Македонија во старите книги, патописи, карти, мапи, документи и весници (15)
- Записи откриваат еден заборавен предел на Македонија, кој некогаш бил прекриен со густи речиси непроодни шуми и кој претставувал витален економски и административен центар
Преку сведоштвата за Султан Сулејман и римските патни станици, согледуваме дека Овче Поле не било само земјоделски крај туку геостратешка точка каде што се кршеле интересите на империите и каде што се дефинирале границите на античките и средновековните држави на македонската почва. Овие записи откриваат еден заборавен предел на Македонија, кој некогаш бил прекриен со густи, речиси непроодни шуми и кој претставувал витален економски и административен центар.
Кога Султан Сулејман сакал да помине низ Овче Поле
Една белешка, која се наоѓа во еден од преписите на Житието на деспот Стефан Лазаревич, составено од Константин Костенечки, ни открива податок за кој досега не бевме читале во општоприфатените книги за Овче Поле. Откако раскажува за војната на Стефан и брат му Волк, авторот ни соопштува дека синот на Бајазит, султан Сулејман, побарал од Стефан „да мине преку неговата земја за да отиде кон Овче Поле…“. Во тоа време, еден горски војвода се подготвувал да ги изненади…
Први сознанија за шумите во Македонија од Евлија Челебија
Првите сознанија за шумите на територијата на Македонија ги среќаваме кај познатиот турски патописец и историчар Евлија Челебија. Тој во своите патописи, минувајќи низ Овчеполието, запишал дека кога минувал со карванот крај Килисали имал потреба да изнајмува луѓе од месното население, кои ги кастреле шумите за карванот непречено да помине. Во тоа време Овче Поле, но и цела Македонија билe богати со шуми, кои, за жал, денес ги нема. Евлија Челеби на двапати поминал околу денешно Свети Николе. Во својот патопис зборува за две населби – Овче Поле и Килисали (населба покрај црква или црквино).
„Овче Поле се наоѓа во едно плодно поле, а се состои од седумдесет куќи. Има џамија и амам, и е многу напредно село. Тоа е вакаф на Орта-џамија, која се наоѓа во Јени – Одалар, Истанбул. Румелиските органи на власта немаат никаква власт во тоа место, ниту воопшто можат да се мешаат во управата на селото. Целата власт, правото на бесење и убивање, наплатување на глоби и казни е во рацете на неговиот мутевелија. Тој управува со тие села со двесте луѓе. Потоа го пројдовме селото Килисали и Беширли, па преноќивме во селото Кара-Османли. И тоа село припаѓа на вакафот на Орта-џамија. Тоа исто така е јуручко село. Одејќи понатаму во југоисточен правец, поминавме голема населба по име Хамза-бекли. Потоа поминавме низ селото Хизир-факили, кое исто така спаѓа во селата на нахијата Овче Поле. Има еден ан и џамија, тоа е развиено село. Движејќи се напред, дојдовме во градот Штип. Понатаму одевме шест часа, повторно кон исток, и пројдовме многу добро населени и богати села. Ова село и селата кои се наоѓаат во неговата околина се нарекуваат Овче Поле…“.
