Доналд Трамп / Фото: ЕПА

За ставот на Вашингтон што аналитичарите го оценија како „најдраматичниот пресврт во реториката на САД кон Кина, во врска со Тајван, во последните децении“…

 

  • Изјавите дадени по неговата средба со кинескиот лидер Си Џинпинг во Пекинг претставуваат најдраматичниот пресврт во американската реторика во врска со прашањето за Тајван во последните децении. Особено затоа што токму Трамп, во својот прв мандат, беше човекот што го трансформираше Тајван во клучен фронт на американско-кинеското ривалство

Во политиката на големите сили, понекогаш една реченица тежи повеќе од носач на авиони. Кога американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека „не сака никој да прогласува независност“ на Тајван и дека не сака САД да бидат вовлечени во војна со Кина, тој не испрати само дипломатска порака. Тој практично сигнализираше историско повлекување од повеќедецениската американска стратегија за поддршка за Тајван.
Изјавите дадени по неговата средба со кинескиот лидер Си Џинпинг во Пекинг претставуваат најдраматичниот пресврт во американската реторика во врска со прашањето за Тајван во последните децении. Особено затоа што токму Трамп, во својот прв мандат, беше човекот што го трансформираше Тајван во клучен фронт на американско-кинеското ривалство.
Сега, истиот човек зборува за „ладење на ситуацијата“, предупредувајќи против тајванска независност. Тоа е политички пресврт од 180 степени. И не станува збор само за промена на тон. Станува збор за можен крај на една цела геополитичка ера.

Тајван отсекогаш за Кина е дел од територијалната целовитост, суверенитет и интегритет

За Кина, Тајван не е само остров. Тоа е прашање на територија што е дел од НР Кина, тоа е прашање на национален суверенитет, историски континуитет, легалитет и легитимитет на кинеската држава. Од победата на комунистичката партија на Кина во 1949 година и повлекувањето на националистичката влада на островот, Пекинг има концепт на интегралност, односно дека постои „една Кина“, а Тајван е нејзин неотуѓив дел. За САД, пак, Тајван долго време претставуваше стратешка бариера против Кина и кинеските интереси во Пацификот. Но американската политика со децении се темелеше врз внимателно конструирана двосмисленост: Вашингтон официјално не ја признава независноста на Тајван, но истовремено динамично го вооружува и му гарантира способност за самоодбрана.
Таа конструкција беше воспоставена во 1979 година, кога администрацијата на тогашниот претседател Џими Картер ги нормализираше односите со Пекинг. Истата година американскиот Конгрес го усвои Законот за односи со Тајван – документ што практично ја обврза Америка да му помага на островот.
Со децении Вашингтон внимателно повлекуваше потези меѓу две црвени линии, односно да не дозволи Кина да го преземе Тајван и второ, да не охрабри формално прогласување независност на Тајван. Трамп сега, барем реторички, јасно се приближува кон кинеската јасна позиција.

Политичко салтомортале на Трамп: Од стратегиска двосмисленост до стратегиско повлекување

Трамп беше американскиот претседател што прв почна отворено да ги руши децениските дипломатски ограничувања околу Тајван. Уште во 2016 година, непосредно по изборната победа, Трамп телефонски разговараше со тогашната тајванска претседателка Цаи Инг-вен. Тоа беше прв директен контакт меѓу американски новоизбран претседател и тајвански лидер по 1979 година. Во врска со ова, тогаш, официјален Пекинг процени дека Вашингтон почнува постепено да ја напушта политиката на „една Кина“. Во тој пакет на Трамп следуваше период на драматична ескалација: со зголемени американски поморски операции во Тајванскиот Теснец; потоа и посети на американски функционери во Тајпеј; масовни продажби на оружје и обиди за дипломатско подигање на статусот на островот. Трамп тогаш ја користеше тајванската карта како дел од пошироката економска и стратешка војна со Кина. Тарифите, технолошките санкции против „Хуавеи“ и обидот за ограничување на кинеското влијание во Индопацификот беа дополнети со нов поагресивен однос кон Тајван. Во 2018 и 2019 година, администрацијата на Трамп одобри серија големи воени пакети. За потсетување, тоа беа испорачувања тенкови „абрамс“; ракети „стингер“; противбродски системи; модерни артилериски системи; напредни ракетни лансери… Во 2020 година, Вашингтон најави продажба на оружје вредна околу 11 милијарди долари, што беше еден од најголемите пакети во модерната историја на американско-тајванските односи.
Во тоа време Трамп беше претставуван како најпротајванскиот американски претседател во последните децении.
А денес, по состанокот на Трамп со кинескиот лидер Си Џинпинг, реториката на американскиот претседател е речиси стопроцентно спротивна, односно Трамп направи У-свртување во политиката, за 180 степени.

