Според податоците на Министерството за комуникации, од почетокот на епидемијата се регистрирани 904 сомнителни случаи, од кои 101 се лабораториски потврдени. Бројот на сомнителни смртни случаи е ревидиран на 119, додека десет смртни случаи се официјално потврдени.

Епидемијата се шири во провинциите Итури, Северен Киву и Јужен Киву, а Светска здравствена организација предупредува дека вистинскиот број на заразени веројатно е значително поголем, бидејќи ширењето на вирусот со недели останало незабележано.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, соопшти дека досега се идентификувани повеќе од 900 сомнителни случаи, од кои 101 се потврдени.

Во соседна Уганда се регистрирани пет потврдени случаи поврзани со епидемијата во источниот дел на Конго.

СЗО посочува дека актуелната епидемија е особено тешка за контрола, бидејќи не постои вакцина ниту специфичен третман за реткиот сој „Бундибугио“, кој е причина за сегашното ширење на болеста.

Жариштето на заразата се наоѓа во оддалечен и тешко достапен регион погоден од активности на вооружени групи, а во земјата само неколку лаборатории вршат тестирања за вирусот.

Според СЗО, ризикот од ширење на еболата е многу висок во ДР Конго, висок на регионално ниво, но низок на глобално ниво. Во последните 50 години, еболата однела повеќе од 15.000 животи во Африка.