Пред некој ден внука ми Бистра, првоодделенка во „Песталоци“, целата облеана со радост ми се пофали дека ќе оди на екскурзија. Иако зборот екскурзија во почетокот го изговараше малку испревртено, нејзиното детско лице сјаеше од задоволство што нејзе ќе ѝ се случува нешто за првпат. Ќе оди на екскурзија, ќе оди во нешто далечно, ново, непознато. Ми објаснуваше што значи да се оди на екскурзија, што значи дружењето со целото одделение надвор од школскиот двор, што треба да понесе за храна, какво шише со вода, грицки, овошје и разни други дребулии. И, меѓу другото, ме праша дали јас знам што е екскурзија и дали некогаш сум бил.
Без да има намера, без да знае какво суштински длабоко прашање ми поставува, Бистра ме врати рамно шеесет години наназад, од нигде никаде ми ги извади избледнетите сеќавања од мојата прва голема и последна школска екскурзија.
Значи вака. Ресен, мај 1966 година. Јас трети клас, општествена насока, гимназија „Стив Наумов“. Третите класови ќе одиме на екскурзија низ Југославија. „Запознај ја татковината за повеќе да ја сакаш“ – беше главниот слоган на сите екскурзии. Задолжителен дел од наставната програма, државна директива. Денови на возбуда, на нервозни подготовки, на младешки планови. Гардероба скудна, но погодна, не фраерска, но не и старомодна. Меѓусебни другарски консултации. Ситни недоразбирања со родителите околу облеката и парите, ти бараш тие стискаат.
Тргнуваме. Од Ресен до Битола со автобус. Од Битола до Белград, воз – експрес. Повеќето од нас првпат влегуваме во она што се движи по шини. Во главниот град на државата стигнуваме рано наутро. Првпат се среќаваме со велеград. Го шетаме градот, „Кнез Михајлова“, Музејот на Никола Тесла, Калемегдан. Сѐ е организирано, дисциплинирано, тече денот како под конец. Вечерта спиеме во некој студентски дом, умор не чувствуваме.
Утредента сме во Загреб, Хрватска. Се гледа дека Хрватска не е Србија. Загреб не е главната цел. Главната цел е Кумровец, родното место на другарот Тито, најголемиот син на југословенските народи. Цела група близу сто ученици го грешиме возот, влегуваме за друга релација. Забуната ја направи јазикот – требало да се качиме на влак, а не знаевме што е тоа чудо. Влак да ти било воз, ама на хрватски. Не е срам да се каже дека како стадо истрчуваме и се втурнуваме во другите вагони што беа паркирани на соседниот колосек.
Ден во Кумровец, блиску до Загреб, хрватско Загорје. Ако не си бил во Кумровец не си Југословен, не си комунистичко-социјалистички изграден, не си титоист. Посета на родниот дом на саканиот претседател, селска дотерана куќа, во неа креветот на кој спиел Јоже (така го викале Јосип Броз), неговата работна маса, разни предмети што тогаш имаа значење на реликвии. Со нив си играл крај реката Сутла на хрватско-словенечката граница. Во дворот голем споменик. Сите среќни – весели. Тито не го видовме во живо, но за животот негов чувме многу, по нешто и запаметивме. Со посетата на Кумровец исполнета е пропагандно-политичката мисија на екскурзијата, на гордост на професорите што нѐ водеа, не помала и на учениците. Светевме во лицата што, ете, и ние станавме рамноправен дел од социјалистичката младина на Југославија.
По Кумровец, Словенија. Словенија во мај – широки асфалтни патишта, кај и да погледнеш една милина, зелено, зелено, сакам зелено. Љубљана, па посета на Постојнска Јама, неизоставна дестинација на сите тогашни екскурзии. Карстен пештерски систем долг 20,5 километри. Едно од најголемите посетителски места во земјата. Откриена во 1818 година кога биле вршени подготовките за посетата на светиот римски цар Франц Први на пештерата. Од 1819 отворена за посети од јавноста. Ние од Ресен, на југот на Македонија, блиску до Грција и Албанија, ја посетивме во мај 1966. Јамата е дом на ендемската човечка рипка, најголемиот пештерски водоземец во светот. Не се сеќавам дали имаше книга за запишување спомени, но кога би ја нашол би напишал многу пофални зборови.