Американскиот претседател испрати три клучни пораки

„Не сакам никој да прогласува независност“, вели Трамп.
„Не сакам да патуваат 15 илјади километри и да војуваат“, нагласува американскиот претседател.
Имено, во неколку реченици, американскиот претседател практично испрати три пораки:
1. Тајван не треба да смета на безусловна американска поддршка;
2. Вашингтон нема намера автоматски да влезе во војна со Кина;
3. Стабилноста со Пекинг има предност пред тајванските аспирации.

Пораката до Тајпеј е: Не сметајте премногу на нас

Во Тајван ваквите изјави се читаат како предупредување. Со години тајванските власти се потпираа на претпоставката дека американската поддршка е практично гарантирана. Особено по руската инвазија врз Украина, островот интензивно инвестираше во асиметрична одбрана и во продлабочување на врските со Вашингтон.
Но Трамп сега испраќа поинаков сигнал: ако Тајван сам иницира криза преку формално прогласување независност, Америка можеби нема автоматски да застане зад него. Тоа е суштинска промена. Р.С.


Зошто Трамп се смени во Пекинг?

За презентираниот дијаметрално спротивен став на Трамп и постигнувањето согласност по прашањето за Тајван со претседателот на Кина, според нашите соговорници, причините се повеќеслојни.

1. Страв од глобална војна

Во Белата куќа сè повеќе доминира процената дека директен судир меѓу САД и Кина би бил катастрофален. Воен конфликт околу Тајван би значел:
• прекин на глобалните синџири на снабдување;
• колапс на пазарите;
• можна нуклеарна ескалација;
• светска економска рецесија.
Трамп, кој сака да се претстави како лидер што „не започнува војни“, очигледно се обидува да избегне сценарио во кое Америка би била вовлечена во најопасниот конфликт на 21 век.

2. Американскиот замор од геополитички конфликти

По Украина, Блискиот Исток и растечките тензии во Индопацификот, во американската јавност расте заморот од улогата на „светски полицаец“. Трамп инстинктивно ја следи таа атмосфера. Неговата порака е едноставна: Америка нема бесконечно да ги брани сите свои сојузници.

3. Економската реалност

И покрај жестокото ривалство, американската и кинеската економија остануваат длабоко поврзани. Големите американски корпорации не сакаат целосен прекин со Кина, а Волстрит стравува од нова глобална нестабилност.
Трамп, иако често користи антикинеска реторика, добро знае дека отворена конфронтација со Пекинг би можела да ја потресе американската економија. Р.С.


Победникот во Пекинг

Според повеќе наши соговорници, универзитетски професори, аналитичари и дипломати од кариета, најголемиот дипломатски добитник од оваа промена е претседателот на Кина, Си Џинпинг.
Кинескиот лидер со години предупредува дека прашањето за Тајван е „црвена линија“ и најопасна точка во односите меѓу двете суперсили. Неговата порака отсекогаш била дека секое охрабрување на тајванската независност може да доведе до конфликт.
Сега американскиот претседател практично ја повторува истата логика.
Во Пекинг тоа сигурно се толкува како доказ дека американската решителност слабее.

Крајот на една илузија

Суштината на најновиот пресврт на Трамп не е само во дипломатските нијанси. Таа лежи во рушењето на една клучна претпоставка врз која се темелеше безбедносната архитектура во Азија: дека САД, без оглед на цената, ќе го бранат Тајван.
Дали Трамп навистина е подготвен драматично да ја редефинира американската политика? Или станува збор за преговарачка тактика кон Пекинг? Засега никој нема јасен одговор.
Но во геополитиката понекогаш и самата неизвесност е оружје. А кога американски претседател ќе почне да зборува повеќе за „ладење“ отколку за одбрана, тогаш во Тајпеј сигурно се слуша звукот на далечна тревога. Р.С.


Уште еден чекор на Кина и Русија за зацврстување на стратешкото сојузништво

Путин, веднаш по Трамп, во официјална посета на Пекинг

  • Аналитичарите сметаат дека најавената средба помеѓу претседателите Путин и Си претставува јасен сигнал за продлабочување на врските меѓу Москва и Пекинг. Според најавите, станува збор за дводневна работна посета, која ќе биде прво патување на Путин во странство оваа година
  • Според дипломатски извори, во фокусот на разговорите меѓу Си и Путин ќе бидат енергетиката, безбедносната соработка и координацијата во рамките на меѓународните организации. Се очекува двајцата лидери да разговараат и за состојбата во Украина, како и за идните економски проекти меѓу двете земји

