Фото: ЕПА

СПОР МЕЃУ БУГАРИЈА И РУСКАТА КОМПАНИЈА

  • Одговор на руската компанија на државната интервенција во нејзиното работење

Руската нафтена компанија „Лукоил“ бара три милијарди евра отштета од Бугарија откако државата ја презеде контролата врз локалните операции на компанијата, изјави Румен Спеков, специјалниот државен администратор задолжен за надзор на бугарските средства на групацијата. Тој изјави за бугарската БТВ дека барањето е поднесено преку швајцарската подружница на „Лукоил“, „Литаско“, но дека сè уште не е конечно.
Руската компанија наводно тврди дека ова произлегува од интервенцијата на бугарската држава во бизнисот по назначувањето на Спеков за стечаен управник, а според бугарско-белгискиот портал „ЕУалајв“ претходно оваа година, „Лукоил“ се закани дека ќе поведе арбитражна постапка против Бугарија пред Меѓународниот центар за решавање инвестициски спорови (ИЦСИД), поради, како што изјави компанијата, нелегалната експропријација на нејзиниот имот од страна на Софија.
Спеков рече дека барањето е од финансиска природа и инсистираше компаниите што работат во Бугарија да останат стабилни и да ги исполнат барањата на санкциите, објавува порталот „Новините“.
Дебатата за идната улога на државата во секторот се интензивираше уште повеќе откако Спеков предложи Бугарија да ја преземе рафинеријата „Лукоил Нефтохим“, на што вицепремиерот и министер за финансии Галаб Донев одговори дека државата прво мора да ги процени вредноста на рафинеријата, потенцијалните придобивки и дали може ефикасно да управува со таков имот, што досега не е активно разгледувано.
Во Бугарија, „Лукоил“ е сопственик на најголемата рафинерија за нафта на Балканот, која се наоѓа во Бургас, како и на мрежа од 217 бензински пумпи.
„Лукоил Бугарија“ е исто така најголем производител на гориво за авиони во регионот, а годишниот обрт на групацијата во Бугарија надминува осум милијарди евра, што претставува значителен дел од националната економија, чиј БДП е приближно 110 милијарди евра.
Одлуката за назначување државен администратор за средствата на компанијата беше донесена во ноември минатата година откако САД воведоа санкции што влијаеја на работењето на „Лукоил“, а Вашингтон подоцна одобри шестмесечно ослободување за работењето на компанијата во Бугарија.
Во интервју за БТВ, Спеков инсистираше дека негова единствена улога е да обезбеди почитување на санкциите воведени од САД врз деловните активности на „Лукоил“, додавајќи дека рафинеријата повеќе не преработува руска сурова нафта, туку испораките се обезбедуваат исклучиво преку „глобално признаени трговци и производители“ од Либија, Иран, Казахстан и од Азербејџан, пренесува „Танјуг“. Р.С.