Вчера во Куќата на мирис и вкус при Музеј-галеријата во Кавадарци беше отворена
изложба „Накит 19 и 20 век од Штип и штипско“ на авторот Бети Иванова виш кустос во НУ Завод за заштита на спомениците и Музеј -Штип. Настанот започна со изведбата на народната песна „Гердан ми падна“ во изведба на младиот музичар Ангел Димитров како прекрасна увертира на презентација на овој оригинален накит од Македонија кој претставува многу повеќе од украс.

Имајќи го во пердвид периодот во кој бил создаван изложениот накит претставува огледало на времето, општествената положба, семејната традиција и културен идентитет а украсните симболи означувале симбол на љубов, семејна чест, статус, вера и припадност.

– Во 19 век на просторот на Македонија и Балканот, накитот најчесто се изработувал рачно од локални мајстори-кујунџии и филигранџии. Особено била ценета филигранстката техника на тенка сребрена жица со прецизни орнаменти, која и денес се смета за едно од напрепознатливите занаетчиски наследства на Балканот. Среброто било доминантен материјал, не само поради достапноста туку и поради верувањето дека има заштитна и духовна моќ. Жените носеле пафти, гердани, тепелуци, обетки и монети вткаени во накитот, кои често биле дел од миразот и се пренесувале од генерација на генерација. Мотивите сонце, лозови гранки, крстови или цветови се
користеле како симбол на плодност, заштита, живот и благосостојба. Во 20 век под влијание на европската мода накитот постепено станува поелегантен, поминималистички и подостапен а рачната изработка почнува да се комбинира со фабричко производство. Но и покрај промените накитот останува да раскажува лични приказни за сопствениците. Секое парче накит изложен на изложбата во себе носи дел од животот на луѓето кои го носеле па оттаму изложениот накит не претставува само збир на предмети , туку и зачувување на едно културно и духовно наследство – рече во своето обраќање виш кустос Томе Крстевски.

За авторот на изложбата Бети Иванова уметничкото обликување на металот во
Македонија достигнало широки размери. Видно место му припаѓа на народниот накит од бронза, месинг, сребро и бакар кој претставува вистинска уметност во занаетчиството во средновековното златарстви во Македонија.

Користејќи ги златарските традиции во гравирање, исчукување и филигран, македонските ковенџии го развиле уметничкото создавање во металот и го збогатиле со со некои специфичности во стилот. Значаен сегмент од етнолошкото наследство во НУ Завод и
Музеј Штип му пррипаѓа на накитот, како на металниот така и на монистрениот накит, кој во својата содржина го чува нашето богато културно наследство и традиција. М.М.

































