Фото: Пиксабеј

Во делови на Крит уапсени се 20 лица осомничени дека биле дел од криминална организација која вршела измами со европски земјоделски субвенции, при што штетата надминува три милиони евра.

Од Грчка полиција информираа дека од рано утрово е во тек голема акција за разбивање на групата, чии членови се осомничени за измама на штета на финансиските интереси на Европска Унија и за поднесување лажни изјави.

Меѓу уапсените има двајца сметководители и тројца одговорни лица во Центрите за поднесување пријави.

-Нелегалната финансиска корист надминува 3.000.000 евра – соопшти грчката полиција, најавувајќи повеќе детали по завршувањето на истрагата.

Весникот Катимерини, повикувајќи се на свои извори, објави дека во случајот можеби се вмешани околу 90 лица и дека криминалната мрежа најверојатно дејствувала од 2019 година.

Според информациите, шемата функционирала така што сметководствено биро соработувало со Центри за поднесување пријави кои имале пристап до податоци за непријавени земјоделски парцели. Потоа се изготвувале фиктивни договори за закуп, а преку лажни пријави биле добивани средства од организацијата за европски земјоделски субвенции ОПЕКЕПЕ.