Туристичкиот сектор под силен притисок

  • Керозинот е многу поскапен, многу повеќе од двојно, беше 900 долари, сега е 2.000 долари и тоа ќе направи проблем кај авиоиндустријата.
    Се плашам дека во наредниот период секоја авионска карта ќе поскапи за 50-70 евра. Ова го тврдам врз основа на мои претпоставки,
    но дополнително треба да се има предвид дека многу компании ги откажуваат летовите каде што немаат економска оправданост, веќе дел од нив откажаа летови, како што направи „Луфтханза“, велат наши соговорници
  • Дел од туристите ги менуваат плановите за летување со цел да ги избегнат дестинациите во источниот Медитеран, додека има и такви што веќе претрпеа штети од откажувања, а најсилниот удар секако е врз земјите во непосредна близина на жариштето како што се Обединетите Арапски Емирати. Сепак, претставници на туристичкиот сектор во земјава смируваат и тврдат дека и покрај неизвесноста, добро е што нема откажување на летовите за нашите аеродроми, но укажуваат и дека граѓаните не ги откажуваат веќе направените резервации

Туристичкиот сектор и авиосообраќајот веќе ги чувствуваат ударите од војната на Блискиот Исток, а многумина инволвирани потенцираат дека и доколку дојде до мир деновиве, последиците ќе се чувствуваат и следните недели. Според економските експерти, колку повеќе трае, толку повеќе ќе влијае врз економијата преку поскапувањето на нафтените деривати, ѓубривата, храната и транспортните услуги, особено во авиопревозот, каде што веќе се најавени зголемувања на цените на билетите поради недостигот од авионско гориво, но и откажување летови.
Oва веќе влијае и врз туристичкиот сектор, додека дел од туристите ги менуваат плановите за летување со цел да ги избегнат дестинациите во источниот Медитеран, има и такви што веќе претрпеа штети од откажувањата, а најсилниот удар секако е врз земјите во непосредна близина на жариштето како што се Обединетите Арапски Емирати. Сепак, претставници на туристичкиот сектор во земјава смируваат и тврдат дека и покрај неизвесноста, добро е што нема откажување на летовите за нашите аеродроми, но укажуваат и дека граѓаните не ги откажуваат веќе направените резервации.
Дополнителен проблем што ги загрижува македонските граѓани што со нетрпение сакаат да заминат на викенд или на одмор е влезот кај соседите што се дел од Европската Унија, како Грција и Бугарија. Бидејќи Грција важи за омилена летна дестинација, многумина се прашуваат како ќе поминат на границите поради воведувањето на новиот систем за идентификација, особено по досега забележаните застои и долго чекање на граничните премини.
– Нема откажувања на туристички аранжмани, но нема нови уплати. Луѓето се малку скептични, не знаат што ќе се случува, а војната продолжи повеќе од што треба, но мислам дека нема простор за паника. Баш напротив, треба да гледаме оптимистички на целата ситуација. Мислам дека наскоро сѐ ќе среди, гледаме дека војнава де завршува, де не завршува, сега се манипулира со берзите, се изврши голем притисок. Луѓето полека сфаќаат дека ова е некаква чудна војна што не нѐ засега нас и секој гледа да си го организира одморот – објаснува Аркан Керим, претседателот на Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори (ССК).
Сепак, тој додава дека светот, особено Европа, се соочува со проблеми и недостиг од керозин, поради што цените се значително зголемени.
– Керозинот е многу поскапен, многу повеќе од двојно, беше 900 долари, сега е 2.000 долари и тоа ќе направи проблем кај авиоиндустријата. Се плашам дека во наредниот период секоја авионска карта ќе поскапи за 50-70 евра. Ова го тврдам врз основа на мои претпоставки, но дополнително треба да се има предвид дека многу компании ги откажуваат летовите каде што немаат економска оправданост, веќе дел од нив откажаа летови, како што направи „Луфтханза“. Факт е дека и други авиокомпании ќе го направат истото тоа, а на тоа се принудени поради високите цени, бидејќи немаат економска оправданост и тоа ќе го погоди туристичкиот сектор – наведува Керим.
Веќе е јасно дека на глобалната туристичка мапа веќе има големи промени поради конфликтите на Блискиот Исток, бидејќи интересот за патувања во земјите од Заливот нагло опадна, а имаше и голем одлив на граѓани што избегаа од тамошните земји. Дополнително изминативе празници граѓаните ги поминаа на медитеранските локации како Грција, Италија, Шпанија и Хрватска наместо кон Обединети Арапски Емирати, Катар и Турција. Причината е зголемената несигурност, но и растот на цените на авионските билети, кои во некои случаи достигнуваат и до 200 проценти повисоки цени.
Поради кризата, одредени дестинации како Дубаи и Доха моментно се со значително намален или речиси целосно прекинат туристички сообраќај, а дел од патувањата воопшто не се реализираат. Туристите што веќе уплатиле аранжмани имаат можност за враќање на средствата или за реорганизација на патувањата преку други аеродроми.
Керим, пак, додава дека иако, за среќа, нема откажани летови за Скопје и Охрид, не се знае што ќе се случува бидејќи работите секојдневно се менуваат. Дополнителен проблем е и новиот систем за влез и излез од ЕУ, кој создаде метеж на границите поради биометриската контрола. Редици патници беа заглавени за празниците на границите со Грција.
– По некои сценарија, најдобри сценарија, од 10 до 12 часа чекање на граница би бил тој проток, зборувам кога е смената на турите, петок, сабота, недела. Тоа ќе биде добро сценарио. Тоа се 40-50.000 луѓе, тоа се 10.000 возила одеднаш. Ако тука ги ставиме автобусите, српските туристи, косовските туристи, кога ќе се собере тој метеж, секој треба да излезе од кола, да се фотографира, да стави отпечаток. И на враќање исто така. Комората веќе побара од грчките власти македонските патници за време на летната сезона да бидат изземени од биометриската контрола и очекува позитивен одговор – нагласува Керим.

