Министре, доста со трпение спасение! Време е за акција, правда и државничка мудрост и храброст! Помогнете ѝ на Европа конечно да добие држава членка што ќе ги почитува човековите права! Поведете постапка против Бугарија по членот 33 од Европската конвенција за човекови права!

ОТВОРЕНО ПИСМО ДО ПРОФ. Д-Р ТИМЧО МУЦУНСКИ, МИНИСТЕР ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ И НАДВОРЕШНА ТРГОВИЈА

Почитуван министре Муцунски,
Постојат мигови во животот на една држава кога молчењето почнува да личи на соучесништво. Не затоа што државата и македонскиот народ не ја знаат вистината, туку затоа што предолго се навикнале да живеат со неа. А човекот, како и државата, најлесно се навикнува на неправдата кога таа трае доволно долго. Како со синдромот на „(с)варена жаба“!
Стоиците верувале дека достоинството не се мери според силата, туку според истрајноста да се брани и бори за правдата, дури и тогаш кога изгледа дека никој не сака да ја чуе. Токму затоа денес не Ви пишувам за историјата, туку за должноста.
Зашто, постои разлика меѓу трпение и понижување.
Постои трпение што е доблест – трпение на мудар човек и зрела држава што знаат кога треба да се зачуваат (разумот) достоинството и мирот. Но постои и трпение што со текот на времето почнува да личи на навикнување на неправдата. Трпение во кое пресудите остануваат неспроведени. Трпение во кое човековите права се сведуваат на дипломатски формулации. Трпение во кое еден народ како македонскиот со години чека некој конечно да му го признае правото слободно да постои. Таквото трпение повеќе не е доблест. Тоа станува тивко прифаќање на понижувањето.
И токму затоа денес не повикуваме на гнев, ниту на конфликт. Повикот е за достоинствена државничка мудрост и храброст! Македонија конечно да ја употреби силата на правото таму каде што предолго владеела тишината на неправото! Колку пресуди треба уште да останат неспроведени за Европа конечно да признае дека проблемот не е македонски, туку длабоко европски? Колку Македонци треба уште да бидат избришани од институциите, замолчени, оттурнати и негирани за европските челници, а не бирократите, конечно да сфатат и прифатат дека во срцето на Европска Унија постои држава што има проблем со самата идеја дека некој може слободно да се чувствува Македонец?
Во XXI век, Бугарија, членка на Европската Унија и Советот на Европа, со години одбива да регистрира организации на Македонците, одбива да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права и одбива да признае дека човековото достоинство не може да се уредува со државен декрет. Иронијата е уште потрагична ако се знае дека обновената македонска држава, што ја нарекуваат „недоволно европска“, денес има повисок демократски капацитет за почитување на различностите отколку земја членка на Европската Унија и нејзините заштитници. Во Македонија постои право на самоидентификација. Во Македонија никој не оди на суд затоа што се чувствува Бугарин. Но во Бугарија, и понатаму, самото постоење на Македонец се третира како политички проблем, како закана и провокација за безбедноста на бугарската држава. А тоа веќе не е прашање на историја. Ова е прашање на стравот на една држава од туѓиот идентитет. А држава што се плаши од нечие име, всушност се плаши од сопствената слабост, што не може да ја прикрие.
Време е за државничка одлука!

