Фото: Н.М.

Во првите четири месеци од годинава Управата за јавни приходи констатирала неправилности кај над 40 проценти од контролираните субјекти во однос на Законот за регистрирање на готовинските плаќања (ЗРГП), од кои 30 проценти се неправилности поврзани со неиздавање фискални сметки, издавање непропишани сметки и непоседување фискална каса.

– Загрижува фактот што бројот на субјекти со утврдени неправилности бележи раст и покрај континуираните мерки на УЈП. Додека минатата година неправилности биле утврдени кај 32 % од контролираните субјекти, оваа година тој процент е зголемен на 42 %. За утврдените неправилности во првите четири месеци од 2026 година изречени се глоби на правното лице и на одговорното лице кај 395 субјекти. Најчеста неправилност и понатаму останува неиздавањето фискални сметки, при што во првите четири месеци од 2026 година изречени се 242 глоби по оваа основа. Значителен раст е евидентиран и кај прекршоците поврзани со невоведување фискален систем, каде што бројот на изречени глоби е зголемен од 7 на 32 во споредба со минатата година. Поради повторено неиздавање фискални сметки во период од две години, на 25 субјекти им е изречена мерка привремена забрана за вршење дејност – запечатување на објектите – информира денеска Управата за јавни приходи.

Спроведени биле вкупно 960 контроли за фискализација, а опфатени биле 434 угостителски објекти, 318 трговски објекти, 201 услужен објект и седум приредувачи на игри на среќа.

Контролите се реализирани врз основа на пријави од граѓани преку линијата 198, интерни анализи на УЈП и координација со други надлежни институции.

Од УЈП информираат дека има зголемување на пријавите од граѓани за 36 проценти, односно дека во овој период пристигнати се вкупно 887 пријави од граѓани.