Војната на Блискиот Исток ги насочува туристите кон европските дестинации

Од домашните туристички агенции укажуваат дека од почетокот на војната, туристите сè повеќе ги избираат европските дестинации како што се Италија, Шпанија, Малта, Хрватска… наместо земјите од источниот Медитеран.
– Хотелите не ги зголемија цените, но авиокомпаниите ги зголемија цените на картите. На почетокот од војната, односно првите десет дена, имаше малку страв и граѓаните ги откажуваа патувањата, но сега ситуацијата е смирена и аранжманите се реализираат без проблем – велат од една домашна туристичка агенција.
Оттаму истакнуваат дека веќе има откажување на направените резервации за летните одмори, но дека и интересот е намален.
– Очекуваме да има зголемување на цените на летните аранжмани, значи цените нема да бидат како лани, пред сè поради поскапите авиобилети. Дел од граѓаните ги откажаа аранжманите за Турција, но треба да се почека и да се види како ќе се одвива ситуацијата, бидејќи авиокомпаниите не ги враќаат парите за карти. Некои од граѓаните се многу исплашени и не сакаат да патуваат ниту во Европа, но од авиокомпаниите велат дека не можат да им ги вратат парите за авиобилетите бидејќи авионите летаат – вели нашата соговорничка.
Од агенциите што работат со чартер-аранжмани за Турција, Тунис, Египет и за Шпанија велат дека има откажување за Турција и за Хургада во Египет, но дека ситуацијата засега не е загрижувачка.
– Очекувањата се дека ова лето помалку ќе се патува за Турција, но цените нема да паднат. Напротив, поради зголемените цени на авиобилетите и на автобускиот превоз, може да има зголемување на цените на аранжманите – укажуваат од агенциите. Е.Р.