Сенатот на САД во вторник ја усвои резолуцијата за ограничување на воените овластувања на претседателот Доналд Трамп во однос на Иран, што претставува значаен пробив за демократите по седум претходни неуспешни обиди.
Предлогот беше усвоен со 50 гласа „за“ и 47 „против“, при што четворица републикански сенатори Сузан Колинс, Лиза Мурковски, Ранд Пол и Бил Касиди им се придружија на демократите во поддршката. Единствениот демократ кој гласаше против беше Џон Фетерман, пренесе „Си-би-ес Њуз“.
Лидерот на демократското малцинство во Сенатот, Чак Шумер, оцени дека гласањето покажува дека „притисокот функционира“ и дека кај дел од републиканците почнува да се менува ставот за американското воено ангажирање.
Резолуцијата, предложена од сенаторот Тим Кејн, предвидува претседателот да ги повлече американските вооружени сили од непријателства во или против Иран, освен ако таквата акција не биде експлицитно одобрена со објава на војна или со конкретно овластување од Конгресот.
Иако гласањето претставува прв чекор во Сенатот, мерката ќе треба да помине и во Претставничкиот дом, а се очекува претседателот да стави вето доколку биде усвоена. Сепак, демократите сметаат дека резолуцијата има политичка тежина и може да влијае врз идните одлуки на Белата куќа.
Кејн изјави дека јавноста сè повеќе се спротивставува на можноста за нова војна, посочувајќи и на економските последици, вклучително и растот на цените на горивата.
Гласањето следува откако Трамп во понеделник изјави дека САД нема да ги реализираат „закажаните“ напади врз Иран, но додаде дека е „на еден час“ од донесување одлука за евентуални нови напади.
































