Европскиот парламент денеска во Стразбур усвои нови и значително построги правила за увоз на челик, со цел да ја заштити челичната индустрија на Европската Унија од евтина конкуренција, пред сè од земји како Кина, пренесува „Ројтерс“.
Пратениците гласаа за драстично намалување на количините челик што можат да се увезат во ЕУ без царина. Секој увоз што ја надминува оваа граница ќе се оданочува со повисоки казнени тарифи отколку досега, со цел да се ограничи достапноста на евтин увоз на европскиот пазар.
Според договорените правила квотата за безцарински увоз ќе биде ограничена на максимум 18,3 милиони метрички тони годишно — околу 47 проценти помалку отколку претходно. Увозот што ја надминува оваа граница ќе подлежи на казнена тарифа од 50 проценти, што е двојно повеќе од досегашната стапка од 25 проценти.
Мерките се дел од напорите на ЕУ да го заштити својот пазар од глобалното прекумерно производство на челик и да го сочува економскиот капацитет и работните места во овој сектор.
Постапката за новите правила веќе беше усогласена во преговорите со земјите членки на Унијата, а денешното гласање ја означи и формализацијата на постигнатиот договор.
За овие правила официјално да стапат во сила, потребно е уште земјите членки на ЕУ да го дадат своето формално одобрување.
