Помогнете ѝ на Европа конечно да добие држава членка што ќе ги почитува човековите слободи и граѓански права. Поведете постапка против Бугарија пред Европскиот суд за човекови права по членот 33 од Европската конвенција за човекови права! Поднесете конечно тужба!!!
Почитуван министере, дојде време Македонија да престане да ја троши енергијата во внимателно формулирани соопштенија зад кои нема државна волја и акција. Затоа денес повеќе не е потребна уште една внимателно напишана дипломатска реакција што ќе заврши архивирана меѓу дипломатските формалности без вистински ефект. Потребна е државна волја што ќе покаже дека Македонија знае не само да реагира, туку и да дејствува кога се доведуваат во прашање достоинството и правото на сопствениот народ.
Зашто, правото што не се брани и за кое не се бори постепено престанува да постои.
Дојде време да престанеме да укажуваме на европските принципи и вредности и конечно да побараме тие да се применуваат. Затоа, денес не е доволна дипломатска загриженост. Не е доволно уште едно „внимателно следење на состојбата“. Не е доволно ниту уште едно бескрајно чекање Европа самата да покаже принципиелност. Потребна е тивка, но цврста државна решителност. Не гнев. Не навреда. Не омраза. Туку ладна и достоинствена примена на актуелните механизми на правото. Потребно е Министерството за надворешни работи итно да иницира свикување на Советот за безбедност на Република Македонија и таму конечно да се отвори прашањето за системското кршење на човековите права на Македонците во Бугарија. Советот за безбедност треба да утврди државна стратегија и да препорача конкретна постапка по членот 33 од Европската конвенција за човекови права.
За македонската јавност конечно да разбере – ова не би била „тужба за историјата“, ниту „етички спор за емоции“. Тоа би била формална државна постапка против државата Бугарија, која континуирано и неказнето не ги спроведува пресудите на Европскиот суд за човекови права. Со други зборови: Македонија не би тврдела нешто што допрва треба да се докажува. Македонија би се повикала на веќе постојни пресуди на Судот во Стразбур во кои е утврдено дека Бугарија ги прекршува основните права на Македонците, правото на здружување, правото на самоидентификација и забраната на дискриминација. Клучниот проблем е што тие пресуди со години остануваат неспроведени. Токму тука се активира членот 33 од Европската конвенција. Тој ѝ дозволува на една држава членка на Советот на Европа, во случајов Македониjа, формално да поведе постапка против друга држава, во случајов Бугарија, кога постои системско кршење на човековите права и непочитување на обврските од Европската конвенција за човекови права.
Во практика, тоа би значело Македонија преку својот експертски тим (кој треба да го формира) да му помогне на Министерството за надворешни работи да поднесе официјална (меѓу)државна апликација пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Во таа апликација би се навеле: пресудите што Бугарија не ги спроведува, доказите за континуирано одбивање регистрација на македонските организации, доказите за институционална дискриминација на македонците и фактот дека проблемот не е изолиран инцидент, туку системска политика што трае со децении.
Таквата постапка би имала огромно правно, ама и политичко значење.
Прво, проблемот конечно би се интернационализирал како европско прашање, а не како „билатерална расправија“. Второ, Комитетот на министри на Советот на Европа би бил ставен под дополнителен институционален притисок да бара реално спроведување на пресудите против Бугарија. Трето, Европа конечно би морала јасно да одговори дали пресудите на Европскиот суд се задолжителни само за некого или се само протоколарни препораки, иако според протоколот 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права, имплементацијата на пресудите е задолжителна за сите држави членки!
И најважно, Македонија конечно би покажала дека знае да се однесува како држава што ги користи механизмите на меѓународното право, а не како држава што бесконечно чека некој друг да ја (од)брани. Македонија мора да поведе (меѓу)државна тужба против Бугарија пред Европскиот суд за човекови права. Не заради одмазда. Не заради дневна политика. Туку заради еден едноставен принцип: правото што не важи за сите, не е право, туку привилегија! Зашто ако пресудите на Европскиот суд постојат само на хартија, тогаш Европа не е правен поредок, туку политички театар! Ако држава членка може со децении да ги игнорира пресудите на Судот без никакви последици, тогаш прашањето не е дали Македонија има проблем. Прашањето е дали Европската Унија и Советот на Европа имаат кредибилитет.
Членот 33 од Европската конвенција за човекови права не е украс во правниот систем. Тој е создаден токму за вакви ситуации, кога една држава системски,континуирано и неказниво ги прекршува основните човекови слободи и граѓански права. Во спротивно, зошто постојат европските институции? Да донесуваат пресуди што никој не ги спроведува? Да глумат морална супериорност додека во рамките на самата Европа се негира етнички идентитет? Историјата покажува дека Европа реагирала кога повредите станувале срамни и неодбранливи. Така, поради инвазијата врз Украина, Руската Федерација е исфрлена од Советот на Европа во 2022 година. А „Грција самата се повлекла во 1969 година“, пред да ја исфрлат поради кршењето на граѓанските права за време на хунтата!
А кога станува збор за Македонците, Европа со години глуми институционална амнезија. Затоа Македонија повеќе не смее да биде пасивна. Пасивноста понекогаш се претставува како мудрост. Но најчесто таа е само страв облечен во дипломатски речник. А држава што постојано се плаши да ја каже вистината, постепено почнува да се плаши и од самата себе.
Почитуван г. министре, историјата ретко ги памети претпазливите луѓе. Таа не ги памети оние што тивко чекале времето само да ги реши неправдите. Не ги памети ниту оние што со години внимателно ги мереле зборовите додека суштината полека се губела во дипломатски формулации и бескрајни европски состаноци.
Историјата ги памети државниците и државите што во време на општ комфор имале храброст да останат верни на принципите и вредностите. Зашто, постои нешто пострашно од конфликтот. А тоа е навикнувањето на неправдата по синдромот на „(с)варена жаба“. Вистината исчезнува ако сите молчат за неа. Не станува „помалку вистинита“, ниту кога е политички непријатна.
А вистината денес е едноставна и болна: Бугарија нема проблем со Македонија. Бугарија и нејзините заштитници имаат проблем со европските принципи и вредности што формално тврдат дека ги бранат. Зашто, држава што во XXI век има страв од туѓ идентитет, држава што со години ги игнорира пресудите на Европскиот суд за човекови права, држава што регистрацијата на македонските организации ја доживува како закана, не се соочува со „историски спор“. Таа се соочува со сопствениот демократски дефицит. И токму затоа ова прашање повеќе не е само македонско. Ова е прашање за самата Европа.

