ШАХ – НА ТУРНИРОТ „КВАЛИТЕТ 2026“
По неодамна одиграните државни поединечни првенства, дел од најмладите ученици од школата на ШК Алкалоид избраа да настапат и на турнирот „Квалитет“, во Домот на културата во Ѓорче Петров. Двете категории со најмлади учесници, до осум и до 10 години, имаа посебни турнири. Калин Стаменковски со 6,5 поени од седум кола го освои првото место меѓу повозрасните јуниори, меѓу 37 играчи, притоа оставајќи го зад себе на второто место актуелниот првак Бенџамин Бурнс, а третопласиран е уште еден член на ШК Алкалоид, Виктор Јовковски. За целосно задоволство на тренерите, интернационалниот мајстор (ИМ) Дејан Стојановски и велемајсторот (ВМ) Влатко Богдановски, се погрижи Дино Ачкоски, кој го освои 2. место меѓу 19 учесници во категоријата до осум години (зад Олег Русевски, а пред Христијан Танчев).
– За нас претставува вистинска сатисфакција да видиме дека она што го прави ШК Алкалоид дава резултати преку напредокот на новите шахисти, кои неодамна почнаа да ја следат наставата. Систематската работа во школата и дополнително вложениот труд пред турнирот за да се елиминираат некои слабости што беа забележани на државните првенства покажаа дека се добитна комбинација. Ова се само дел од нашите млади таленти, а наесен очекувам уште повеќе играчи од нашата школа да напредуваат и да бидат во конкурентни ситуации за освојување медали на поединечните и на екипните натпреварувања – вели Стојановски.
Традиционално, шаховската школа ќе паузира во текот на летото, но, во согласност со календарот, кога ќе почне новата училишна година, ќе се играат и државните младински екипни првенства, велат од ШК Алкалоид. Г.И.
































