Италијанската премиерка Џорџа Мелони упати писмо до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во кое побара Брисел да ги ублажи фискалните правила на ЕУ, со цел да им помогне на владите на земјите членки да го амортизираат економскиот шок предизвикан од војната во Иран и растот на цените на енергијата.
Мелони во писмото побара „инвестициите и вонредните мерки потребни за решавање на енергетската криза“ да бидат изземени од Пактот за стабилност и раст, кој од земјите членки бара да ги држат дефицитите на буџетите под 3 проценти од БДП, пренесува „Кориере дела Сера“.
– Кризата на Блискиот Исток и тензиите во Ормуската Теснина, кои ги засилуваат ефектите од руската агресија во Украина, веќе имаат многу тешки и често асиметрични ефекти врз цените на енергијата, врз трошоците за семејствата и претпријатијата – напиша Мелони.
Таа посочи дека, на ист начин на кој од договорот за стабилност беа изземени трошоците за одбрана, би требало да се изземат и трошоците за енергија:
– Мораме да имаме политичка храброст да признаеме дека денес енергетската безбедност е исто така европски стратешки приоритет – истакна Мелони.
Италијанската премиерка додаде дека Рим би имал тешкотии да го оправда учеството во програмата на ЕУ за финансирање на одбраната SAFE, доколку Брисел не обезбеди слична флексибилност за трошоците за енергија.
Портпаролката на Европската комисија, Паула Пињо, одби да ги коментира деталите од писмото, но рече дека ЕУ „внимателно ја следи ситуацијата“ и ќе „биде подготвена да ја разгледа рамката на постојните флексибилности“ во согласност со фискалните правила на блокот.
































