Дали државата ќе воведува казни за сопствениците, додека сметот и натаму е центар за размножување бездомни животни?

Серијал за бездомните кучиња, милениците и за сите љубители на животните (19)

Во Македонија повторно гледаме добро познат институционален модел: кога државата нема стратегија, се воведуваат казни. Наместо научна анализа базирана на етологија, популациска биологија, урбана екологија, ветеринарна епидемиологија и управување со отпад, јавноста добива административен пристап што создава впечаток на активност, без да ги допре суштинските причини за проблемот. Наместо решавање на причините, повторно се казнуваат највидливите и најодговорните. Според информациите што излегоа во јавноста околу новиот предлог-закон за благосостојба на животните, повторно се најавуваат рестрикции, задолжителни процедури и дополнителни обврски за сопствениците на миленици. Но суштинското прашање останува исто: дали државата навистина верува дека проблемот со бездомните животни започнува во домовите на одговорните граѓани?
Под поимот „миленици“ не смеат автоматски да се подразбираат само кучињата. Милениците на човекот се многу поширока и повеќебројна категорија: мачки, папагали, риби, ’рчковци, зајаци, рептили и многу други животни што живеат во контролирани домашни услови. Интересно е што никому не му паѓа на памет да ги обвинува одговорните сопственици на расни мачки за постоењето на улични мачки, иако и таму, како и кај кучињата и сите други миленици, постои јасна разлика меѓу домашно животно и слободноживеачка популација. Причината е едноставна: селектираните раси на мачки што живеат под надзор на сопственикот немаат капацитет да преживеат ниту краток период надвор од домот. Истата логика мора да се примени и кај кучињата – не може секој домашен миленик автоматски да се третира како потенцијален извор на улична популација.
Сериозните светски истражувања на американскиот биолог и етолог Рејмонд Копингер со децении укажуваат дека популациите на улични кучиња функционираат како посебна еколошка популација адаптирана на човечки отпад и достапни ресурси. Природната селекција фаворизира единки што умеат да преживуваат околу депонии, да бранат територии и да се размножуваат во средини со постојан извор на храна. Тоа има многу малку врска со концептот на домашен миленик. Домашно куче чувано во контролирана средина не формира глутници околу индустриски отпад, диви депонии и периурбани територии. Тоа не е популацијата што со години создава јавен проблем. Но наместо институциите да се фокусираат на научни факти, повторно се создава атмосфера во која токму луѓето што вложуваат најмногу грижа треба да бидат третирани како потенцијален ризик.

Фото: Пиксабеј

Во меѓувреме, вистинските жаришта ќе останат недопрени. Со децении Македонија има катастрофално управување со отпадот. Отворени контејнери, диви депонии, органски отпад расфрлан во периурбани и рурални средини, напуштени индустриски комплекси, несанитарни точки и цели населби без функционален систем за отпад. Во таква средина е сосема логично да се создаваат стабилни популации на животни што гравитираат кон ресурсите.
Таму не се собираат и размножуваат само кучиња. Таму има мачки, глодачи, инсекти, паразити, бактерии и вируси. Секој отворен отпад претставува микросистем на неконтролирана репродукција и потенцијален јавно-здравствен ризик. Но наместо државата да го третира ова како еколошки, санитарен и инфраструктурен проблем, повторно се создава привид дека кризата ќе се реши со казни за сопственици на кучиња и одгледувачници. Особено загрижува фактот што Македонија сѐ уште нема реална и научно потврдена процена за бројноста на популацијата на бездомни кучиња. Во јавноста со години кружат бројки што повеќе звучат политички отколку научно. Без теренски анализи, сериозно и темелно ГИС-мапирање, статистички модели и сериозна национална база на податоци, државата практично носи рестриктивни политики без реална процена за размерот на проблемот.
Не може да се гради стратегија врз непроверени бројки. Не може да се зборува за европски стандарди, а истовремено отпадот да останува достапен со денови. Не може да се воведуваат нови закони, додека постојните механизми – како микрочипирањето, инспекцискиот надзор и контролата на нерегистрирано размножување – со години не се спроведуваат доследно. Посебен проблем претставува и феноменот на таканаречени несопственици – стотици илјади лица во Македонија секојдневно несовесно хранат и задржуваат кучиња пред згради, кафулиња, викенд-населби, магацини или, пак, во сопствени отворени дворови, а притоа формално не преземаат никаква сопственичка одговорност. Кучето не е микрочипирано на нивно име, не е регистрирано, нема контролирана вакцинација, ветеринарна грижа, стерилизација или контрола на движење и размножување. Во пракса, тие создаваат полуодржувани популации што зависат од човечка храна, но правно остануваат „ничии“ и директно придонесуваат за стационирање, размножување и територијално однесување на овие единки.

Токму ваквиот модел претставува еден од најсериозните механизми за одржување и ширење на бездомната популација, а речиси секогаш останува надвор од статистиките и институционалниот надзор. Дополнително, кога такво куче ќе нападне човек, ќе предизвика сообраќајна несреќа или друга штета, одговорноста никогаш не ја преземаат лицата што фактички го стационирале и одржувале (пардон, „спасиле“), туку товарот паѓа врз општините, институциите и целото општество. Тоа создава апсурдна состојба во која неодговорното „колективно чување“ останува неказнето, додека цената ја плаќа јавноста. Дополнително, дел од јавниот дискурс создаде опасна култура во која секоја критика на овој нефункционален систем автоматски се претставува како недостиг од емпатија. Но емпатијата без рационалност и систем многу лесно станува инфраструктура за одржување на хаосот. Тоа не е решение. Тоа е продолжување на проблемот. Ова прашање одамна не е само прашање за кучиња. Ова е прашање за урбана хигиена, екологија, јавно здравје и институционален капацитет. Но за таков пристап се потребни податоци, наука и политичка храброст. Полесно е да се напише казна за несоодветно шетање куче отколку да се модернизира целосно и трајно управувањето со сметот од домот до депонијата. И токму затоа, Македонија повторно ризикува да влезе на оваа тема во уште еден од многуте циклуси на гласни закони и тивок хаос.


Серијал текстови за кучињата скитници, милениците и за сите љубители на животните, подготвени од Илија Петковски, кој магистрира екологија и животна средина на „Сорбона“ во Париз, излегуваат на викенд-страниците на рубриката Магазин во „Нова Македонија“. Низ текстовите авторот ќе понуди современи хумани решенија за решавање на проблемот со бездомните кучиња и за состојбата во државата во врска со овој проблем. Целта е издигнување на јавната свест за благосостојбата на животните на научна основа и отворање дебата за оваа тема, со цел да се создаде похуман свет за сите. Текстовите провоцираат научна дебата за бездомните кучиња во Македонија, фокусирана на еколошката нерамнотежа и хиперпопулацијата наместо на емоции и холивудски стереотипи. Фокусот на текстовите понатаму ќе се сведе и на одговорното сопствеништво на милениците