„Гледање со срцето“ – Билјана Гарванлиева (1973-2016)
„Филмската авторка од Скопје беше една од најпроникливите културни медијатори меѓу Балканот и Централна Европа. За својата прецизна и емотивна опсервација, како и за својата аналитичка острина, Гарванлиева освои многубројни меѓународни филмски награди, меѓу кои и Германската награда за краток филм (2007) и Наградата за најдобар документарец „Срцето на Сараево“ (2010). Со смртта на Билјана Гарванлиева, кинематографијата на Југоисточна Европа и Германија изгуби автор што ги следеше своите протагонисти на нивниот животен пат со голема доза на хумор и така стануваше конструктивен и критички глас во регионот од кој потекнуваше“, напиша Бернд Будер за неа.
На 14 мај во 20 часот во Кинотеката на Македонија почнува ретроспективата на филмските дела на Билјана Гарванлиева (1973-2016), под наслов „Гледање со срцето“. Ќе бидат прикажани: „Македонски сон – девојчето со хармониката“ (2006) – филм за созревањето во еден од најзапуштените краишта на Европа, „Шивачките“ (2010) – поглед зад завесата на глобализацијата, „Девојчето што бере тутун“ (2009) – многу личен филм за судирот меѓу традицијата и модерноста во една малку позната култура, „После дождот“ (2013) – првиот документарен филм на македонската режисерка Билјана Гарванлиева за климатските промени, „Тетовски самрак“ (2016/2019) – филм што ја опишува состојбата на една генерација што живее меѓу надежта и реалноста и го поставува прашањето на вистинскиот живот во катастрофални околности.
Во 2011 година на Билјана ѝ беше дијагностициран рак. Меѓу копнежот и безнадежноста, почна да работи на својот нов проект. Со „Тетовски самрак“ Билјана не само што сакаше да сними нов филм за својата земја преку истражување на суштината на непријателство меѓу Албанците и Македонците туку и повторно ја откри својата татковина и си го постави прашањето: Како може да се остварат соништата кога околностите се катастрофални?
Билјана почина во септември 2016 година, по завршувањето на правата фаза од снимањето.































