Фото: Горан Анастасовски

Променливо облачно време со сончеви периоди и засилен северен ветер се очекува денеска низ земјава, со можност за слаб локален дожд во крајните западни и источни делови, информира Управата за хидрометеоролошки работи.

Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец, со брзина до 50 километри на час.

Утринските температури ќе се движат од 5 до 13 степени, додека дневните ќе достигнат меѓу 19 и 26 степени.

Во Скопје времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, проследено со умерен, а во делови од котлината и повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 24 степени.

Во наредните денови ќе се задржи променливо облачно и ветровито време. Во четврток се очекува изолирана нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.

Од петок и за време на продолжениот викенд, на повеќе места ќе има нестабилно време со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите може да бидат поинтензивни и да прераснат во невреме, со пообилен дожд од над 20 литри на метар квадратен, грмежи и ветер со брзина над 60 километри на час.