Ако пресудите на Европскиот суд постојат само за малите држави, ако човековите права важат селективно, ако една членка на Европската Унија може со децении да ги игнорира меѓународните обврски без реални последици,
тогаш Европа не е правен поредок, на кој постојано нѐ подучуваат! Тогаш Европа станува „театар на апсурдот“ во кој принципите и вредностите свечено се декларираат, но не се живеат.
Ние Македонците низ историјата сме знаеле и поинаку да ја потсетуваме Европа дека постоиме. Точно пред стои дваесет и три години тоа била саможртвата на гемиџиите! Младите македонски интелектуалци што ја разбрале суровата вистина дека Европа многу полесно ја разбира експлозијата на динамитот отколку тивкото страдање на македонскиот народ. Тогаш Македонија немала држава. Немала право. Немала судови. Немала институции што ќе зборуваат во нејзино име. И затоа таа генерација посегнала по она што ѝ останало, по сопствениот живот! Не затоа што ја сакале смртта. Туку затоа што Европа била рамнодушна кон нивниот ропски живот.
Денес меѓутоа времињата се поинакви. Денес Македонија има обновена држава. Има институции, што можат да го (ис)користат меѓународното право. Зашто има Европска конвенција за човекови права!? Има член 33! И ако пред сто и дваесет и три години Македонија морала да ја тресе Европа со динамит за да биде слушната, денес има должност да ја потресе со силата на правото. Не со омраза. Не со реваншизам. Не со шовинистички крик. Туку со мудрост и достоинство. Со државничка зрелост. Со јасна и мирна одлука конечно да се (по)бара она што одамна требало да биде нормално, спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права.
Затоа Македонија и Македонците денес не треба да бараат ничија милост. Треба да побараме примена на правото. Да свика Советот за безбедност. Да се формулира државна стратегија. Да се иницира постапка по членот 33 од Европската конвенција за човекови права.
И конечно да ја присилиме Европа да одлучи: дали Европскиот суд за човекови права е навистина суд или само скап европски декор зад кој државите можат неказнето да ги газат човековите права. Македонија и Македонците денес имаат обврска да бидат гласни и достоинствени. А понекогаш најдостоинствениот чин што една држава може да го направи е мирно, правно и без страв да побара Европа конечно да живее според сопствените принципи, вредности и права на кои постојано нѐ подучуваат! Зашто, човековите права или важат за сите или не постојат!
И тука лежи најголемата историска одговорност на оваа генерација македонски челници да докажат дека се државници! Не дали ќе победат на следните избори?! Не во тоа дали ќе остават дипломатски впечаток во Брисел и пошироко! Туку во тоа дали конечно ќе покажат дека достоинството на македонскиот народ не смее да се потценува, а уште помалку да се преговара. Зашто, Македонците не се „привремено“ понижени кога се поразени од заштитниците на Бугарија! Понижени се кога предолго се убедувани дека заради „европската иднина“ треба тивко да се откажуваат од сопственото име, сопствениот идентитет и од сопственото право на постоење. А држава што почнува да се плаши да го брани идентитетот на сопствениот народ, со текот на времето почнува да ги губи и достоинството и гордоста за државност.

НАМЕСТО П.С.
Доколку во (раз)умен рок од стотина дена не биде преземен ниту еден конкретен институционален чекор за активирање на постапка по членот 33 од Европската конвенција за човекови права, тогаш барањето мора да биде доставено и до другите 44 држави членки на Советот на Европа (без Македонија и Бугарија). И тоа ќе биде најтажната констатација за оваа генерација македонски челници во XXI век. Не дека повторно сме останале без правда за која треба да се (из)бориме. Или повторно ќе немаме државничка мудрост, храброст и достоинство да ја одбраниме правдата. Бидејќи пред сто и дваесет и три години Македонците немале држава, немале дипломатија и немале институции што ќе зборуваат во нивно име. Денес имаме обновена држава. Нема потреба сега некој друг да го отвора пак македонското прашање пред Европа. Затоа останува горливото прашање што за последниве стотина години сме изградиле ние,Македонците?! Зашто сега ја имаме обновената македонска држава!
Сепак, ова прашање повеќе не е важно само за Македонија. Ова е прашање и за опстанокот на самиот Совет на Европа. Зашто Европската конвенција за човекови права не е обичен политички документ. Таа е темелот врз кој почива целата европска правна и политичка архитектура по поразот на нацизмот во Втората светска војна. Ако пресудите од Стразбур со години се игнорираат без последици, тогаш не пропаѓа само правото на Македонците! Тогаш пропаѓа и довербата во самиот европски правен и политички систем.
Бидејќи институција што не може да го заштити сопствениот правен и политички поредок, со текот на времето престанува да биде институција и станува трагичен симбол. Затоа оваа борба денес не е само борба за правата на Македонците во Бугарија. Ова е борба за тоа: дали Европа навистина сака да ги почитува сопствените принципи и вредности поради кои треба да постои!

Тони Менкиноски