Косовски државјанин, кој бил ангажиран како водич во автобус, е приведен во кривопаланечкиот регион под сомнение за кривично дело „давање поткуп“, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Според МВР, автобус „мерцедес“ со косовски регистарски ознаки бил запрен денеска околу 6.30 часот од полициски службеници од Мобилната единица за компензаторни мерки при Одделот за гранични работи и миграција, на подрачјето на СВР Куманово – ОВР Крива Паланка.
При контролата било утврдено дека автобусот го управувал турски државјанин, додека Н.Ц., државјанин на Косово, бил во улога на водич во автобусот.
Како што информира МВР, при приложување на патна исправа за идентификација, во документот била пронајдена банкнота од 50 евра.
Поради сомнение за сторено кривично дело „давање поткуп“ по член 358 став 1 од Кривичниот законик, Н.Ц. бил лишен од слобода и спроведен во Полициската станица во Крива Паланка.
По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава, соопштија од МВР.
































