„Декада на трансформации“ на Бојан Ковски во „Сули-ан“

Утре, со почеток во 19.30 часот, во „Сули-ан“ ќе биде отворена изложбата „Декада на трансформации“ на визуелниот уметник Бојан Ковски, со која се одбележуваат десет години од неговото творештво во областа на уметноста на тело (боди арт). Изложбата претставува нова серија дела изработени во соработка со Бојан Стоилковски како партнер, видеограф и фотограф за изложбата, со поддршка во процесот на цртање на тело од Неслихан Сулејман. Ковски е инспириран од своето децениско патување низ тело, боја, движење и време. Не како класична ретроспектива, туку како визуелна рефлексија на личен и уметнички процес во кој човечкото тело станува платно, кожата станува јазик, а уметноста се создава во жив дијалог со човекот.
„Доживејте ја трансформацијата“ е водечката мисла на оваа изложба – повик публиката да не биде само набљудувач, туку дел од искуството. Пред десет години, Ковски го започна своето патување со цртањето на тело како истражување на изразот, идентитетот и постојаната еволуција. Она што започнало како љубопитност, со текот на времето прераснало во препознатлив уметнички јазик и авторски потпис што го поместува боди артот од декоративното и перформативното кон простор на современа ликовна уметност. Во рамките на изложбата, трансформацијата не е само тема – таа е суштина. Секој потег, секој концепт, секоја соработка и секое насликано тело стануваат дел од една поголема приказна за минливоста, убавината, ранливоста и моќта на уметноста да остави трага и тогаш кога нејзината форма е привремена. Преку видеоинсталации, бодиарт-перформанс и атмосфера на маскенбал, „Декада на трансформации“ се поставува како едновечерно искуство во кое мистеријата, телото, музиката и визуелната уметност се среќаваат во еден внимателно режиран простор – се вели во најавата.
Зад проектот продукциски стои „Макс менаџмент инк“, со цел оваа вечер да биде целосно визуелно и емотивно искуство во кое просторот, публиката, движењето, светлото и атмосферата се дел од истата трансформација. „Декада на трансформации“ не е заклучок. Таа е праг меѓу телото и платното, меѓу минливото и вечното, меѓу она што се мие од кожата и она што останува во погледот.