Херкулеум, Финес, Орбело, Овче Поле
Херкулеум се наоѓа во близината на селото Килисали, каде што се дели патот од Штип за Скопје. Овде била раскрсницата на два важни друма, едниот водел од Штип во Скопје, а другиот од Стоби во Морава. Двата друма се вкрстувале тука, кај Херкул. Затоа овде и Римјаните поставиле своја штација. По осум милји од Херкул, или неполни три часа пат, се стига на рид или брдо, кој е меѓу селата Сушица и Крушица. Овој хум се издива над нивото на Овче Поле, преку 300 метри и го дели на јужно и северно поле. Го нарекуваат „диво брдо“ и изгледа како некој белег на таа рамнина, а од него на југозападниот крај избива рекичката Бела Вода, а на северозападниот Сушица. Меѓата помеѓу горна Мизија и Македонија, од близу Дарданија и Пеонија, била од планината Голешница, преку Вардар помеѓу Пчиња и Брегалница на планината Мартиница. Таа дарданска и пеонска граница преминувала и преку овој хум, кој се издигал на оваа раскрсница, каде што и денес има караула. Тромеѓата со римска штација, каде што по Птоломеј се судираат на планината Орбело меѓите од Македонија, горна Мизија и Тракија…
„Гласник српског ученог друштва“ од 1877 година
Патување по долините на македонските реки
Од Штип за Велес се оди по два пата. Едниот слегува по Брегалница до Вардар при станицата Градско и од таму се излегува на Велес. Другиот пат минува преку Овче Поле. Тој постои од старо време и јас го избрав него. На височината наречена Ежово има остатоци од древни градби. Во околината постои предание дека Ежово бил стариот град Штип. За час и половина излеговме на врвот, каде што има кула со неколку заптии што го пазат друмот. Од кулата се гледа на север и северозапад широка рамнина, опкружена со мали ридови. Тоа е плодното рамно Овче Поле. Покрај ридовите се наредени села, околу кои се гледаат лозја и ретко понекаде мали шумички. Сè друго е голо. Полето е обработено највнимателно, главно со пченица и ’рж. Од кулата патот се дели. Едниот оди право кон север за Скопје и Куманово, а другиот прави блага кривина кон запад за Велес и постепено се спушта, до средината на полето, каде што патот минува една мала рекичка, наречена Азмак или Орла. Таа се собира во височините на север од Овче Поле во земјиштето на големото село Свети Николе (Клишели во австриската карта). Преку полето тече многу бавно од североисток кон југозапад и за време на дождови околу неа се образува блато. Кај селото Х. Беклија се впушта кон југ меѓу ридовите и се влева во Брегалница. Половина час откако ја минавме реката, дојдовме до селото Сарамсаклии. Таму сретнавме трговци, кои имаа собрано околу 1.000 брави, овци и кози за да ги носат во Грција. Сточарството во Овче Поле е многу добро поставено. Тука и Турците и домашните имаат добри стада. На запад почнуваат мали возвишенија и месноста станува брановидна. Ридовите на југ од полето се многу убави. Особено е впечатлива долината по која реката се спушта кон Брегалница. Патот бавно се качува по полегнатите ридови и криви сѐ повеќе кон југозапад. Го минавме селото Урфалие, прегазивме мала притока на реката Орла (Орелска Река) и дојдовме до селото Туртолие. Мина едвај четврт час од тоа последно село на Овче Поле и почнаа да се гледаат велешките лозја. Најпосле бевме над раскошната Вардарска Долина…
Васил К’нчов, Патување по долините на Струма, Места и Брегалница (1894-1896)
Сублимирајќи ги овие историски извори, станува јасно дека значењето на Овче Поле далеку ги надминува неговите локални граници; тоа е огледало на општата македонска историја, екологија и стопанство. Преобразбата на пределот – од густите шуми што ги опишува Челебија до „голото“, но плодно поле видено од К’нчов, сведочи за драматичните промени низ кои поминала цела Македонија под влијание на војните, миграциите и промената на начинот на живот.
Податоците за автономната власт на вакафските села и за клучната точка Херкул каде што се спојувале главните патишта на римската држава, го потврдуваат овој регион како ’рбет на комуникацијата меѓу Скопје, Штип и Велес. Зачувувањето на овие записи е од суштинско значење за разбирање на македонскиот идентитет, бидејќи тие ни покажуваат дека овој простор секогаш бил мост меѓу културите и централен нервен систем на движењето на луѓе и идеи низ вековите. Овче Поле останува жив споменик на македонската издржливост и нејзина клучна позиција на картата на Југоисточна Европа.
(продолжува)
м-р Никола Ристевски
