Рускиот претседател Владимир Путин утре и задутре ќе престојува во официјална посета на Пекинг само неколку дена по одржаниот самит меѓу кинескиот лидер Си Џинпинг и американскиот претседател Доналд Трамп. Информацијата ја објави хонгконшкиот весник „Саут чајна морнинг пост“, повикувајќи се на дипломатски извори блиски до кинеското раководство, а во меѓувреме беше потврдена од Кремљ.
– Путин и неговиот кинески колега, претседателот Си Џинпинг, планираат „понатамошно зајакнување на сеопфатното партнерство и стратешката соработка“ меѓу Москва и Пекинг – се вели во соопштението на Кремљ.
Аналитичарите сметаат дека најавената средба помеѓу претседателите Путин и Си претставува јасен сигнал за продлабочување на врските меѓу Москва и Пекинг. Според најавите, станува збор за дводневна работна посета, која ќе биде прво патување на Путин во странство оваа година.
Средбата доаѓа во чувствителен геополитички момент, кога односите меѓу Русија и Западот остануваат силно затегнати поради војната во Украина и економските санкции воведени од САД и Европската Унија. Кина во изминатите години се позиционираше како најважен економски и дипломатски партнер на Москва. Пекинг значително го зголеми увозот на руска нафта и гас, овозможувајќи ѝ на руската економија полесно да ги амортизира последиците од западните санкции. Во исто време, кинеските компании продолжија да извезуваат индустриска и технолошка стока за рускиот пазар, што дополнително ја зацврсти економската соработка меѓу двете сили.
Москва и Пекинг во последните години сè почесто настапуваат со усогласени ставови против, како што велат, „униполарниот светски поредок“ предводен од Западот. Двете држави инсистираат на создавање нов мултиполарен систем во кој, според нив, ќе има рамнотежа на глобалната моќ.

Фото: ЕПА

Посетата на Путин веднаш по средбата на Си со Трамп се толкува и како дипломатска порака дека Кина внимателно ја балансира својата позиција меѓу Вашингтон и Москва. Американско-кинеските односи остануваат обременети со трговски спорови, технолошки ограничувања и безбедносни тензии околу Тајван и Индопацификот. Сепак, Пекинг истовремено настојува да избегне директна конфронтација со САД, додека паралелно го одржува стратешкото партнерство со Русија.
Според дипломатски извори, во фокусот на разговорите меѓу Си и Путин ќе бидат енергетиката, безбедносната соработка и координацијата во рамките на меѓународните организации. Се очекува двајцата лидери да разговараат и за состојбата во Украина, како и за идните економски проекти меѓу двете земји.
Политичките аналитичари оценуваат дека посетата ќе биде внимателно следена и во Вашингтон и во Брисел, особено поради стравувањата од дополнително приближување на Русија и Кина во услови на глобални тензии. Р.С.


Нагласено зацврстувањето на билатералната соработка

Кинескиот претседател Си Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин разменија честитки преку писма по повод десеттиот кинеско-руски саем што беше отворен вчера во Харбин, главниот град на покраината Хејлонгѓанг во североисточна Кина.
Истакнувајќи дека годинава се одбележува 30-годишнината од стратешкото партнерство за координација меѓу Кина и Русија и 25-годишнината од потпишувањето на Договорот за добрососедство и пријателска соработка меѓу Кина и Русија, претседателот Си Џинпинг рече дека билатералната соработка во различни области континуирано се продлабочува и зацврстува, постигнувајќи плодни резултати благодарение на заедничките напори на двете земји. Во својата порака, пак, рускиот лидер Путин истакна дека саемот еволуирал во најголемиот изложбен настан меѓу двете земји, обезбедувајќи платформа за директен и длабински дијалог меѓу двете страни. Р.С.


Одржување блиски економски врски

Кина и Русија одржуваат исклучително блиски политички и економски врски, при што Пекинг купува руска нафта и стоки откако западните земји ги прекинаа врските со Москва. Пред четиридневната посета на Кина минатиот август, рускиот претседател Владимир Путин ги осуди „дискриминаторските“ западни санкции и го пофали Пекинг. Кина сега е убедливо најголемиот трговски партнер на Русија по обем, а трансакциите речиси целосно се извршуваат во руски рубли и кинески јуани, рече Путин во тоа време.
Минатиот месец, кинескиот претседател Си Џинпинг инсистираше на „поблиска и посилна стратешка координација“ меѓу Пекинг и Москва на состанокот со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Си ја посети и Русија во мај минатата година и вети дека ќе застане на страната на Москва против „унилатерализмот и хегемонистичкото малтретирање“. Р.С.