Крањ, Бохин, Блед. За нас преспанците (од Преспа), Бледско Езеро беше емотивно доживување. Мало, студено, а питомо. Далеку од нас снеговите на Триглав, највисокиот врв на Јулиските Алпи. Словенците Триглав, ама ние Македонците си го имаме Кораб. Тие години се одвиваше геолошко-географски натпревар меѓу Словенија и Македонија кој врв е повисок. Некои наши тврдеа дека Голем Кораб е за неколку метри повисок од Триглав. Тие два планински врва живееја братски во една држава, додека некои сили не ги разделија во две посебни. Државата им ја поделија, гордоста во височините не можеа. Таму, во Словенија, среќаваме наши соученици од Кочани, од Кавадарци, од Куманово, од цела Македонија. Цела млада Македонија во Словенија, на екскурзии, не на работа.
По Словенија се случува ново чудо. Стигнуваме во Сплит. Јас, на мои 18 години, првпат видов море во живо. На 99 отсто од моите соученици исто така тој ден им беше прва животна средба со морска сина широчина, со морски брег и солена вода. Јадран, Јадранско Море, наше море. Плус град на море. Не е смешно, тоа беше многу сериозен чекор во нашите животи, запознавме нешто ново, пробавме солено што не е сол во јадењето. Море, сино море, а ние на суво. Капењето беше забрането. Нашите класни водачи имаа јасни директиви – никакво капење, кој ќе ја носи одговорноста ако нешто непријатно се случи во солената вода.
Ноќта се случува уште едно животно искуство. Со брод патуваме од Сплит до Дубровник. И тоа на сите ни се случува за првпат во животот. Какво ми ти спиење, каков сон? Не се испушта таква ноќ да не се гледаат ѕвезди и полна месечина. Море, мирно море, ноќ, тивка ноќ. А Дубровник? Град историја, познат од драмолетките на Марин Држиќ што ги глумевме во гимназијата.
Враќањето нѐ носеше низ Босна, крај Неретва и кај Сутјеска, кај Тјентиште. Таму се одвивала Петтата непријателска офанзива, битка во која победиле Титовите партизани. Така ни кажуваа водичите, така пишува во книгите на кои беспоговорно им верувавме. А имаше и зошто.
Конечно, назад во Ресен исполнети со нови слики, пејзажи, доживувања, речиси авантури. Не се сеќавам точно дали сите тие илјадници километри ги поминавме за седум или за десет дена. Возови, автобуси, бродови, менувавме превоз во согласност со потребите и локациите. И види чудо: сѐ течеше како прецизен саат, од час во час, да не речам од минута во минута. Тогаш не, но денес се чудам како беа усогласувани тие термини, возни релации, ресторани за храна, домови за спиење.
Денес, сите тогашни екскурзијанти, не само од Ресен туку од цела Македонија, сме луѓе во поодмината возраст што имале привилегија да живеат во една мошне млада, надежна, стабилна и сигурна држава што носеше име Југославија, а се одржуваше во времето на Јосип Броз Тито. Можеби системот идеолошки беше погрешен, но стварноста беше вистинска. Можеше да се движиш слободно каде што сакаш, да пееш, да се радуваш и да сакаш во кое било место кај што ќе се најдеш. Немаше граници, чекања на гранични премини, нема проверки, застои, нема пасоши. Една безгранична земја.
Таа екскурзија пред точно 60 години беше наша нова школа. Факултет пред факултет. Научивме нешта што не ги знаевме, видовме места, луѓе, зданија за кои не бевме ни чуле. Кои беа многу, многу поразлични од нашиот Ресен, од нашата Преспа. Денес тоа ќе им го раскажуваме на нашите внуци не како обврска туку како залог да живеат среќно во држава што е нивна и да не подлегнуваат на оние што шират намерни лаги за да ја загрозат или сопрат нивната иднина.
































