АТЛЕТИКА
Наскоро дуел Лајлс-Гаут на неолимписката дистанца од 150 м
Американската спринтерска ѕвезда Ноа Лајлс и австралиската тинејџерска сензација Гаут Гаут првпат ќе се соочат еден со друг на атлетскиот митинг во Острава во јуни годинава. Трката ќе биде еден од најважните моменти на митингот во Чешка, бидејќи олимпискиот шампион на 100 метри, Лајлс, ќе се трка со ѕвездата во подем Гаут на неолимписката дистанца од 150 метри, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК).
Лајлс никогаш не се тркал во Острава, а ова ќе биде втор настап на 18-годишниот Гаут на тој митинг, откако минатата година победи на 200 метри, со време од 20,02 секунди. Оттогаш тој постави нов австралиски рекорд на таа дистанца, со време од 19,67 секунди на Австралиското првенство во атлетика во април.
Лајлс освои олимписко злато на 100 метри на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз во 2024 година, како и четири светски титули на 200 метри. Иако никогаш не се натпреварувале еден против друг, тие тренираа заедно во Клермонт, Флорида, во јануари 2025 година.
Други ѕвезди што ќе се натпреваруваат во Острава се олимпискиот првак во скок во височина од ЛОИ во Токио во 2021 година, Џанмарко Тамбери, ѕвездите во скок со стап Емануил Каралис и Кејти Мун и тркачите на 100 метри со пречки Тоби Амусан, Девин Чарлтон и Надин Висер, пишува Интернационалниот олимписки комитет. Н.М.
Владата на Велика Британија дискутира за домаќинство на ЛОИ во 2040-тите
Владата на Велика Британија вели дека е во „дискусии за поддршка на потенцијални кандидатури“ за Летните олимписки игри и Параолимписки игри во 2040-тите, пишува „Би-би-си“. Таму се додава дека „првичната работа што испитува дали Велика Британија би можела да биде домаќин на Игрите првпат од Лондон во 2012 година ќе ги процени клучните фактори како што се потенцијалните трошоци, социоекономската корист и шансата за успех“.
Министерството за култура, медиуми и за спорт вели дека сака да ја направи Велика Британија „одредиштето каде што треба да се оди“ за домаќинство на големи спортски настани. Во претходните месеци има растечки замав околу можниот обид олимписките игри четврти пат да се одржат во Велика Британија, пишува „Би-би-си“. Лондон беше домаќин на ЛОИ во 1908, 1948 и 2012 година.
Со оглед на тоа што Лос Анџелес во САД и Бризбејн во Австралија се домаќини на Игрите во 2028 односно во 2032 година, Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) уште не ги избрал градовите што ќе ги организираат ЛОИ во 2036 година и подоцна. Н.М.

































